Колку вредиме на трансфер-пазарот?

Некако не ми лепи онаа народната “прост народ силна држава”. Само заради една причина. Ако си темелно необразован и ако не ги научиш основните почетнички чекори, тешко дека ќе заиграш на орото предводено од оние кои одделуваат од својот џеб за ти да се образуваш, интегрираш во општеството, да научиш, споделиш и на крај да се зачлениш во ”клубот 28”.


Македонија е една од ретките земји во рамките на континентот Европа каде стапката на необразовани (темелно) граѓани е толку висока што едноставно е во недоглед од густите кумулуси.


Неедуцирани граѓани – идеална позиција за секоја тоталитарна власт (во припрема) што од срце го посакува. Не заради тоа што граѓанинот како индивидуа е необразуван, нешколуван, неедуциран (а човек учи додека е жив), туку од причина што со таквиот многу лесно се манипулира. Нешто слично како со марионета. Едноставно соголи го до гола кожа, наметни му 2-3 наци-фашистичко-патриотски тези во кои ќе се залета без да изброи до три, наполни му ја празната глава дека се што постои на овој бел и шарен свет има потекло македонско, инсталирај му “бубачка“ дека комшијата го мрази и го презира по секоја можна основа, дека сите околу него (надвор од трлото) се предавници и шпиони. И толку од човекот. На крај дај му го најважното за него – 6000 денари, ништо повеќе. И го имаш тој човек за век и веков, заедно со неговата душа (доколку ја има).


Ова е како увертира на прашањето кое некако се провлекува изминативе дваесет години, посебно во последните 5-6, а сите молкум или го затајуваат или бегаат од него како да е чума.


ЗОШТО И ДО КОГА, ОДРЕДЕНА ГРУПА НА ГРАЃАНИ, ПОЕДИНЦИ, АКТИВИСТИ, СЛОБОДАРИ ПО ДУХ, ЌЕ ЈУРИШААТ НАПРЕД И ЌЕ СЕ СПРОТИВСТАВУВААТ НА ЛОШИТЕ ПОЛИТИКИ НА СЕКОЈА НОВОДОЈДЕНА ВЛАСТ, ДОДЕКА ПАК “ОСТАНАТИТЕ” ЌЕ ГЛЕДААТ СЕИР ОД СТРАНА?


Со оглед на фактот дека власта и опозицијата во Македонија отсекогаш си играле “на-ти-го-дај-ми-го” , или во пластичен превод: ај сега ќе се плукаме малку, а после кафе ќе те частам, ваквата категоризација ја ставам рубриката “ОСТАНАТИ”, место за сеирџии, локални полтрони, партизираните административци, таканаречените интелектуалци (маде голо), корумпираните артисти и уметници. И така натаму. Сите овие набројани “тапшачи по рамо” еден ден први ќе излезат од дувлото и ќе ти плеснат в лице дека сето она што го работиш или си го сработил е за голем поздрав. Алал да ти е момче, арно им покажавте. Се со цел да си ги остават своите задници прилепени на кожното столче. Едноставно да си го продолжат својот административен мандат со изговорот: “Знаеш навистина сакав да ви се приклучам, ама ќе ме избркаа од работа, ќе ми се закануваа преку семејството”.


Во ред. А што, демек овие се ненормални, немаат семејство, кредити, работа? Не бре човек. Ти доколку навистина си сакал ќе си се приклучел без ниту една предрасуда. Крајно патетично и жално.


Велам жално, затоа што ми е жал за нив кутрите, случајно во меѓувреме, лежејќи под канцелариските клима-уреди, да не си ги испотат залоените дебели газови па да не ги фати некоја настинка.


Жал ми е за нив кутрите, кои со високи потпетици, со скапи ташни Версаче и шминка од шанел, да излезат на лажирани контра-протести на жешкиот асфалт, претставувајќи се како светла иднина на македонскиот аграр.


Жал ми е за нив кутрите, кои за да се вгнездат во партизираната, пренатрупаната и неефинасна администрација минале трнлив пат од лепењена партиски плакати и делење на пропаганден материјал во 3 часот изутрина, за да можат сега да ги берат плодовите од таа жетва.


Жал ми е за нив кутрите кои во секој момент се спремни да ги отворат своите широко-лакоми анусни отвори, како би останале уште ден повеќе на работното место.


Жал ми е за нив кутрите кои секојдневно се приморани да трпат мобинг од своите партиски шефови-директори дека ако се нечесни и нелојални кон нивниот лидер, “севишниот” може да ги изгори во пеколот.


Жал ми е за нив кутрите, гревчиња, неизживеани, искомплексирани, кои површно веруваат дека се што е убаво – вечно ќе трае. Ги жалам затоа што се ситат на маката и трудот на оној другиот, ближниот, довчерашниот.

 

Хммм… Доколку горенапишаното некој го доживува како иронија или пак некаков вид на пародија, еве нешто за што навистина искрено од срце жалам.


Од срце ги жалам кутрите ни земјоделци (оние вистинските, без силикони), измачените, прерано остарените, со згрутчени раце и испиено лице. Жал ми е што во денешно време субвенциите ги доживуваат како некоја про-европска агенда, некоја модернизација во земјоделието, финансиска инекција за подобар развој. Всушност ја доживуваат онаа старата, народната: “од денес за утре”. Вистинскиот колач, парите наменети за вистинскиот земјоделец, лежи на трезорските сметки на неколку индивидуи-олигарси, приклонети кон власта. Субвенциите се нешто што законски ви следува, нешто за кое во текот на целата година плаќате данок, арач, дали преку сметката за телефон, струја, вода и останато. Значи парите се ваши, само што со тие “перја” некои други се “китат”. За жал.


Исто така ми е жал а истовремено ми се гади кога гледам како оваа осетлива категорија на граѓани (земјоделците) полека се претвора во комерцијален и економско-пропаганден медиумски простор на мегаломаните на режимот. Земјоделецот полека ама сигурно се третира како инструмент, како рекламно пано, како подвижна реклама, со маичка од 100 денари обесена на неговите рамена и капче на главата. Причина повеќе за реинкарнација на власта.


Не можам а да ги одминам и да не ги споменам и граѓаните кои се вработени на определено т.е половина работно време. Дали кутрите навистина се надеваат дека еден ден сите ќе добијат решенија за полн работен однос? Како ќе се реализира тоа кога и моменталната бројка на вработени во администрацијата треба да се преполови. Не драги мои, се лажете, или некој ви ја дава таа лажна надеж. Да, ќе се вработи некој. А тој некој ќе биде или синот на “владиката” или ќерката на “попот”. А вие, вие и понатаму ќе мрзнете по митинзи, ќе трчите по партиски агенди, ќе се туткате по автобуси како сардини. За што? За 6000 денари. За толку пари ќе ве “имаат во крпче”. Најверојатно таа е вашата цена на “трансфер-пазарот”. За жал.


Колку како поединец секој од нас вреди на тој трансфер пазар?
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.