КОЛОСАЛНА ЗБРКА

Македонија во идејно-политичка, како и во културно-критичка сфера, е во рангот на Афричките земји, па оттаму слободата во медиумите е на 130-тото место

Во држава која претендира да биде Европска, или има слобода на говор или нема. Во една Европска земја слободата на говор е Уставна категорија, загарантирано право на секој еден граѓанин! И тоа е се’! Но, ете го, “носот почнува да ми вибрира“ (?) кога го гледам добро познатото “трио фантастико“, распашани и разурлани како низ “цацина кафана“.

Што е она за кое Линиските судии на нашето новинарство, режимските трубадури Латас, Мирка, Миленко и останати јанковци и мирковци – крстени имиња на малите малограѓани кои дремат во “локалниот двор“ сонувајќи за светот, космосот и стратосферата на еден перверзен начин – одлучуваат Арбитрарно на полемика “Што да се прави со новинарството“ и како истото би се регулирало?

Мирка Велиновска истрча на терен и почна да мафта со своето знаменце – во нејзиниот говор и начинот на кој ги интерпретира “проблемите“, повеќе од јасно е дека ова Режимско пискарало е опседнато од рецидивот на нејзината повеќегодишна опсесија на судење и пресудување. Имено, зеде да ламентира како да се “уреди новинарствoто“ и “откривајќи ни ги односите“ во тешките “јавни операции“, професорката по историја (така ни рече “кај Јанко“) зеде да ги ликвидира со таква простачка леснотија: цели класи, граѓанското општество, воведувајќи ни диктатура на пролетаријатот, скок од една до друга “опозиција“, ги оценува “привилегиите“, дава “насоки“, испитува “трендови“, одредува кој е “лево“ а кој “десно“, арбитрира што е тоа “јавен интерес“… Професорката (така ни рече “кај Јанко“), мафта со знаменцето одделувајќи ги овците од јарците, праведниците од грешниците…

Имено, кога госпоѓата историчарка (така ни кажа “кај Јанко“), заедно со нејзината братија би се занимавале со своите компетенции – едниот да ни расправа за шарпланинци и автомобили, другиот да ни расправа каква шармерска “сорта“ е во вечерните часови низ скопските-провинциски-биртии, а, професорката-историчарка, за автори од рангот на Мартин Гилберт, тогаш мојата маленкост би била последна која би сакала да си има работа со нив. Ама, извинете, тие лакрдијашки МАНИПУЛИРААТ СО НАШИТЕ СУДБИНИ, земајќи си го правото како Касапи да арбитрираат наспрема некои “ориентации“ и “координати“, така што си присвојуваат некаква “агитпроповска“ аура.

Ако малку сте биле повнимателни, тогаш лесно се гледа, дека се работи за КОЛОСАЛНА ЗБРКА, подеднакво идејно-политичка, како и културно-критичка.

Факт е дека, сите овие години, оваа братија распродава еден–те-ист-колбас на декаграми низ сите можни режимски телевизии, а тоа ни говори дека таквото праволиниско мртвило во текстот (и говорот) – никој здраворазумен не го чита. Па оттаму, сакаат се да регулираат со закон како би успеале преку државно субвенционирање “водата да тече на нивниот млин“. За таканаречените “пазарни платформи“, праволиниското пискарало Латас прилично горделиво, како некаков “рудиментиран паун“ и обзнанува на нацијата дека е најплатениот и најуспешниот новинар. Ептен револверашки, нема што!

Да ви кажам за што всушност се работи? Се работи за тоа, да идеолошката плиткост и про-режимската мутавост што одекнува во текстовите на скопкиот професор на Политологија, Д. Павловиќ, и скопската професорка – историчар, М. Велиновска (така ни кажа “кај Јанко“), неизмерно штетат на Реалното Расчистување на конкретни, морални и идејни несогласувања во нашите средини. Немајќи никаква основа да имаат авторитет во новинарството и политиката, освен што со својата сплеткарска методологија, ствараат забуна помеѓу новинарите, внесуваат и еден догматско-рецептолошки дух на едни бајати и потрошени идеи, се со цел, нивната организација или нивните новинари да ги држат во страв. Сосема другата работа е тоа што овдешните закони се до таа мера произволни, од причина што некој на некому е должен ова, па сега мора да го поддржи она, а за возврат го добива тоа, итн.

Видете, овде одамна ништо суштински не се случува, затоа што позади таквата “суштина“ не стои ништо: ни личност, ни дело, ни силни идеи…, само мувлосана метафора, сплеткарско-политички трансфери и наследена стихија. Каде сум јас во сета оваа приказна? Појма немам! Ќе продолжам да ги купувам сите весници и се разбира, да ги читам, да гледам каде “носот ми вибрира“ и да напишам слободарски за тоа што мислам дека треба да се напише. А законите не ме интерсираат, не затоа што не ги почитувам, ами затоа што гледам дека ниеден од тие закони не прави да имам подобар и поквалитетен живот, било да се работи за “локаланата средина“, било да се работи за вселената, косомосот или стратосферата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.