Кавадаречките плати, ниски или пак не?

„Мнозинството секогаш ја предава својата судбина во рацете на другите. Неспособно да преземе одговорност, тоа ги следи своите водачи, дури и во пропаста. Без амбиција и иницијатива, масата не мрази ништо толку многу како иновациите.“


Во некои делови на Македонија ќе се донесат 20 000 крави, преку индискиот мултимилијардер Субрата Рој, а во срцето на Македонија, во Кавадарци веќе пристигнаа и се пуштија во употреба машини, за кои се потребни рацете на кавадарчани, неготинчани и велешани. Почна да се произведуваат кабли, за една од најголемите автомобилски компании во светот „Мерцедес“. Колку само звучи предизвикувачки моќно. „Мерцедес“ во Кавадарци! Небаре секој кавадарчанец ќе паркира во својот двор, автомобил од марката „Мерцедес“. Немојте да живеете во заблуди, тоа во поблиска иднина нема да се случи.


Уште на самиот старт немојте да ме разберете погрешно, не сум против донесувањето на странските инвестиции во нашиот град, но сум против условите и ниските платите на вработените, против немањето на Синдикат кој ќе ги брани и штити интересите на работниците. Исто така сум против, дискриминација на кавадаречките компании во однос на оваа странска инвестиција. Но ајде овој пат да обрниме внимание на висината на платата и немањето на Синдикат кој ќе ги штити праваа и интересите на работниците.


Во моментот во оваа странска инвестиција во Кавадарци работат отприлика над 2000 работници. Поголемиот дел од тие 2000 работници ја земаат онаа минимална плата (8050 денари) која е предвидена со Законот за Минимална Плата. Кога веќе знаеме дека поголемиот број на вработени земаат минимална плата од 8050 денари, тогаш треба да си поставиме низа прашања. Има ли достоинствен живот со 8.050 денари месечно? Дали висината на минималната плата е доволна за вас драги сограѓани? На оваа тема треба да се зборува во Кавадарци. На оваа тема треба да зборуваат претставници на синдикатот (ССМ), економски професори и работодавачите. Според „Заводот за Статистика“ трошоците на едно семејство, или така наречената „потрошувачка кошничка“ изнесува 30 000 денари. Што значи дека висината на минималната плата треба да се усогласи со трошоците на живот, како што е случај со некои европски земји. Е сега кога од семејството би работеле и мажот и жената и би ја примале минималната плата тоа значи 16.000, а тоа е далеку од пристоен живот. Друга анализа пак покажува дека Македонија е дваеста по ред со најниски дневници во светот, покрај Филипини, и во таква земја некој да ти зборува дека луѓето се радосни и среќни што работат како мравки, а за тоа не добиваат ништо друго освен лаги дека ќе дојдат подобри времиња, тоа ти е невидена небулоза. Македонија оди во светот на најсиромашните. Нажалост на тој пат сме. И сите молчат.


Сето ова е одлука, или пак идеолошка одлука која ја донесуваат една шака локални и централни политичари.


Ако сте власт, и сте се решиле да го вадите општеството од криза, вие како глава на градот имате неколку модела кои можете да ги искористите и да го извадите општество од кал. Еден модел, е да привлечете странски инвестиции. Како ќе ги привлечете кога немате ништо , освен да има кажете дека нема да има порез, нема да има додатни давачки, ќе ги субвенционирате некои трошкови на компанијата? Ќе му изнајмите ефтина работна снага. И таквите модели постојат. Таков модел имате во Кина, или некои држави во Индија. Вие имате страховито брз раст, страховито брз развој. Како политичка фигура ќе го искористи тој момент и ќе почне да билда рејтинг на грбот и маката на своите граѓани. Но исто така имате и претворање на своите граѓани во робови на крупниот капитал. На долг временски период овој модел на јакнење на општеството е нестабилен. Ваквите модели предизвикуваат зголемување на бројот на сиромашни граѓани, а во исто време намалување на бројот на богати граѓани. Имате зголемување на разликата помеѓу богатите и сиромашните. Едните се недопирливи, а другите се влечат по улиците како претепани или ранети кучиња. Едните живеат во картонски кутии, додека другите во палати. Е оваа разлика ќе се зголемува уште повеќе со текот на времето. Градот умира, а и луѓето со него. Градот секоја ден е се попразен и попразен. Луѓето не излегуваат од домовите. Се е по дома. Постарите генерации пред тв приемниците ги слушаат сихноризираните турски серии, а младите седнати пред компијутерите се допишуваат преку ФБ. Не се разговара, не се зборува, нема дружба. Духот умира. Народот заборава да зборува. Одат на работа, доаѓаат по една салата, по една ракија и утре повторно иста приказна, и демек сите се задоволни. На крајот од месецот ќе ја земат и таа единствена минимална плата, која кога ќе ја пресметаат ќе видат дека и таа не му стигнува за да ги покријат основните трошкови. Денеска едно семејство е среќно ако платата која ја зема му стигне за да ги помири основните трошкови, а камо ли пак да заштеди некој денар настрана, за во некои идни времиња тие пари да ги инвестира некаде. Такво нешто е неостварен сон.


За крај од овој текст сакам да ве потсетам само на едно нешто, а тоа е: ВИСТИНАТА! А драги мои сограѓани, сепак, едно е вистина: без работници нема да има компании. Без народ, нема да има влада. Без бунтовност, нема да има права. А не обратно. Тоа е една ситуација која мора да се искористи за да се промени реалноста. Затоа, да се биде реален, всушност значи да се бара невозможното. Никогаш не е доцна за освестување и никогаш не е доцна да се биде идеалист. Ова е порака до сите оние незадоволни работници кои сакаат да го променат светот на подобро и особено на оние работници кои, ко што “не сакаат да трпат срања”.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.