Колку чини дипломатскиот рингишпил?

Веста овој пат не е дека Авировиќ, како и некои други амбасадори, ќе биде сменет на половина мандат, туку дека од Њујорк ќе замине за амбасадор во Тел Авив, од каде што, всушност, дојде пред да стане шеф на мисијата во ОН, исто така, по само две години службување. Тоа значи дека Авировиќ, кој еднаш ги предаде акредитивите во Израел и еднаш организираше збогување, сега мора да се појави пак пред истите институции во Тел Авив со истата процедура и со нарушен кредибилитет, бидејќи предвремено беше повлечен.

Иако најдрастичен, случајот на Авировиќ не е единствен. По само две години преместување на амбасадорската функција доживеа и наследникот на Пајо Авировиќ, Петар Јовановски, кој од Индија дојде во Израел, од каде што, пак, ќе си оди за да му отстапи место на неговиот претходник, бидејќи ќе замине во пензија.

Дел од ваквиот дипломатски рингишпил е и именувањето на Даниела Караѓозоска за нов амбасадор во Канада, која доби преместување за да му отстапи место на ексминистерот Антонио Милошоски во Загреб, каде што таа службуваше неполна една година.

И да се компензираат ваквите преместувања со пролонгирањата на мандатите на некои од амбасадорите на други дестинации до рекордни граници, тие зборуваат за неконзистентност во кадровската политика и третирањето на мандатот како крајно растеглива категорија, а повлекуваат и финансиска штета, бидејќи рокадите на амбасадорите од една до друга дестинација повлекуваат разни трошоци на сметка на државата.

Освен авионските карти за цели семејства, преносот на мебел и слично, тоа повлекува и трошоци за раскинати договори за рентирање на резиденциите и трошоци за провизии за наоѓање нови, ставки на кои оди најголем дел од буџетот на МНР и кои често со месеци паѓаат на грбот на дипломатите.

Со новиот закон за надворешни работи мандатот на амбасадорите, конзулите и дипломатите и без тоа беше скратен од четири на три години со дискреционо право да биде продолжен, па со самото тоа трошоците за нивно ротирање, генерално, беа зголемени, а рокадите како овие, по кратко службување, се дополнително луксузирање на грбот на даночните обврзници. 

Извор Утрински

Leave a Reply

Your email address will not be published.