КНИГИТЕ НА ИЗДАВАЧКАТА КУЌА “ГОТЕН“ ДОСТАПНИ И ВО КАВАДАРЦИ

Со оглед на тоа што во Кавадарци нема класична книжарница во која на располагање на љубителите на книжевните дела би им бил поголем избор на најразлична литература, за одбележување е кога пред читателите ќе се најде нешто ново од литературната издавачка дејност.

Деновиве на кавадаречките книжевни сладокусци достапни им станаа делата на Издавачката куќа “Готен“ од Скопје. Солиден избор од фондот на оваа издавачка куќа може да се набави во книжарата “Дирикон“, која се наоѓа во центарот на градот, веднаш под Стар Балкан.

Издавачката куќа “Готен“ е од помладите во Македонија, но за кратко време стана една од пореспектабилните, со оглед на тоа што за првпат на македонскиот пазар понуди голем број на квалитетни дела од најразлични литературни жанрови, со нагласок на врвни и повеќекратно наградени романи, преведени на македонски јазик. Малото говорно подрачје со појавата на “Готен“ доби можност да добие професионално преведени дела од литературни подрачја кои до појата на оваа издавачка куќа немаа шанса да бидат претставени на нашиот мал пазар.

Меѓу другото, мисијата на издавачката куќа “Готен“, пред се како непрофитна издавачка куќа е промоција на вредни книжевни дела, а не кон комерцијална продожба, и пред се “Готен“ со своето издаваштво е насочен кон културна анимација и развој на читатели. Затоа и цените на делата кои моментално се нудат на продажба во книжарата “Дирикон“ се и повеќе од достапни.

За почеток би ги препорачале романите “Small World” од Мартин Зугер, “Разбивање“ од Милош Живановиќ, “Градот во црвена наметка“ од Асли Ердоган, “Жртвено јагне“ од Али Емир, “Летовиште, подоцна“ од Јудит Херман и други. Да се надеваме дека наскоро делата на оваа издавачка куќа ќе бидат достапни и во Градската библиотека “феткин“. Каталогот со делата на издавачката куќа “Готен“ е достапен на www.gotenpublishing.com.

Марјан Тодоровски
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.