Кој не сака да се бори – нека трпи!

Новинарка по смс-порака добила отказ, зашто напишала нешто лошо за градоначалникот кој е од партијата на власт. Сега вели дека е шокирана. А до вчера работата и била ујгун.

Главен уредник им се жали на своите читатели дека не можел да ја објави својата колумна на истото место на која ја објавува веќе дваесет години.

Жртви на сомнителна сообраќајка бараат возачот за кој тврдат дека е виновен, а случајно е од партијата на власт, барем да им се извини. Барем…

Госпоѓа која донирала пари за кампањата на партијата на власт, бара да имаме разбирање за неа, бидејќи „сите морале така“ и бидејќи таа „не знаела“ дека тоа ќе се обзнани.

Учителки и негувателки секоја вечер одат на митинзи на партијата на власт и секое утро очекуваат разбирање од родителите за нивниот премор. Бараат децата да бидат мирни и послушни. Додека се расонуваат со кафе и цигари.

Човек бил претепан зашто сакал да си влезе в куќи, но на неговата улица имало митинг на владејачката партија. Полицијата му удрила ќотек и се заканува дека ќе му стегне пријава. А тој нема храброст јавно да си го каже името. Го пишуваме со иницијали.

Нема ден да не објавиме по некоја ваква вест. За луѓе кои ги губат здравјето, работата и достоинството, а страхуваат дека ако не си помолчат, уште многу ќе изгубат. За луѓе кои прават срамни работи за да добијат милост од партијата на власт и од нас очекуваат разбирање, бидејќи времето, нели, било такво.

Веќе немам разбирање за таквите луѓе. Вчера не дозволив моите колеги да им се јават на луѓето оштетени во сообраќајката. Зошто да им се јавуваме? Ако имаат потреба, нека се јават самите. Ако се задоволни, зошто да им го расипуваме задоволството?

Доста водиме туѓи битки. Доста се бориме за слободата на луѓе што сакаат да робуваат, за достоинството на тие што се спремни да го жртвуваат за трошки привилегии. Ајде, за промена, малку секој нека се бори за себе. А ако не сака или не може – нека трпи! Малку му е ова што му го прават…

Leave a Reply

Your email address will not be published.