„Кучко ќе видиш што ќе ти се случи“ – со овие зборови власта се пресметува со своите неистомисленици

„Кучко ќе видиш што ќе ти се случи“, со овие зборови во една општина во централна Македонија неодамна ѝ се обратиле на вработена затоа што размислувала поинаку од членовите на владејачката партија, чиј кадар раководи со оваа единица на локалната самоуправа. Случајот е пријавен во невладината организација „Цивил“, од каде што велат дека во последниве години владејачката комбинација ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е во постојана кампања, а вработените во државните институции и општините се под постојан притисок, што уште повеќе расте како што се приближуваат претседателските и евентуалните парламентарни избори.

Во друг случај, објаснуваат од „Цивил“, во детски градинки во две општини во источна Македонија биле примени дел од оние 1.600 вработените во „Македонски шуми“, а луѓето што веќе работеле таму, ги распределиле на други работни места во руралните средини и на периферијата на градовите.

– Владејачките партии од 2008 година се во континуирана кампања поради што се исцрпува можноста луѓето реално да ги споредат политичките опции кога треба да гласаат – вели Џабир Дерала од „Цивил“.Притисоците што ги трпат луѓето се најразлични, од вербални закани па сѐ до реални постапки на губење работно место, деградирање, прераспределување. 

Гарантните листи, односно носење имиња и адреси на луѓе што ќе гласаат за одредена партија, според Дерала, се веќе вообичаена практика, исто како и ветувањата за предизборните вработувања. – Агенцијата за вработување веќе нема никаква функција, нејзината работа ја завршуваат партиските штабови – вели Дерала.

Како што објаснува пратеникот Самка Ибраимовски, во ромските маала во повеќе градови во земјава, веќе се прават списоци со имиња и презимиња и број на лична карта, што ќе бидат злоупотребени во изборната кампања. 

– Сега им ги прибираат личните податоци, а потоа ќе одат и ќе им нудат пари од 1.000 до 1.500 денари или пакети храна за да гласаат за нив и ќе ги заплашуваат дека според личната карта ќе знаат за кого гласале. А станува збор за сиромашните луѓе, дел и не многу писмени, што лесно се манипулираат и кои сѐ ќе направат за малку пари. Така одат и гласаат, а откако ќе ги потрошат парите за неколку дена, пак доаѓаат кај нас и се жалат дека имаат проблеми – вели Ибраимовски.

Веќе пишувавме дека од вработени во државната администрација и во локалната самоуправа повторно се бара да приложат список од одреден број лица што ќе гласаат за владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според информации што доаѓаат од засегнатите, од оние на повисока функција, односно на подобро работно место се бара гаранција од 15 луѓе. Потоа секој од тие 15 треба да регрутира уште тројца потенцијални гласачи.За локалните избори минатата година овие поткупувања одеа до крајни граници. Така, за глас на луѓето им се плаќаа сметки за струја, во една општина вреќа од 25 килограми брашно вредеше колку еден глас, им се даваа дури и водоводни цевки. Партиите на локалните избори на неженетите и немажените им ветуваа мажачка, односно женачка, а за претстојниве избори отидоа чекор подалеку и почнаа да им ветуваат пари, ако стапат во брак. 

Извор Плусинфо и Слободен печат

Leave a Reply

Your email address will not be published.