Ко о чему, опозиционари о Левичарењу!

пишува Гордан Георгиев

Дебатата околу Левица е бесмислена, тврдам! Еве и зошто. Сите проценки, а за нивната релевантност ќе спориме по изборите, укажуваат дека најголемата опасност од тнр. “гласови во ветер“ се однесува на Изборната единица 1. И сите напади кон Левица се сосредоточуваат на една во суштина погрешна и дефетистичка премиса. Имено, Левица може да ги однесе опозициските гласови во ветер само и само ако СДСМ и коалицијата изгубат од ДПМНЕ во Единицата. Само тогаш d’Hondt-от би бил немилосрден за опозицијата и би и’ одел во прилог на власта. Колку што гледам, голема е веројатноста СДСМ да победи во Единицата (доколку не победи, тогаш дебатата секако е нерелеватна и за левица и за десница и за централно и за сите нас, бидејќи сите ќе одиме во ветер!).

Така, со победа на СДСМ во Единицата d’Hondt-от му оди во прилог на победникот и големи се шансите СДСМ да однесе пратеник плус на сметка токму на гласовите “во ветер“. Особено што многу е можно ДУИ да не освои повеќе од 14-15 илјади гласови во Единицата и да добие само ЕДЕН пратеник, ДПА ниту еден, а БЕСА еден или ниеден. Мојата проценка за Левица (и не само моја) е дека во Единицата би се движеле околу границата на претпоставениот праг, значи нешто под или над 7500-8000 гласови. Тоа е еден или ниеден пратеник. Доколку освојат еден, тоа е сепак опозициски пратеник, доколку не освојат ниту еден, ќе биде голема шлаканица и лекција за нивната (и нашата) политичка недоученост, но тоа скоро сигурно НЕМА да влијае на распоредот на пратеници во ЕДИНИЦАТА.

За мене поголем проблем би биле растурените гласови на Левица (и на другите помали партии и коалиции) во останатите изборни единици. Таму е сосема можно 2-3 илјади гласа (понекогаш и неколку стотици гласа) СДСМ и коалицијата да ја чинат пратеник. Тоа ќе биде вистинска штета и де факто “кукавичко јајце“, без разлика дали тоа јајце е снесено од кукавица или е плод на политички авантуризам.

На крајот, еве во еден едноставен d’Hondt калкулатор, внесете си ги претпоставените гласови на партиите во Единицата и лесно се гледа за што зборувам. http://icon.cat/util/elections

п.с. Инаку мојот личен став е дека партии како Левица и ЛП треба да постојат и треба да бидат претставени во парламентот, прашање е само дали во моментов “грозјето е се’ уште зелено“…

Leave a Reply

Your email address will not be published.