Крахот на Ивона
Поделбата на стари и млади новинари е лажна дилема. Работите се многу едноставни, бидејќи, во крајна инстанца, сѐ се сведува на тоа: или знаеш или не знаеш да пишуваш. Оттука, нема потреба работите да се мистифицираат или да се комплицираат. Но, бидејќи во режимот сѐ се врти околу перцепциите, ние од оваа тема не можеме да избегаме.
Интенција на режимот е темата за медиумите и за новинарството да ја тривијализира до тој степен што ќе ја претстави како судир на старото и новото. Или, малку поинаку кажано, уништувањето на медиумите и упропастувањето на новинарството, режимот сака да го објасни како болна и нужна деструкција, како фаза на проветрување по што ќе произлезе нешто ново и модерно. Демек, старите и истрошени новинари треба да се истиснат за да се отвори простор за младите. Оттука и гладта за нови имиња, за нови ѕвезди на медиумското небо.
За жал, манипулацијата дека состојбите ќе се променат со френетичната потрага по нов тип новинари, кои ќе бидат свежи, атрактивни и полетни, не е заблуда што е форсирана само од власта. И опозицијата одвреме-навреме дава свој придонес во оваа астеризација на новинарството. Но, токму деновиве, се случи самракот на една новинарска ѕвезда. Ивона Талевска, која направи брза и „успешна кариера“, е на добар пат да ја промени професијата или привремено да биде тргната настрана. Нејзиното трескање од земја беше болно и бучно. Тресокот беше толку силен, а штетите се толку големи за режимот, што власта мораше да ја активира операцијата – „дефокусирање“. Како? Па, со помош на активирањето на „позитивни мерки“ – Владата, конечно, се смилува да го решава проблемот на стечајците и на професионалните војници, нешто што одбиваше да го направи со години. Којзнае, некој можеби и ќе се сеќава некогаш дека овој мини социјален пакет бил инспириран, односно, бил инхибиран од млада новинарска ѕвезда, која преку ноќ – згасна!
Сега од Ивона перат раце нејзините налогодавци, партнери и компањони, што е уште еден доказ колку режимот знае да биде безмилосен и студено пресметлив спрема секој што ќе го добие статусот на жртва или на кабаетлија. Во вакви ситуации, не треба да се биде ниту злобен, а ниту лажно сентиментален. Најдобро е човек да се држи до вистината.
Метеорскиот успех на Ивона е една од поголемите иронии во македонското новинарство. Немам намера да се занимавам со феноменологијата на нејзиниот подем, а уште помалку сакам да анализирам зошто и како стана симпатична и блиска на овдешната публика. Фактот дека излезе од шинелот на Латас и дека набргу стана една од ударните тупаници на режимското новинарство, беше доволно уште во старт да биде оценета како опасна и како антипатична. Таа, во секој случај, според ниту еден критериум не заслужува да биде третирана како новинар. Се надевам дека по аферата со тендерскиот бизнис ќе им се отворат очите и на наивните и на заблудените, па, така, крахот на Ивона ќе означува две работи: машината на режимот за лаги и за манипулации останува без едно свое шрафче, а некои луѓе на режимот добија камче во чевелот што сега сакаат да го фрлат! Во секој случај, задоцнета, но заслужена разврска за една манипулаторка и блеферка!
И додека режимот трага по нови новинарски ѕвезди, старата гарда не се предава. Имено, забележливо е дека меѓу корифеите на т.н. критички дискурс, главно на порталите, доминираат искусни новинари, луѓе со побелени коси, некои како мене, кои одамна навлегле во зрелата возраст и кои веќе важат за ветерани во новинарството. Значи ли тоа дека „без старца – нема ударца“ или, пак, дека иднината и честа на новинарството ќе бидат одбранети со помош на старите и проверени кадри? Глупости!
Фактот што искусните новинари станаа „ѕвезди“ на алтернативната медиумска сцена, односно, на маргините на она што се нарекува медиумски простор, несомнено, е уште една иронија во историјата на македонското новинарство. Ангажманот на ветераните не е гаранција за квалитет (нема потреба од такви панагирики и патетики), туку е сигнал дека состојбите се трагични и се многу опасни. Ако новинарите што се формирале и работеле во едноумието, денес, укажуваат дека состојбите во новинарството и во општеството се полоши од оние во времето на комунизмот, тоа не е злоба, туку е сериозно предупредување.
Јас не можам со сигурност да тврдам на колку млади новинари им е упропастена кариерата поради тоа што во овие седум години се најдоа во режимското менгеме. Но, откако слободното новинарство е истиснато и е набутано на маргините на општеството, кога е сведено на алтернатива што му пркоси на системот, создавањето новинари, а уште повеќе – нови новинарски имиња, стана една голема бесмислица.