Кратки раскази

Неосвестеност

Се гледам себеси: седам во фотeлја како четиринаесеттогодишен, а на нозете имам патики „џорданки“; несвесно блеам во телевизорот на кој рипа и скока ужасно свесниот и физички доминантниот кошаркарски гигант со број 23. Тој разигран – јас скаменет. Гледам и неверувам – ги носиме истите „џорданки“. Неговите разиграни, а моите скаменети. Дрибла лево, дрибла десно, на него излегува Стоктон, а овој со брилијантен ролинг од тристашеесет степени го изминува малечкиот плеј на Јута и монструозно ја забива топката во кошот. Враќајќи се во одбрана, некој гледач од првите редови извикува: „Еј Џон! Наредниот пат најди си некој со своја висoчина.“ Машината за кошеви ги слушна овие иронични зборови и веќе следниот напад ја закуцува монструозно топката во кошот преку највисокиот играч на Џезерите. Публиката полудува а машината за кошеви оди до гледачот-конзумент, и му вели: „Дали ти беше доволно висок?!“ Имено, ниеден кошаркар со кој сум играл не ми се пожалил дека Мајкл Џордан го одвраќал од интелектуалните и уметничките способности за да во текот на сопствента кошаркарска професија играчот сфати дека се наоѓа во средиштето на шпекулацијата со човечкото тело.

***

Големо промаршување

Проблемот настанува кога сфаќаш дека времето во кое си ја поминал адолесценцијата најважни ти биле славата и парите. Некои луѓе тоа го нарекуваат амбиција. Доволно беше локалците да погледнат и да рашират: не промаршува; многу е добар; има нешто во ова дете; интерпретациите допираат до твоите уши – секогаш погрешно тумачиш, средината те прифаќа и тоа е сосема доволно за самиот да се убедиш: не ја сакам славата и парите – јас сум скромен – сакам само да ја усреќам мајка ми и’ да и овозможам патување во Москва и’ да и купам лисица околу вратот. После 16 години, ако ја прашате мајка ми, ќе рече: „Уште од малечoк беше амбициозен и остроумен“. А, ако ги прашате локалците, со сигурност ќе ви речат, „големо промаршување. ГОЛЕМООО!“

***


Страв од усна шуплина

Во септември, минатата година, му се судело на некој придојденец. Поштарот како во познатиот филм sвонел два пати: вратата ја отвара сопругата на обвинетиот, почнуваaт дијалог во кој се изрекуваат секојдневните колоквијалности, пејоративи и канони; на крајот од разговорот жената се потпишува како би ја потврдила службата, како би ја потврдила потврдата за примениот документ, како би ја верификувала работата на поштарот. Когнитивно-незаинтересирана, сопругата му ја дава поканата на придојденецеот кој тукушто станат од целовечерно спиење не знаe за што станува збор. „Судење“! – извикува придојденецот. „Идиот! Ем немаш скршен денар ем изигруваш голем ослободител“, резигнирано му возвраќа сопругата. Исказите во судницата биле чиста мимикрија на две братоубиствени страни. Судијката која го водела главниот судски претрес делувала како да ја погрешила професијата. Поставувала прашања со митамански и езотериски дух. Дури на моменти и халуцинирала: „Како вие знаете за тоа?“; „Од каде ви се тие информации“? и’ маса слични тривијалности. Кога завршила целата судска будистичка сеанса, поротата едногласно одлучува: придојденецот да биде казнет поради неговата муцка! Судот издал налог веднаш да се доведе врвен хирург, медицински вештак и крим-техника како би извршиле хируршки зафат и како би му помогнале на тужениот да ја затвори својата голема усна шуплина. Некои луѓе говорат дека придојденецот имал уста со пречник од четири метри; таква усна шуплина, велат луѓето, можела сите да ги проголта во судницата: тужителот, целата судска порота, дактилографот сосе машината на која била испишана пресудата – ВИНОВЕН!

***

 

Сите ние сме во затвор

Неверојатно за мене беше тоа што после осум години (а навистина немавме немавме доволно пари за одмор), поради некои добри околности (или да ги наречам космички) успеавме да отидеме на море. Нетрауматизираниот environment едноставно го тера човека да се сврти кон себеси, да размисли за својата мајка, за својата жена, за родителите, роднините и пријателите… за тоа бре што го има, и да го осознае нештото кое константно му бега (додека е на својата географска територија), додека е во својот дом, на работно место или во кафеана со своите пријатели. Има нешто во воздухот што те тера да мислиш, знаете… некакво чувство на воодушевување, некакво чувство на слобода; чувство за кое знаеш дека не си повеќе во стариот затвор и дека пред тебе ќе се појавуваат нови пространства и луѓе за кои цело време додека патуваш (до зацртаната дестинација) проектираш слики.


Но пред да почнам да пишувам за она што го доживеав на море, да ве потсетам на познатиот цитат на Рашид Амиру: „Во својата суштина, туризмот, како потрага по смисла, со друштвени разоноди кои ги фаворизира, сликите кои ги генерира, е механизам за прогресивно спознавање, кое е кодирано и’ не е трауматизирано од надворешноста и промената.


Ете не, стигнавме. Веќе сум на море. Агенцијата не смести во соба која имаше огромна тераса со поглед на некаква безлична улица која проектираше поглед кој гледаше кон морето. И туристичката агенција проектира слики, таа дури е и повеќе свесна за ризиците кои ги носи патувањето. Свесна е дека групата која се вози во автобус ќе метаморфозира во жива заедница која за неколку минути, после самото пристигање, ќе почне да комуницира меѓу себе и ќе проба да се одлучи за некаква колективна игра во вода – „бикини распаљотки?“


Откако жена ми отиде со групата, јас се одлучив за поинаква туристичка „дестинација“: го вклучив решото за да сварам кафе и се испружив на king size креветот. „Ете сум, на море сум“, си велам во себеси. Почнав да се sверам во плафонот, а ер-кондишнот почнува да фучи и’ да капе. Жив сум, здрав сум, слободен сум но, нешто ми недостига. Ја отворив торбата и прво нешто што направив – ги извадив моите шорцеви Чикаго Булс, ја откопчав црната педерка и ги извадив наочарите Реј Бан кои ги купив на Зелено пазарче. Го испив кафето, фрустрирачки испушив две цигари, се облеков и пред да излезам од собата, на мала прошетка низ Грчкиот полустров, се погледнав во огледалото: лицето ми изгледше тажно и смушено, ама сеедно, излегов да се проветрам и да пробам дали ќе ги задоволам моите симпатикус-инстинкти; помислив дека е доволно да се пешачи и набљудува и дека страста ќе дојде сама од себе; дека ќе дојде предизвикот или што и да е. Со вакво размислување, прашањето е дали јас воопшто барав предизвик?


Знаете, додека сте дома немате голем маневар за размислување. Работите секогаш се одвиваат според некакви шеми и шаблони и тука најчесто суштините ви киднуваат а сетилата како да се огрубени и млитави. Имам безмалку триесет и две години; кошарката која ја играв страстно и жолчно како да изгуби секаков допир со мене; тој човек повеќе не постои. Нозете ми се атрофирани, мускултура спремна за фото-шоп, а стомакот ми изгледа како на некој смешен бирократ. Но што јас воопшто размислувам? Дали јас се трудам со тоа што дојдов на одмор дека ќе можам да си ги средам елементите на мојот живот?


Деновите изминуваат исто: кафе, пешкири, влечкање на плажа, сонцобрани, сан-фактор креми и неподнослива досада на лежењето – да ги изразам метафорите, ме разбирате?… и се така додека не почне кожата да ви црвенее или поцрнува; ако е црвена почнуваш панично да се мачкаш се’ со цел да дојдеш до идеалниот тен во кој ќе можеш домашните да ги фасцинираш со бојата, а богами и дестинацијата.


Кога љубовниот живот ќе заврши, животот добива некаков конвенционален и присилен набој. Никој не спори дека не се одржува човечката форма, вообичаеното однсеување: „здраво, како е“, ма знаете за што зборувам – нешто како структура. А таквата структура ви вели дека се е во ред, дека работите се нормални и човечни, но не е така – срцето е празно, ме разбирате? Сакам да кажам дека осознав и дека се’ уште осознавам работи, појави, симптоми; знам да ги начекам скриените патологии, историските дивергенции и сл., но прашањето кое мора да си го поставам е следново: ако не сум ја сфатил љубовта, што ќе ми е ако сум го сфатил останатото?


Кога си на едно место, кога си сам на летување, имаш можност да ги наоштриш перцепциите и чувствата и’ да ги осознаеш преостанатите триста педесет и пет дена кои изминале во твојот живот. Ме разбирате? Зборувам за моментот кога си сам измеѓу четири sида: убаво е човек засекогаш да остане дете – ме разбирате? Да се има силна личност, да се биде голема личност и никогаш да не се престане да се бараат прашањата. Само прашања, ништо повеќе. Како големит мислител Сократ. Секогаш кога поставувал загонетки, луѓето се прашувале: „што мислеше Сократ со она?“; „а што пак, сега, мислеше Сократ со ова?“
Последна вечер од мојот одмор на Грчкиот полуостров. Лежев на мојот king size кревет и како некакво резиме, повторно почнав да набројувам работи, присетувајќи се на човекот кој четиринаесет години играше кошарка и човекот кој сега е смушен и потиштен, без разлика на влажниот морски воздух, залечениот гастритис и синусите…, и без разлика на новиот исончан темен тен: ја запознав омразата, презирот; дури запознав и кратки мигови на љубов; ништо не ќе преживее од мене; и не заслужува да преживее; jaс сум просечна фигура во секој поглед, ме разбирате? Ние македонците не веруваме во ништо. Нихилисти сме. Без разлика што државата ја водат луѓе кои се во спрега со Бога. Ние сме луѓе кои многу работи забораваме затоа што туѓите лудила ни се драги; тaква е нашата храна која најчесто ја прежвакуваме за потоа истата да се’ претвори во крв. Сигурен сум дека кога ќе се вратам дома повторно ќе има бркотници и подвали; како се да е поставено на смртна постела во која легнуваат имиња на луѓе кои не ги познаваме а сепак ги читаме. Така нека биде и ова мое писание, кое е интимно и лично и кое ќе биде некакво штиклирано квадратче на смртта, далеку од родната колепка, далеку од Македонија.


Но верувајте, не се потресувам. Пишувам, и тоа е доволно. Утре ќе дојде некој друг човек кој ќе напише некои други зборови кои ќе бидат подобри и по-автентични. А мене, мене ќе ме заборават, како што ќе го заборават и ова мое писание кои е напишано некаде во воздушниот меѓупростор на две земји, Грција и Македонија. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.