Куририте се здружија, ние лапаме муви по семинари!

Читам и слушам зајадливи коментари за новото здружение на провладините интернет портали. Како што е познато, новото здружение носи амбициозно име Асоцијација на интернет портали на Македонија, има амбициозни цели и во него членуваат порталите Курир, Прес 24, Нетпрес и уште седум други онлајн изданија, кои себеси, прилично нескромно, се самопрогласиле за најпопуларни и највлијателни.

Пред почетокот на летните одмори, Центарот за развој на медиуми свика претставници на македонските интернет портали и им ја презентираше идејата да оформат здружение. Како што тоа обично бива со ваквите иницијативи, инспирирани од желбата да се добијат фондови (читај: пари) од странски извори кои се уште мантраат за некакво „обединување“ на новинарската „фела“, падна предлог во едно заедничко здружение да се обединат сите позначајни интернет портали, без оглед на нивната уредувачка политика и ориентација. На состанокот беа присутни и претставници на провладините портали, како и на тие што се критички настроени кон власта. Секогаш „инвентивниот“ Центар за развој на медиуми, веднаш ја лансираше и идејата да покрене и нов агрегатор, па дури и ни испрати и нацрт-договор за таа идеја.

Плусинфо учествуваше на таа средба, но решивме иницијативата да ја следиме со внимание и со предострожност. Не верувавме дека е можно и дека воопшто има некакава смисла да се обединуваме со портали кои имаат различни, дури и спротивставени интереси со нашите (на пример, за крупното прашање дали воопшто ни е потребен нов закон за медуми). Едноставно, не веруваме во приказната за „обединување“ на „фелата“, бидејќи сметаме дека не постои ентитет кој може да се нарече „македонска новинарска фела“.

Македонските новинари се поделени на два големи табори – од една страна се тие што ја поддржуваат оваа власт, а таа обилно им возвраќа и ги корумпира; од друга страна се новинарите што ја имаат таа (не)среќа да работат во медиумите што ја критикуваат оваа власт и кои добиваат поддршка од Соросовата фондација и посредно, од други странски извори, преку неколку невладини организации од медиумскиот сектор. Можеби постои и нешто што може да се нарече некаква „златна средина“ меѓу овие два спротивставени табора, но јас не можам да ја идентификувам без да ја дефинирам како колаборационистичка или маргинална и во политичка смисла ирелевантна.

Концептот за единствено македонско новинарство е илузија. Упорно инсистирање на тезата за „обединување“, токму како и на тезата дека на медиумите кои не се под контрола и поддржани од власта не треба да им се помага директно, туку преку јакнење на „капацитетите“ на невладините организации од медиумскиот сектор, се покажа за нереално, а сега веќе и штетно. Додека провладините медиуми добиваат огромни пари од јавните фондови и од бизнис секторот кој директно зависи од власта како негов најголем бизнис партнер, новинарите од критички настроените медиуми добиваат директна поддршка само од Фондацијата отворено општество Македонија (со помошта оди и етикетата „соросоиди“ и „предавници“), а од другиот дел од цивилниот секетор „поддршката“ стасува во форма на семинари, конференции и иницијативи како таа на Центарот за развој на медиуми.

Нејсе, сум пишувал неколку пати на оваа тема и секогаш сум бил погрешно разбран и злобно коментиран – тажната вистина што ја соопштувам, водечките пропагандисти на власта ја оценуваат како некакво мое (наше) признание на „соросоидноста“, додека луѓето кои работат во НВО од медиумскиот сектор (и заработуваат многу, многу повеќе од новинарите чии „капацитети“ наводно ги билдаат) моите коментари ги доживуваат како напад врз себе и врз сопствената комоција. Уште една тура злоба нема да ми пречи. Сакам само да нагласам дека во такви, неприродни околности, се роди идејата за едно единствено здружение на интернет медиумите, која ние, во порталите кои се надвор од контролата на власта, ја доживеавме како „село гори, баба се чешла“ – повеќето од нас мака мачат како да обезбедат гол опстанок, а ваму ни се понуди нешто што значи трошење пари, ресурси и сили што ги немаме, за една магловита и прилично нејасна идеја.

Ете, времето брзо покажа дека сме биле во право. Дел од порталите кои беа претставени на таа средба, седнале и си направиле здружение. Се здружиле следејќи ги своите интереси, кои им се заеднички или блиски. Се обединиле природно, без да се измачуваат да не поканат и нас, опозиционерите, кои секој ден не следат на нишан. И добро направиле. Од името на Плусинфо и од свое лично име, јас им честитам и на нивното здружение му посакувам плодна и успешна работа. Нашиот портал, се разбира, нема да биде дел од новата асоцијација, но нема да ја чувствува како непријателска, туку напротив, доколку е можно, со неа ќе соработува.

Како уредник на порталот кој себеси со право и можеби и прескромно се нарекува како „еден од најпопуларните и највлијателните“ во Македонија, би сакал на колегите од медиумите со кои сме блиски и имаме навистина заеднички интереси, да им порачам дека треба да го следиме примерот на нашите колеги од провладините портали. И ние треба да се обединиме, за да ги штитиме нашите интереси и од власта, но и од мангупите во нашите редови. На Центарот за развој на медиумите и на другите невладини организации треба да им помогнеме, а ако треба и да ги принудиме, да ги сфатат своите заблуди. Тие мора да сфатат дека ние со колегите од корумпираните медиуми сме два различни света и дека обединувањето на тие два света би било не само непродуктивно, туку и штетно за слободата и за демократијата воопшто. Ако не сакаат да ни помогнат, ќе мора да им го одземеме правото да говорат во наше име и да се “грижат” за нас, а ние од тоа да немаме никакво фајде. Ете, нека им помагаат на куририте.

Колегите од провладините портали ни одржаа лекција, драги мои. Ние тоа треба да си го признаеме и да си извлечеме поука. А не да лапаме муви по семинари и да мислиме дека правиме нешто сериозно.

Извор ПЛУСИНФО

Leave a Reply

Your email address will not be published.