Кавадарчани треба почесто да почнат да зборуваат

„Зарем мислите дека, кога жена би отишла до кујната и ќе каже дека веќе нема сол, шеќер, масло, брашно и месо. Дали, оваа состојба не е политика?“ (Томас Џеферсон)


Станав од спиење и така по пижами се упатив до кујната. Ја запалив ринглата и го ставив ѓезвето со вода. Откако зовре водата, во една шолја ставив една кесичка зелен чај, а потоа ја попарив. Седнав покрај печката, ги зедов дневните весници од Македонија и почнав да ги прелистувам. Во нив ни една задоволителна содржина или пак приближно добра, како оние кои можат да се прочитаат од соседна Србија или Хрватска.
Така, листајќи го дневниот печат, наеднаш го собрав, го стуткав, и и’ велам на мајка ми: повели мајче, материјаал за да го запалиш огнот, бидејќи весникот само за тоа е вреден. За потпалување на огнот.
Станав и почнав да се подготвувам за дневните обврски. Го отворив телефонскиот именик и повикав такси. Како влегов во автомобилот, таксистот со учтив и тивок глас ми вели: „Добар ден господине, до каде ќе патувате?“ Му посакав и јас пријатен ден и му ја кажав адресата до која треба да стигнам.


Беше пазарен ден. Хаос низ сообраќајот во целиот град. Секој еден кон секого чувствува омраза во таквите мигови. Секој еден на секого му се лути за заземениот паркинг простор. Секој на секого му се лути за непрописното паркирање. Секој на секого му се лути за несовесното управување на автомобилот. Викање, пцовки, глодање. Не може поинаку. Таков е духот на паланката. За тој дух пишуваше Јасна Котеска, Радомир Константиновиќ… Системот веќе 20 години од самостојноста па и порано пред неа, работи на нашето зголемено ниво на омраза кон другиот бидејќи тоа е еден од механизмите кои го одржава толку долго на позиција.
Така, гледајќи го таксистот како се препотува во собраќајниот хаос, си зедов за право да го прашам нешто „лично“. – Господине, како е? Се’ животкара ли? Дали сте задоволни од платата? Што мислите за новата фабрика Дрекстер Мејер? Бидејќи секоја ден сте со патници, со луѓе, што кажуваат? Ќе го биде ли Кавадарци? Ви го исплатија ли грозјето? Ги зедовте ли субвенциите?
На тие прашања следеше длабока воздишка. Чиниш излегува од најдлабоката пештера во светот, а не од човечко битие.
Таксистот почна да зборува. Ја отвори својата душа.

„Што да ти кажам, џабе е! Со години иста приказна. Никако да се реши проблемот со паркинг просторот. Каде се видело, пазар без паркинг простор. Секој паркира каде ќе му текне. А додека за платата, поарно и да не ти зборувам. Ако земам 8 000 денари плата, трошоците за вода, струја, огрев, телефон и телевизија ми се над 8 000 денари. Благодарение на татко ми кој ми остави малку лозјенце, да не е и’ тоа, тогаш не знам што би правел, не знам како би ја прехранил фамилијата. Сите се пријавиле да работат во новата фабрика. Но, вам ве прашувам“, ми вели, „дали се исплаќа да се биде роб за 8 500 денари?“


Недозволувајќи да му одговорам на поставеното прашање, тој продолжува.
„Секојдневно размислувам како би се прехранувал кога ќе дојдам во поодминати години, дали ќе стигнам да направам стаж за да дојдам до пензија. Никој не зборува за оваа тема која набрзо ќе не стигне сите нас. Некој порано , некој подоцна.“
„Имам дома средношколец, кој е добар ученик и сака да продолжи со образованието. Како родител, секојдневно размислувам дали ќе можам да му овозможам да продолжи со своето образование, или пак ќе треба и тој, како и 1500 кавадарчани да застане на лентата и да произведува кабли“. На крај пред да стигнеме до зацртаната дестинација, тој со темен и длабок глас изговори:
„Драг господине, ние денес не живееме , туку преживуваме“!


Стигнавме на дестинацијата. Додека го вадев новчаникот за да му платам за услугата, се потрудив да го разведрам, да му влеам барем мала трошка на храброст и некоја вредност. Не знам дали успеав во таа моја намера.
За целиот негово муабет, за целата негова состојба во која се наоѓа, само го потсетив. „Самиот си виновен. Не си само ти во таква позиција. Од самиот тебе зависи и твојата судбина и твојата иднина“. Го потсетив дека има загарантирани права со устав. Но исто така го потсетив дека не треба само да ги чита од таа „гломазна“ книга насловена „Устав на Република Македонија“, туку и да почне да се бори за нив, за да почне да ги ужива истите.


Овој загрижен и освестен жител на град Кавадарци ме натера нашиот разговор да го ставам на овој “јавен лист.“
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.