Kнига: “Полицајка в кревет”

На 250 страници донесува потресна приказна за балканската раскрсница на трговија со жени во која се испреплетени судбините на цела галерија ликови. Главниот лик, младата полицајка Ема Ендековска, е вклучена во организираната акција со која на проституцијата треба да и се обезбеди третман на професија. Откако Заводот за статистика во Стандардната класификација во графата за занимања проституцијата ќе ја заведе како професија, на Фејсбук се појавуваат монтирани фотографии со ликот на полицајката и со голо тело на жена преку кое со големи бројки е запишана шифрата 5169.03. Ема Ендековска знае дека тоа доаѓа од нејзините колеги од Центарот за анализа и спречување на трговија со луѓе, кои сметаат дека таа работи спротивно на одредбите на Кривичниот законик. Во момент на самоисповед, полицајката вели: “Тие не можеа да ја разберат мојата борба за човекови права и повлекуваа црвена линија меѓу професионалното и човечкото. Ме убиваше нивното лицемерие, бидејќи во секојдневната работа, сите ние се проституиравме на различни начини.”

“Полицајка в кревет” е криминалистичко-психолошко-еротски роман во кој се разработува феноменот на конфликтните ситуации, кога прогонувачите и прогонуваните во еден момент доживуваат иста судбина.

Во романот на Веле Смилевски и едните и другите таа судбина ја доживуваат во исто време и на исто место: седнати на обвинителна клупа.

На сајтот на фондацијата Македоника романот е целосно и бесплатно достапен во online издание.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.