Куририте на режимот: како се вртат глави на насловни страни

Дневното порталче Курир го развлекува недвосмилено граѓанинот Слободан Унковски, угледен режисер и предавач на Харвард и Бруклин


Пред да ви кажам на која трага налета испекторот Clouseau, би сакал да ви кажам дека овие денови го гледав документарниот филм за J.D.Salinger, eден од најплодните автори на 20-ти век во Американската поп-култура. Што не е во ред со тоа? Ма, се’ е во ред, само што ред е и’ тоа дека со продуктивни автори доаѓаат на репертоар и тешки будали, на пример, познат ви е – Марк Чепмен? Кој е сега пак тој, ќе прашате вие. Тој е будала, како за почеток, кој, ене го, скапува во затвор повеќе од четврт век сосема заслужено и моли да го пуштат, ветува дека ќе се поправи и дека нема повторно да го убие Џон Ленон.

 

Ете, таков бил лаконскиот одговор на будалата Марк Чепмен, дури и тој сакал да биде познат и славен по нешто. Е, сега, кога не можеш да бидеш познат по нешто умно, паметно, тогаш дај-шта-даш. На ист начин функционира и државната пропаганда и нивното таканаречно новинарство наменето за „јавен интерес“.

 

Курир, медиумска работа за еден таков несој од луѓе, за некои толку замисливо човечко дно: за оние чија животна метафизичка вертикала се врти околу оние кои се далеку подобри од тебе, па ред е, кога се веќе подобри да ги измочаме и испосереме. Така е, ова се груби зборови, дури не приличи на ова место во кое се појавуваат, ама мора да бидат изговорени затоа што баш за тоа се работи, и за ништо друго: за темпираниот удар кон Слободан Унковски, ритуално прогласување на жртва како човек кој е „непријатен коментатор“ на општеството (како не’ учеше Карл Краус?) и Македонија, ако овие две работи не се веќе исто? 

 

Куририте на режимот го глодаат прилично експлицитно и недвосмилено граѓанинот Слободан Унковски, угледен режисер и предавач на планетарно угледните Харвард и Бруклин колеџ. 

 

А што, пак, тоа, им згрешил Слободан Унковски? Па, најпрво ова е погрешно прашање, затоа што подразбира и легитимизира една можност дека Слободан Унковски би можел да им наштети со тоа што само кажал еден „добронамерен“, а воедно и ноторен факт, за кој дури и лилјаците го знаат правецот каде подобро се лета, или дреме: Македонија во денешниот контекст е одвратна држава во која е најдобро човек или да умре или да се отсели. Затоа што на вакво перманентно лудило најиздржлив се само македонците и никој друг. А што пак, им рече Слободан Унковски на куририте? Па им рече дека „ако сакате да живеете, одете си од Македонија“. 

 

Сигурно се сеќавате на оној Монтипајтоновски скеч кога ликот ќе каже нешто „смешно“, а потоа ќе се појави табла на која пишува „шала“ (а joke). Токму ваква експлицитна самоидентификација од хумор предизвикува брутален хумор-ефект кај гледачот, оти и гледачот гледа со разумен минимум на образование и смисол и знае дека вистинската снага на хоморот е во наизглед – озбилноста. Џон Клиз и екипата, се паметни, духовити и креативни луѓе, па се зафркаваат со „таквиот хоризонт“ на гледачи. 

 

Овде, работата имено е обратна: колку помалу ум, стил и креативност имаат куририте, толку повеќе се нервираат, жилават, ги сврби „нештото“ поткожно, или што би рекол еден умен човек, „конзервативците отсекогаш биле тврди на уши, а меки на умот“.

 

Во Македонија е одвртно да се живее. Не само што Унковски зборува ангажирано, ами затоа што состојбата е неповратно отидена по ѓаволите, и за тоа најодговорна е владата и гавазите кои ја опслужуваат, сите апсолутно никои скриени позади треш-порталчето Курир. Сe’ сами анонимни билмези кои тука се’, ги гледаш, а не знаеш за што по ѓаволите служат! Служат единствено кога треба да се тркала нечија глава, или углед. Ако беше Славко Јаневски, по некоја случајност жив, во денешната македонска епоха, или Блаже Коневски? Интерпретациите се гигантски.

 

А, ако го прашаме испекторот Clouseau, би ни рекол: да се гледа ова како на простачка навреда, значи дека јалово ќе буричкаме по површината на олтарот на јавното понижување – ама и на имплицитната закана да заборавиме, би било неодговорно. Би било недоговорно затоа што ќе ни „кидне“ од дипотријата тоталитарното чувство за светот, или попрецизно: од неговиот (про)фашистички дел. 

 

Што значи дека агресивноста кон некоја личност – прилично успешна надвор од границите – ја деконструира постоечката свињарија, а таквата деконструкција безброј пати го покажа убиствениот потенцијал на режимот, што не може да биде ништо друго освен силна желба постоечките свињарии да опстанат, а заедно со нив и „мачоистичаката култура“ на насилие од кое не можат да се одвојат. Просто речено: не стана Унковски „гојдар“ затоа што рече нешто „неточно“, туку затоа што им покажа на Куририте на режимот дека вистината секогаш боли, или ако не боли, го убива редот на хипокризија од која добро профитираат оние кои ја скриваат токму таа и така искажана вистина. И фала му на Унковски за тоа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.