Кои правила се такви, бе…???
Се скрши како авет, како смртта да се појави на првата крстосница и сврте во уличката. Таа накај мене, јас накај неа. Целата во црно завиткана, уште срп во раката да држеше, и таа е, си реков, лично смртта. Продолжив нога пред нога накај неа, таа бавно и несигурно накај мене. Ништо друго не видов на улицата. Ниту вообичаените мачори во трк по мачката на Зоки, ниту кученцата на Јане, кои важат за некаков одбор за испраќање и пречек на сите минувачи во нашава улица. Зона на самракот. Како да ја нишаше силен ветер, а мирно. Се доближувавме еден кон друг. Ќе ѝ кажам добро утро, ред е, иако не ја познавам, си реков. Што ти е, таа ме праша гледајќи ме во гипсот. Го скршив стапалото, реков. Како? Е како де, сакало да биде, ама ете поминува, ќе биде, ќе помине.
Само гласот ми беше познат од некаде, ништо друго. Го крена погледот од стапалото и ме погледна. Не ме препознаваш, нели? Се извинувам, ама…
Не се извинувај, знам, ниту јас можам да се препознаам. Јас сум,… Боже, зареме можно…!?! Што се случи? Не, овај, навистина ама…, панично почнав да поставувам прашања…
Таа крупна, силна и јадра жена, чиј сопруг почина пред повеќе од 20 години, под чии чекори земјата се затресуваше, со која минатото лето барабар ги кревавме нејзините испрани теписони, тешки како олово. И креденците, и комодите во нејзиниот салон кога ме повика да ѝ помогнам, сега, во авет да се стори за само неколку месеци.
Прости ми Боже, ама каква е оваа болест, очите ми зборуваа. Не сум болна, рече самоуверено, душава ми умира. Јадот ме изеде, ме гризе секој ден, и не запира. Беспомошноста и немоќтта во борбата за докажувањето на правдата, на вистината за маките со кои секој ден се соочувам, за немаштијата, за преживувањето, ете, тоа ми ја убива душава. Нема повеќе кому да се пожалиш за да ти помогне. Мислев да повикам телевизија затоа што гледам дека само тогаш реагираат овие од владата, и оние другите, кои не дека не ги знаат ваквите судбини, ама ги осеќаат само тогаш, кога и тие ќе се појават на телевизија, кога и нив, благодарение на нашите бедни судбини, како добродушни донатори и спонзори ќе ги објават на телевизија, да ги види и чуе јавноста и најважно да ги запишат во владата, да ги пофалат. Мизерно, бедно, трагично…
Гордоста и поносот не ми го дозволуват тоа. Попрво ќе умрам од глад, одошто да им покажам слабост. Ја продавам бараката, да знаеш, ако се јави некој, кажи му. Толку пари. Морам да ја продадам и да заминам. Каде? Не знам. Знам дека ќе одам далеку од овде, далеку од оваа држава. Имам една роднина во Канада, братучетка, ќе се обидам прво таму, ако не, се враќам знаеш каде, во селото на татко ми, и таму ќе го чекам крајот. Овде повеќе немам никого. Немам повеќе за кого да останам. Го немам повеќе ни гробот на мажот ми…, ѝ потекоа солзи.
Како тоа го немаш гробот, прашав збунето. Хе, како… немав со што да ги платам таксите за земјиштето, и пред три месеци кога појдов да запалам свеќа, неговиот гроб го немаше. Ми ги дадоа неговите коски во вреќа, во црна најлонска вреќа, ми рекоа: Се извинуваме, ама правилата се такви… Кои правила се такви, бе…???