“Килава” дебата на кандидатите за претседател на РМ

Ништо спектакуларно не се слушна во дебатата меѓу четворицата кандидати за претседател: Ѓорге Иванов од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од коалицијата на СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА, одржана една недела пред првиот изборен круг на јавниот сервис МРТВ.

Од претендентите за функцијата шеф на државата го слушнавме она што тие безброј пати го истакнаа во досегашниот тек на кампањата, а е врзано за повеќето прашања од значење за политичкиот, економскиот и општиот развој и перспективите на земјава.

Дебатата на четворицата универзитетски професори беше еднонасочна, монотона, здодевна, и повеќе наликуваше на интервју отколку на конкурентска расправа која подразбира чести излетувања од колосекот на зададените прашања. И, секако подетално спротивставување на ставовите и позициите како би се изострила сликата кај гледачот за силината на аргументите на кандидатите. Имаше малку реплики и контрареплики, како и контрааргументи, кои ги имаат за клучните прашања. Кандидатите дури и не го користеа целосно времето од три минути кое им беше загарантирано за секое од седумте прашања.

Ситуацијата на масата во студиото на МРТВ на некој начин обратна од таа што се претпоставуваше. Иванов беше тој кој во прилично достоинствената атмосфера, без тешки зборови, прв поостро го нападна Пендаровски велејќи му дека „не се разбираш од економија“ и дека „како советник во два претседателски кабинети ја остави државата со неажурирани планови за безбедност од 1993 година“. Пендаровски кој тоа категорично го демантираше, пак, го праша Иванов зошто за време на неговиот мандат македонската јавност не дозна кој е неговиот советник за национална безбедност и дали воопшто таков човек постои.

„Должни сте на јавноста да и’ кажете дали е тоа некој господин со кој приватно се среќавате на кафе или имате состаноци“, рече Пендаровски. Според Иванов, пак, советникот за национална безбедност нема потреба да е јавна личност. „Мојот советник ги има поминато сите обуки, ги има сите потребни контакти за координација кои во минатото биле прекинати“, одговори Иванов.

Во таквиот развој на настаните Халими и Поповски од позиција на аутсајдери добро ги искористија своите пет минути. И двајцата беа поблиску до ставовите на Пендаровски, пред се’ во однос на меѓуетничките односи, кои, како што рекоа не се на потребното ниво, потоа во однос на добрососедските односи кои според Иванов никогаш не биле подобри, а според нив мора да се унапредуваат со ставање акцент на иднината, а не на минатото, како и во однос на образованието и културата, области во кои треба многу да се инвестира, а не преку кои, како што рече Поповски ќе се шири популизам.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.