За љубителите на културата и уметноста, манифестацијата “Кавадаречка културна есен“ со интензивно темпо

Веќе утре (четврток), на 30 октомври, од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ ќе биде отворена изложба на дела од графичката работилница “Софија“ – Богданци, на која со дела од најновото издание на работилницата ќе се претстават 17 автори од Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Хрватска, кои работеа под менторство на Аница Радошевиќ.

Во понеделник, на 3 ноември, од 19 часот, исто така во Галеријата при кавадаречкиот Дом на култура, ќе се одржи Ден на Друштвото на писатели на Македонија, со учество на еминентни македонски писатели од повеќе генерации: Иван Џепароски, Вера Чејковска, Кочо Топузовски, Елена Пренџова, Раде Силјан, Санде Стојчевски, Иван Чаповски, Веле Смилевски, Ресул Шабани, Бранко Цветковски, Данило Коцевски, Александар Поповски, Игор Крајчев, Братислав Ташковски, Илхами Емин, Марина Мијаковска, Васил Мукаетов, Марија Падикова и Петар Наневски.

Настаните во Галеријата при Домот на културата продолжуваат во среда на 5 ноември со отворање на ликовна изложба на Томе Нешковски од Куманово. Нешковски истата вечер ќе одржи и концерт на фламенко гитара.

Во четврток и петок, на 13 и 14 ноември, во салата на Домот на културата ќе се одржи најновото издание на Меѓународниот натпревар по камерна музика “КМК 2014“, кој Домот на културата го организира заедно со Основното општинско балетско и музичко училиште “Лазо Мицев Рале“ од Кавадарци.

Овој дел од “Кавадаречка културна есен 2014“ ќе биде заокружен со отворање на изложба на ликовниот уметник Ибрахим Беди, во петок, на 14 ноември, во Галеријата при Домот на културата и голем концерт на Градскиот хор од Врање, Србија, во сабота на 15 ноември, во салата на Домот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.