Ќе се објават и имињата на оние кои биле следени

На интернет страницата на Комисијата за лустрација отсега ќе се објавуваат и имињата на личностите кои биле следени од службите, најави првиот лустратор Томе Аџиев. Со тоа ќе се смени досегашната практика, според која во објавените досиеја на соработниците на службите беа затемнети имињата на личностите кои биле предмет на обработка. Аџиев се повикува на членот 31 став 4 од Законот за дополнителен услов за извршување јавна функција. Според таа одредба, на веб-страницата на Комисијата, со решението со кое се утврдува соработка со службите, ќе бидат објавени и документи кои биле употребени како доказ за утврдување соработката.

Аџиев вели дека нема потреба Комисијата да изгласа посебна одлука за оваа новина, бидејќи, како што вели, таа е предвидена со Законот за лустрација од 2012 година. На прашањето зошто тогаш и досега не се објавуваа имињата на следените, Аџиев вели дека станува збор за превид на техничките служби во Комисијата за лустрација, кој набргу ќе биде исправен со тоа што и во досега објавените досиеја на прогласените соработници ќе биде тргнато затемнувањето од имињата на следените.

„Многу од жртвите се јавуваа во Комисијата да реагираат поради тоа што им се кријат имињата. Велат дека нема потреба од тоа и дека ним им била нанаесена голема штета со тоа што биле следени. Освен тоа, реагираа и некои новинари“, објаснува Аџиев.

Членот на Комисијата за лустрација Чедомир Дамјановски, пак, вели дека објавувањето на имињата на следените е противзаконско, бидејќи членот 34 став 5 од Лустрацискиот закон предвидува согласност од личноста која била следена за објавување на нејзиниот идентитет. Според овој член, „онаму каде што содржината од документите може да предизвика сериозно кршење на правата и интересите на трети странки чии имиња се спомуваат во документите и притоа не постои писмена согласност од нив или од нивните наследници ќе биде направена компија од документите без податоците за третите странки“.

„Целиот процес на лустрација, всушност, се изведува спротивно на Уставот, со тоа што веднаш се објавуваат имињата на прогласените соработници. Со тоа не се почитува уставното начело за пресумпција на невиност, бидејќи имињата се објавуваат без судска одлука“, вели Дамјановски.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.