Кон „Подемот и падот на кабарето“

Милчин е гуслар. Последен во милениумската традиција на пренесување идеи, информации и вредности на другите генерации преку патувачките гуслари – е Милчин. Поточно, неговата претстава „Подемот и падот на кабарето“. Овој гуслар вратен од иднината, ни ја испеа епската трагедија за создавањето и уништувањето на самостојната македонска држава, Третата Република. Од нејзините пијани почетоци (пијани од среќа, но и од обична, ефтина ракија) во раните девеесетти, до нејзиниот слом (како деморатска) во втората деценија на дваесет и првиот век.

На моменти сцената е како слика на Рембрант, сите ликови се детално разработени и портретирани, но Рембрант можете да го гледате со часови за да видите се, на сцената имате само миг, потоа исчезнува сѐ. Кој видел, видел, кој не, здравје. Нема да има втора шанса. Исто како и во животот, ако не си постојано свесен нема да осознаеш, нема да приметиш, ќе ти избега контекстот и нема да знаеш што е вистина, а што добро одиграна пиеса. Со други зборови, ќе те лажат в лице, а ти ќе веруваш.

Во три слики нѐ опеа сите. Како почнавме, каде згрешивме и како ќе испоцркаме. Најбитно од сѐ, јасно ни нацрта дека нема да испоумреме како достоинствени битија, туку како измрцварени остатоци од луѓе. Истоштени, обезличени и обесчестени креатури способни само да се истетерават до својот крај.

Leave a Reply

Your email address will not be published.