Контроверзниот Субрата Рој главна тема и во Индија и кај нас

Утрински пренесува додека македонските власти чекаат во земјава да допатува индискиот бизнисмен Субрата Рој, тој во Индија повторно е главна вест. Индиските медиуми пишуваат дека во неможност да се потврдат големиот број обврзници во случајот „Сахара“, индиската комисија за хартии од вредност (СЕБИ) почнала процес на консултација со бизнис-групацијата за потврдување на автентичноста на инвеститорите. Од „Сахара“, пак, порачале дека се подготвени за целосна соработка со регулаторот.

Инаку, Врховниот суд уште минатата година донесе одлука со која побара од двете фирми, „Сахара Индија недвижнини“ и „Сахара инвестиции за вдомување“ поврат, преку СЕБИ, на повеќе од 5 милијарди американски долари со камата.

СЕБИ уште тогаш објави дека „Сахара груп“ должи 4,38 милијарди долари, а групацијата во меѓувреме уплатила само 934 милиони долари. „Сахара“ пак, тврди дека останатиот износ од 3,65 милијарди долари им го има вратено директно на две компании што купиле нејзини обврзници. Ова нејзино тврдење допрва ќе се утврдува од независни извори.

„Во пилот-проектот за верификација, спроведен од СЕБИ, се откри дека огромното мнозинство на овие инвеститори е неможно да се следи“, се вели во извештајот на регулаторот објавено кон крајот на минатиот месец. Според индиските весници, затоа СЕБИ сега имплементира механизам за одржување консултации со групацијата за верификација на тие инвеститори кои се или без можност за следење или чии ингеренции не се во состојба да се потврдат.

Освен во Индија, случајот со индискиот бизнисмен е топ вест и кај нас поради најавените инвестиции. Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески минатата недела изјави дека индискиот бизнисмен на 11 јули ќе пристигне во Охрид, кога се очекува да бидат соопштени поединости околу текот на подготовките за реализација на проектот „Сахарјан Македонија“.

Неодамна претставници на оваа индиска компанија од локалната самоуправа побараа дополнителни 17 хектари земјиште на локацијата на која е предвидена изградбата на луксузниот туристички комплекс, кај автокампот „Љубаништа“, на површина од 240 хектари.

Притоа како објаснување било посочено дека дополнителните 17 хектари се потребни за изградба на сместувачки капацитети наменети за персоналот што е предвидено да го опслужува комплексот.

Според најавите, Рој на 12 јули во Охрид ќе организира и свечена вечера на која ќе присуствуваат премиерот Никола Груевски, министри, како и членови на дипломатскиот кор во Македонија.

Рој во македонските медиуми деновиве беше топ-тема и поради градежната парцела со површина од 621 квадратни метри спроти споменикот „Воин на коњ“, каде што треба да се гради споменик на Мајка Тереза.

Извор utrinski.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.