Кавадарци една од општините со висока концентрација на загаден воздух!

Кавадарци е една од општините каде деновиве е регистрирана висока концентрација на загадување на воздухот. Две третини од годината сме изложени на загадување, а се проценува дека една третина од смртните случаи се од аерозагадување. Министерството за животна средина само констатира загриженост за процесот на набавка на филтри за фабриките со што се очекува да се намали загадувањето, пренесува ИНБОКС7.

Директорот на Клиниката за онкологија во Скопје, д-р Милан Ристески вели дека секоја година во државава се регистрираат 4.500 новозаболени од канцер. Од година во година се зголемува бројот на заболени од рак на бели дробови, а како главни причини тој ги наведува пушењето и загадувањето.

На прашањето дали може да се доведе во корелација појавата на канцери со загадувањето на воздухот, Ристески одговара:
„Секако, посебно во корелација со респираторните. Кога ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките ќе се внесат во организмот, тие не предизвикуваат веднаш канцер. Прво, треба на точно одредено место да предизвикаат мутација. Значи, не постои канцер без мутација. Треба да се случи генетска мутација“ појаснува д-р Ристески. Тој додава дека малигните заболувања настануваат по извесен број години, а ризикот за нивна појава расте и со возраста на луѓето.

Уште грејната сезона не е започната, а деновиве високи концентрации на загадување се регистрирани во Карпош, Гази Баба, Тетово, Велес, Лисиче и Кавадарци.

Летово, Светска банка излезе со поразителни податоци, дека воздухот во Македонија е меѓу најзагадените во Европа, како и тоа дека загадувањето со години е над европските стандарди. Македонија е на прво место на листата на Банката, кога станува збор за изложеност на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички. Додека, земјата се наоѓа на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух односно ПМ 10 честичките.

Според Светска банка, цврстите честички се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.