Која е приказната на опозицијата?!

Понекогаш ми доаѓа да мислам дека комплетната опозициска формација постои како општествено- политички, идеолошки и културен филтер низ кој разумните идеи за смена на власта и за преобразба на општеството влегуваат како некаква, макар и млитава ерекција, а излегуваат како тешка национална импотенција. Како да се прва линија на одбраната на режимот на Надвојводата Шарло и на неговата екипа на чипираните идиоти! Бром во војничкиот грав на Македонија како вемеровски гарнизон!

И не само што ми доаѓа да мислам така туку на таа слика сè почесто гледам како на објективизиран негатив од едно историско поведение кое не мора, и веројатно не е, сврзано со никакви одлуки или со свест во врска со тоа! Но, самото постоење на Црвенковски и на неговата партија во форматот што го знаеме беше доволна гаранција дека во македонската градина ќе се развие и ќе цвета пирејот на вемерето, а дека Заев е одбран затоа што тестирањата покажале дека тој е најдоброто енпека за успешен развој на груевистичкиот тревен канцер!

Кога ќе го видам анфасот на Стево Пендаровски од билбордите на здружената опозиција постојано мислам дали човекот е снимен во кабините на франкфуртската железничка станица или е тоа поза што може да се добие и во фотокабините на аеродромот во Куала Лумпур: кандидатот за претседател тука гледа преплашено како да е Никола Груевски во моментот додека зјапа во литературата за седмо одделение!

Кој е филтерот, сакам да прашам, низ кој оваа фотка поминала од идејата за победа, до поразот како идеја? Или, да кажеме, на што се должи нагласената исплакнатост на комплетната политичка мисла што делува како да е резултат на напорите на раководството да се сети на нешто додека си ги чеша јајцата во пиџамите на утринската слобода!

 

Пред осум години вмро дојде на власт како партија што беше опремена со една комплексна приказна во која имаше најмалку осум наративни линии: антикомунизам, антијугословенизам, антисоцијализам, антиалбанизам, антииндивидуализам, декриминализација на транзицијата, посебно на пљачкашката приватизација, антисдсмизам и антибранковизам односно антиглигоровизам!

Збирот на сите тие “анти” беше понуден како “Преродба” во сто и кусур чекори!

Тоа беше моќна приказна околу која се мобилизираше простиот македонски човек, а богами и човекот кој не изгледаше толку прост тогаш (за разлика од сега!?).

Што е денеска на менито освен таа коска што македонското политичко биглче не ја дава?

 

Да речеме, ја нема приказната за девмровизацијата која е клучна не само за македонските перспективи туку и за македонското преживување. Социјалдемократската опозиција мисли дека преку девмровизацијата би се легитимирала како антимакедонска опција, таа мисли дека во вмро се најприродните национални корени, факт кој таа не го доживува како контрадикторност со самата суштина на политичката борба, со државата, со нацијата и со општеството?!

Второ, нема реафирмација на југословенското искуство како единствено, епохално и неповторливо искуство на слободна Македонија и на луѓето во Македонија; обратно, продолжува дистанцата од тоа искуство како клучен елемент на актуелната политичка легитимација; нема ниту траги од реафирмација на социјализмот како феноменална идеја на братството и еднаквоста и културата; нема ништо ако под ништо не ја сметаме ништовната идеја за враќање на средната класа или други тралалајки какви што беа заложбите на една пребогата госпоѓа за еднакви шанси на нејзините деца и на децата што немаат што да јадат! Ја нема социјалната сатисфакција на битката за промена на власта преку експропријација и национализација на незаконски стекнатиот имот. Ја нема дефиницијата на противникот како Злосторнички потфат!?

 

Која е, сакам да кажам, приказната на опозицијата?!

 

Не можете да се движите во идејните и културни координати на вмро и да сакате да ги победите. Односно, можете да сакате, ама нема да можете. Во тие координати вмро најдобро ја артикулира претполитичката (не)култура на Македонецот. Работата е во тоа, што би рекол другарот Маркс, тие координати да се растурат и да се воспостават комплетно нови стандарди. Тоа од што опозицијата нема абер!

Leave a Reply

Your email address will not be published.