Кавадарци протестира, граѓанинот се буди, следува најмасовниот протест досега!

Кавадарци протестира, бидете дел од историјата!

Почитувани граѓани и граѓанки,

Во светло на општата аболиција од претседателот Иванов од 12 април, сметаме дека е неопходно итно повлекување на оваа одлука и поднесување на оставка од страна на Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија. Исто така, очекуваме повторно свикување на Собранието на Република Македонија и негова одлука за одложување на изборите на 5 јуни на неопределено време и ангажман за составување преодна влада која ќе ги спроведе потребните реформи пред одржувањето на кои било следни избори.

Затоа,
Ве повикуваме на протест во Среда (април 2016 година) во 18:30. часот. Протестот почнува од пред Катастар, чекориме по улица Илинденска, завршниот револт и протест пред Општина на град КАВАДАРЦИ!

Кавадарци протестира:

Не постојат услови за организирање регуларни, веродостојни и фер избори на 5 јуни, ниту пак постои време до тој рок да се создадат неопходните услови. Избирачкиот список не е пречистен, не запираат заплашувањата, уцените и притисоците врз граѓаните, функционерите не престануваат со злоупотреба на институциите во интерес на партијата, а медиумите се далеку од правично известување.

Начинот и динамиката со кои во изминатиот период се спроведуваа “реформите” нема да овозможат отстранување на овие недемократски состојби кои се погубни за да се одрази реалната политичка волја на граѓаните.

Наместо повеќе демократија, владеење на право и појасна поделба на власта, ние во изминатиов период бевме сведоци на уназадување на овие процеси преку еднострана и неуставна одлука за одложено распуштање на Собранието, скандалозен чин на овозможување помилување за изборни измани од страна на Уставниот суд и контраверзни одлуки на Кривичниот и Апелациониот суд во врска со истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

Кавадарци протестира:

Граѓани и граѓанки,
Македонија ризикува да влезе во нова, поопасна антидемократска провалија при која повторно ќе се фалсификува и силува нашата политичка волја. Поради тоа, избори на петти јуни не смеет да се поддржат. Собранието на Република Македонија на чело со неговиот Претседател треба веднаш да ја увиди оваа ризична состојба во која се наоѓа државата, итно да се состане и да ги одложи изборите се до исполнувањето минимум неопходни услови за тие да бидат регуларни, чисти и фер. Во спротивно, ако тоа не се случи, не останува ништо друго освен активно да ги бојкотираме криминалните, наместени и однапред украдени избори.

Ве повикуваме заедно и гласно да им порачаме на властите, на јавноста и на меѓународната заедница дека граѓаните на Македонија уште во 1991 година избраа демократија и плурализам, а не режим кој ги потиснува правата и слободите на граѓаните.

Ве повикуваме заедно и одлучно да им кажеме: ОДЛОЖЕТЕ ГИ ИЗБОРИТЕ! ВО СПРОТИВНО – БОЈКОТ!

Leave a Reply

Your email address will not be published.