Куририте ја откриваат Америка

Куририте повторно дознаваат „ексклузивни“ факти што ги гарнираат со полувистини и лаги, за да докажат дека Соросовата фондација и извршниот директор Владимир Милчин упорно работат против власта. На надзорната расправа во парламентот вмровците се посрамотија, па сега нивните медиумски слуги мора на ваков начин да ја поправат штетата.

Фондацијата отворено општество Македонија работи транспарентно, според законите на оваа земја. Ако некој сака да ги открие „тајните“ на Сорос и на Милчин, едноставно, треба само да ја посети веб-страницата на оваа фондација. Милчин нема причина ниту да се крие, ниту да се срами од својот ангажман – што друго треба да прави една фондација која се залага за отворање и за демократизација на општеството, одошто да помага невладини организации, активисти и медиуми коишто придонесуваат за остварување на таа цел?

Комичен е начинот на кој куририте глумат „истражувачко новинарство“, објавувајќи документи од УЈП, патувајќи до вистината како човек што одлучил да патува од Скопје за Гевгелија преку Дебар. Тој театар им е неопходен за да се стекне мислење дека кутрите откриваат некакви „тајни“ и дека пласираат уверливи списоци на „инкриминирани“ личности, докажани опозиционери и божем сдсмовци.

Тука, се разбира, е и моето име. Куририте нагласуваат дека јас „експлицитно“ сум „признал“ дека медиумите во кои работам се поддржани од оваа фондација. Од што, претполагам, треба да се изведе заклучок дека сум бил изложен на некакво испитување. Тие не сакаат да читаат така како што е напишано – а во моето „признание“ пишува дека и одавам признание на Фондацијата која засега единствена директно ги поддржува медиумите кои се нашите последни островца на слободата.

А за тоа колку вреди „истражувањето“ на куририте, само еден мал детал. Тие тврдат дека Плусинфо и Либертас се на иста адреса, што треба да биде доказ дека се „сестрински“ сајтови (намерно не велат „братски“). Апсолутна лага. Меѓу другите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.