Кирајџија

Тешка е судбината кога станувате кирајџија каде не сакате и каде не заслужувате. Таква е судбината на Охридскиот рамковен договор кој стана кирајџија на партијата на македонските Албанци, ДУИ и Али Ахмети!

ДУИ воопшто не учествуваше во преговарањето за ОРД (Охридски рамковен договор) и немаше да има поим што воопшто да преговара ако не беа Американците (Пердју, Милер) кои ги „застапуваа“ ставовите за проширување на правата на македонските Албанци во договорот.

И добро е што беше така бидејќи така преговорите станаа рационално-предвидливи и вклопливи во некакви стандарди за малцински и човекови права. Од нив беа отстранети територијалните претензии и расистички елементи кои ги имаше во реториката и коминикеата на ОНА низ конфликтот. Без ова клучно и плодотворно застапништво преговорите во Охрид ќе се водеа низ ветер се додека не дојдат некои „други Албанци“ кои ќе ги прогласеа претходните за предавници и ќе бараа да се почне сè од почеток .
ДУИ инвестираше и доби од договорот највеќе. Ги истурка досегашните легитимни претставници-партии на Албанците на маргините, а при тоа не смени ништо битно во водењето на „албанската политика“ во владите на Република Македонија. Главно, опортунистичко прилагодување на состојбите, со слаба реторика за апстрактно залагање за дополнително „доостварување на ОРД“? Никој до сега не разбра што всушност сакаат со тоа и на што конкретно мислат? Она што, меѓутоа, се разбра е дека ДУИ всушност не го разбира својот кирајџија ОРД (од кого највеќе политички профитираше), а во некои драстични случаи го злоупотребува договорот обесмислувајќи го!

Имено, ДУИ го злоупотребува делот од договорот за регрутација на Албанци во државната администрација со целосно партизирање на постапките за регрутација со што се компромитира мерит системот (се наштетува на идејата од ОРД за „соодветна застапеност“) и се задава удар на квалитетот кај албанските кандидати (најголемиот дел од одличните студенти Албанци не можат да добијат на конкурс за прием без да станат членови на ДУИ).

Второ, ДУИ свесно го злоупотребува делот од договорот за употребата за албанскиот јазик, барајќи и толкувајќи го на начин кој бара всушност негова измена, а не почитување и реализација!

Единствено нешто што ДУИ во врска со ОРД направи корисно и добро е делот на дефинирање на законите кои ќе се носат со „бадинтерово мнозинство“, список кој е балансиран и добро осмислен.

Посебно е трагична „научната дебата“ која ДУИ ја организира по повод годишнините на кирајџијата ОРД на која ќе чуете секакви глупости, освен оценка што ОРД значи за Македонија и кои се неговите главни достигнувања.

Значи, драги мои, поради значењето на овој акт за Македонија и наместо аматерскиот циркус на ДУИ, нешто корисно и вистинито „само за вас, по први пут у вашем граду“, заслужуваме неколку основни констатации:

Имено, точно е дека ОРД го заврши конфликтот во Македонија (само ова е точно од констатациите на сите тркалезни маси на експертите на ДУИ). Но, она што е најважно е дека со ОРД се прошири инклузивноста на македонскиот политички систем со два вида интервенции норми и принципи.
Едни (одредби, норми) кои ги имаше јасно напишано во ОРД и други (принципи) на кои се темелеа решенијата. Нормите се: бадинтерово гласање, тајминг и поим (соодветна застапеност) за регрутација на припадници на заедниците, високо образование на јазикот на заедниците, употреба на албанскиот јазик на национално и локално ниво.
Принципи се: детериторијализација на етничките права (поврзани со припадници на заедниците, а не со форми на федерализација или кантонизација) и конечно, принципот на инкузивноста и за прашања кои не се конкретно решени, ниту споменати во ОРД.
Ова последново некои го нарекуваат „духот на ОРД“ (но не знаат ниту да го објаснат, ниту да го применат).

Трет столб на значење на ОРД е процесот и политичките одлуки за негово носење. Тоа е исклучително значајно политичко искуство кое се вградува во нашата политичка култура. Имено, ОРД пред сè беше изнесен на плеќите на тогашниот претседател на Републиката Борис Трајковски (а не на ДУИ).

Трајковски со политичка саможртва и чувство за одговорност се „подметна“ и го овозможи успешното носење на ОРД, претставувајќи ја „повредената и револтирана“ македонска страна во него. Тој го жртвуваше својот политички рејтинг за она што го сметаше за добро за државата, а кое беше крајно непопуларно во времето на носење на одлуката (преговарање со терористи, бунтовници и носење договор со нив).
Неговиот рејтинг заедно со рејтингот на ОРД во тоа време кај Македонците беше урнат на само 1,5 % . Но, тој го издржа сето тоа и го овозможи договорот. Политичките партии на Македоците и на Албанците си гледаа сеир и не сакаа никако да се идентификуваат со договорот. Само Борис беше идентификуван со него, заедно со двајца негови советници и преговарачи од македонска страна (јас и Владо Поповски). Тогаш не се излегуваше на улица поради притисокот дека се врши „предавство“. Некои од поср…. македонски „интелектуалци“ тогаш нè обвинија дека ја федерализираме и етнизираме државата и дека капитулираме – и организираа тркалезни маси и печатеа книги за тоа (кои ги имам и денес кај мене). Некој од нив стана претседател на држава во меѓувреме и не му е срам и арам за тоа што лупеташе. Но нејсе!

Десет години потоа рејтингот на ОРД кај истите тие Македонци се качи на 62% позитивен за Договорот. Борис не беше меѓу нас да го доживее тоа. Овој пресврт беше возможен поради неговата одговорност и соочувањето со предизвикот наречен „рејтингот“ во јавноста наспроти својот став за што сте убедени дека е добро за својот народ. Сега, кога тој договор е „победнички“ а не предавнички, сè шуто и рогато се налепи на него. Но добро, тоа е подобро од обратното.

Значи конечно поента, драги мои.
Идните прослави за ОРД треба да бидат правени под покровителство на Претседателот на Републиката и во чест на Борис Трајковски. Ако тоа Хорхе не може, бидејки тој ништо не може, а има и валкана совест кон договорот, тогаш треба да се организираат четири партиски прослави и дебати, а такви може да се организираат (повторно во чест на Борис Трајковски) и при кабинетите на поранешните претседатели, на пример кај Бранко Црвенковски!
Зошто не, не се кочите „веднага“ ДПМНЕ-вци, само идеја е!

Извор Либертас

Leave a Reply

Your email address will not be published.