Книга: Крадачка на книги – Маркус Зусак

Се наоѓаме во Германија на почетокот на Втората Светска војна. Нараторот на оваа приказна е еден сеприсутен лик низ вековите изминати, но и во оние кои допрва треба да пристигнат, еден лик кој во тоа време, повеќе од кого и да било е присутен низ целиот свет: Смртта.

Таа, значи, нѐ води за рака низ целата приказна, и на еден нејзин својствен начин, сочувствителен, ироничен, поетски, ни ја раскажува приказната за едно девојче кое ги сака и ги мрази зборовите, зашто силата на зборовите (оние на Хитлер) ја одведоа Германија во војна, но истите тие зборови ќе бидат спасот кој ќе ѝ донесе повторно надеж и хуманост таму каде што царува суровоста и нечовечноста.

Заедно со приказната за Крадачката на книги, ја дознаваме и судбината на ликовите кои ротираат околу неа во тие години: Таткото кој ќе го усвои девојчето, со сребрени очи кој ќе ѝ помогне да се навикне на животот во новиот дом, добродушниот човек кој дава ветувања и истите знае да ги исполни, кој прекрасно свири хармоника, човекот кој му подарува парче леб на еден стар депортиран Евреин, ризикувајќи го својот живот.

Мајката, отсечна, груба жена, но со огромно срце, како малкумина во тоа време. Руди, нејзиниот најдобар другар, соучесник во детските авантури, љубовта на нејзиниот живот, ветениот бакнеж. Макс, еврејски боксер, со коса како птичји перца, сокриен во нивната визба, кој црта и пишува зборови само за неа. За Крадачката на книги. И уште многу други мали, поетски насликани ликови на една прекрасна книга.

За ова прекрасна приказна веќе се најавува е филмска верзија која се очекува да ја доживее својата премиера на 15-ти Ноември и се надеваме дека книгата ќе има достојна адаптација. Погледнете го трејлерот а пред да го погледнете филмот секако задолжително прочитајте ја книгата.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.