Кекеновски: Груевски, извини се и замини си од политичката сцена, спаси ја партијата од срамот!

Сум вложил многу во оваа партија, ја сметам и за мое чедо, и како секој млад човек и таа знае да застрани по лоши патишта и време е да ја вратиме на патеките по кои беше замислена да оди. А тоа е интересот на Македонија и македонскиот народ а не на поединци кои сакаат да профитираат од партијата и од Македонија, вели професорот Јове Кекеновски во интервју за порталот Мактел.

– Го повикувам Груевски да го следи примерот на Љубчо Георгиевски од 2003-та и да се повлече уште додека има време, да се извини на македонскиот народ за грешките и да замине со барем малку достоинство од политичката сцена. Тоа му личи како лидер на светата партија ВМРО-ДПМНЕ која е главен столб на она што се нарекува Македонија и македонштина. Доколку не го направи ова тој ќе и нанесе несогледливи последици на ВМРО-ДПМНЕ од кои партијата долго можеби и никогаш нема да може да закрепне. А тоа е лошо за Македонија, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и треба на Македонија, тие се нераскинливи една со друга, врзани се како сијамски близнаци, и ова го мислам во најпозитивна смисла во една насока и тоа ВМРО ДПМНЕ кон Македонија а не обратно што гледаме дека се случувало и се случува во моментов. Членството е загрижено за она што се случува овие денови и Груевски мора да покаже сериозност и доблест и да не си игра со судбината на партијата и на земјата изјавил Кекеновски за порталот.

Долгогодишнит член на владеачката партија тврди дека деновиве му се јавуваат пратеници, членови на ИК и ЦК, дури и некои градоначалници кои се загрижени од ова што се случува во Македонија.

– Не сум зборувал со Марјан Ѓорчев кој е споменат на снимките но еве јавно го повикувам да излезе со став како човек кој беше во игра за да ја води партијата пред десет години. Ги повикувам сите да не се кријат и да излезат со ставови затоа што ова се сериозни времиња кои бараат сериозно однесување. Јас си ја сакам партијата и и сакам се најдобро, затоа го правам ова. Сметам дека идеалот на ВМРО ДПМНЕ е прекршен и извалкан, оваа партија никогаш не била против македонскиот народ, никогаш не го малтретирала, прислушкувала, крадела и замолчувала. Тоа се само застранувања на кои мора да реагираме додека не е предоцна – вели Кекеновски.

Запрашан што мисли за улогата на Борис Стојменов во целава приказна, тој вели:

– Тоа се тие големи вмровци кога има интерес, но кога ВМРО ДПМНЕ ќе западне во тешка криза после сето ова, партијата ќе биде оставена сама на себе и сите овие милионери и профитери ќе се разбегаат во непознат правец. Знаеме како изгледаше ВМРО ДПМНЕ во 90-тите кога беше во опозиција, тогаш немавме пари за гориво за колите во кампања. Исто ќе биде и после сето ова, некои ќе заминат на Карибите со големо богатство, но партијата и народот ќе бидат оставени на цедило. Ова мораме да го знаеме сите и да бидеме свесни за сето ова. Најголем вмровец цо моментов е Ѕинго, а сите знаеме за неговата улога кон ВМРО-ДПМНЕ во 90-тите. Исто ќе биде и по сето ова. Запаметете ми ги зборовите – објаснува професорот Кекеновски.

Тој во ова интервју на прашањето што мисли за вчерашната изјава на Заев околу улогата на Груевски за пазар со името вели – „Ништо веќе не ме изненадува за никого после се што излезе овие денови во јавноста“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.