КОЈ НАПРАВИ „ЦИГАНСКА РАБОТА“

Злоупотребата на неколку Роми за порака полна со расизам ги понижи сите граѓани на Македонија

Не е тешко да се погоди кој направи „циганска работа“ сакајќи да го исмее градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и’ соопштија на јавноста дека шарени тераси од „папагалски“ тип има само на згради во Тирана. Власта не се дистанцира и ни со еден збор не ја осуди грубата злоупотреба во политички цели на неколку Роми јавно да ја пофалат новата фасада на една зграда во центарот на Скопје. Ромите беа депортирани пред камерите да кажат дека за нив зградите со шарени тераси биле омилени за живеење. Демек, јавноста требаше да разбере дека тоа што го прави Жерновски им се допаѓа само на „Шиптарите, Циганите и чергарите“. Беше тоа најсрамната и најгнасна порака полна со расизам и простаклак. Оваа подла работа со силна медиумска поддршка на партиските активисти во провладините медиуми ги понижи сите граѓани на Македонија кои се’ уште не се партиски заразени од валканата војна за власт и кои можат да ги препознаат неофашистичките и шовинистички стимулатори за настап на дежурните патриоти на ВМРО-ДПМНЕ.

Рано е да се каже дека е допрено дното по оваа гротеска во центарот на Скопје кога десетина Роми, имитирајќи ги владините и партиските прес-конференции, застанаа зад едно девојче, за кое не верувам дека е полнолетно и кое одвај ги прочита небулозите од дебилната поента на кого му се допаѓа да живее во шарени згради. Допрва во ова предизборие ќе бидеме сведоци на уште помачни сцени и понижувања кои само ќе ни докажат дека во Македонија секогаш има дупло дно. И под ова дно во кое се прпелкаме еден грст домашни предавници и непријатели има уште едно дно многу потемно во кое е тивко и мирно како во чистилиштето пред пеколот и рајот. Велат дека по една таква тишина доаѓа до експлозија оти под дуплото дно веќе нема каде.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар направија меѓуетнички и меѓусоседски проблем, кој да се надеваме брзо ќе биде надминат бидејќи очигледно се работи за луѓе кои немаат основни познавања за шарените згради во Тирана, ниту, пак, можат да ги видат последиците од слепата омраза кон градоначалникот Жерновски. А веројатно и малку подзаборавиле колку се значајни на изборите нивните коалициски партнери и Албанци и Роми. Ако само малку истражувале, ќе откриеле дека Еди Рама, актуелниот премиер на Албанија, живеел и работел како сликар во Париз. По неговиот избор за градоначалник на Тирана, окупиран со тоа како да го разбие сивилото во главниот град од времето на Енвер Оџа, сликарот се потпре на медитеранските бои и заедно со серија други големи инфраструктурни зафати направи од Тирана убав град и пристојно место за живеење. За своите урбанистички зафати и разубавувањето на Тирана Еди Рама е прогласен за најдобар градоначалник на светот, ценета и престижна титула. Со овој успех Еди Рама стаса до премиерската функција и до квалификативот современ и европски политичар кој веќе ги има сите предиспозиции да стане државник што ќе ја внесе Албанија во Европа. Се разбира, Андреј Жерновски не е париски сликар, ама идејата за смирување на агресивниот лажен барок и скап кич со медитерански бои, комбинирани со изградба на современи објекти, може да биде добар одговор за спасување на Скопје. Погледнете ја онаа убавица со шарени ара папагалски бои пред „Сити мол“ во Карпош и се’ ќе ви биде јасно. Оваа висококатница не ја изгради Андреј Жерновски, ниту Еди Рама, ама веќе ја сметаат за една од најубавите новоизградени згради за живеење во Скопје. Разбирливо сите партии и еснафски архитектонски асоцијации молчат за оваа зграда, никому не пречи еден прекрасен објект, особено кога не е замешана политиката.

Власта едноставно не може да го преболи поразот во Општина Центар. Не може да се соочи со скандалите и аферите кои секојдневно испаѓаат од коруптивните тендери, споменици, рококо-гаражи и барокни зданија… кои се изградија во центарот на Скопје како најголема инвестиција во име на граѓаните на Македонија, а за величење и во слава на власта. Тешко може да се прифати кај авторитарни власти дека таму кај што се потрошија најмногу милиони евра луѓето не ги сакаат толку колку што тие мислат дека треба да бидат омилени. Граѓаните на Центар први ја видоа залудноста на толку фрлени пари кои со ништо ниту им го подобруваат ниту го разубавуваат животот. Тие што се најблиску до шумата од барокни зданија не ја поддржаа оваа власт на локалните избори. Таа шлаканица Владата тешко ја поднесува, особено затоа што споменикоманијата не е престаната, десетици нови барокни проекти во центарот на Скопје чекаат на ред да бидат изградени. Тоа по изгубената поддршка од јавноста во оваа општина не е можно без кршење на законите и без блокада на Андреј Жерновски, легитимно избран градоначалник на Општина Центар, додуша, по неколку мачни прегласувања, силни притисоци и низа неправилности. Власта отиде дотаму да ја каменува општината и да го уапси и претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, само да го оневозможи Жерновски да ги применува своите законски овластувања. „Циганската работа“ на власта не била само наивна будалштина. Се открија многу работи.

Извор УТРИНСКИ 

Leave a Reply

Your email address will not be published.