Кавадарчани имаат новогодишна желба, господине Тодоров

Граѓани на општина Кавадарци, најпрво сакам од дното на душата и срцето да ви ги честитам Новогодишните и Божиќните празници.  Да ви посакам многу здравје, среќа и поминати радосни и убави моменти со вашите најблиски. Се надевам дека во новата 2015 година сите заедно ќе допринесеме за подобрување на условите во кои живееме.

“Падна ѕидот. Падна врз секој човек, врз сите нас…”, книга под наслов Нема Никој Дома на Дубравка Угрешиќ.

Како избран од ваша страна на последните Локални избори,  обврска ми е да го потсетам Министерот за Здравство, г-динот  Никола Тодоров, во ваше и мое име, на испратеното барање од страна на општинската администрација. Барање  кое е испратено на 30.04.2014. година. Со архивски број 07-2025/5, на кое е потпишана претседателката на Комисијата за Екологија  др. Душанка Малинкова, советник во Советот на Општина Кавадарци, претставник на  владејачката партија  ВМРО – ДПМНЕ.  Барање кое бара од “Министерството за здраство да спроведе истражување во врска со зголемениот број на канцерогени заболувања, алергии на респираторните патишта, кардиоваскуларни заболувања, пореметување на правилниот тек на бременоста во град Кавадарци”. За да се потврди вистинската состојба за која што известуваше и самата комисија за екологија, на која сум и член, од страна на ЕД “ТИСОВЕЦ” с. Возарци, до општината стигна барање за одобрување на финансиски средства за летната климатска рехабилитација за деца заболени од болести на респираторните органи. Барањата ќе можете да ги видите во целост на крајот од самиот текст.

Најпрво сакам да изразам жалење за (не)упорноста од страна на Општинската администрација  во намерата да се привлече вниманието на Министерот за Здравство  Никола Тодоров, за проблем кој ги тишти граѓаните на Кавадарци и целиот тиквешки регион последниве неколку години. А потоа сакам да изразам и (не)разбирање за присуството на страв  кај лицата кои се вработени во општинската администрација.  Типична Кафкијанска приказна на спора, корумпирана и тромава бирократија. Но со кафкијанството нема да продолжам да ве тормозам, иако сметам дека има голема потреба од една јавна набавка која би чинела многу помалку отколку, јавната набавка за  новогодишни пакетчиња за вработените во општинската администрацијата, па би им се набавиле неколку книги  од Франц Кафка.

Како второ, додека граѓаните на општина Кавадарци секојдневно заболуваат од  разни канцерогени заболувања, алергии на респираторните патишта, кардиоваскуларни заболувања, пореметување на правилниот тек на бременоста, додека граѓаните на општина Кавадарци и тиквешијата наместо времето да го поминуваат со своите најблиски во среќна и весела атмосфера, некои од нив ги поминуваат најмрачните и најморничавите моменти од нивниот живот. Наместо топлите, празнично осветлените и украсени салони од нивните домови, некои од нив празничните мигови ги поминуваат во ладните и мрачни ходници на  градските болници. Додека низ сево оваа поминуваат граѓаните,  вие министре,  без тронка на човечност излегувате по медиумите  да ги претставувате “реформите” во здраството,  а и’ да зборувате за протестите на студентите, за  кои ве уверувам  дека оваа измината 2014. година се’ едиствената светла точка на политичката јавна сцена. Без калкулантство, со искреност во своите намери  си го искажаа својот став во однос на новите Законски измени кои се варат  во вашите партиски простории.  Човек да не знае дали сте министер или холивудска ѕвезда, која бомбастично како да го најавувате вашиот најнов филм за кој се надевате дека ќе земате милионски суми, вие на таков начин ги презентирате проектите како што се:  “Електронска здраствена картичка – проект кој и понатаму создава проблеми  како на лекарите така и на пациентите, можеби?”; “Ромски здраствени медијатори – проект”; “Едукација на доктори”; “Реконструкција и реновирање на ЈЗУ; Па дали сте ја посетиле ЈЗУ во Кавадарци да ја видете во каква состојба е?  Дали сте го запрашале раководителот на ЈЗУ Кавадарци дали има ќебиња за покривање на болните, а ако има,  во каква состојба се? Дали сте размислувале како ќе се реши проблемот во ЈЗУ Кавадарци со недостигот од стручно лице за следење на бременоста, на трудниците. Додека граѓаните ги поминуваат искушенијата на онкологија, вие  своето време од вашиот мандат како министер (работа која е скапо платена од џебот на граѓаните, а која што треба да биде во функција на заштита на граѓаните), го поминувате по болничките ходници, душкајќи и наслушувајќи некој звук од грчење  на некој/ја  доктор/ка, а подоцна  да излезете со препознатлив стил за вас, со најава дека сте ги нашле заспаните доктори (во овој случај сте нашле кривци, спасувајќи се самиот себе за наглото пропаѓање на здраствениот систем) кои  ќе бидат казните, а со самото тоа ќе се ослободите од одговорноста која што ви следува како министер.

Господине министер, пред да ве замолам да ги исполните желбите на граѓаните на Кавадарци, сакам да ве замолам да го прочитате извадокот од книгата “Култура на Лагата” од Дубравка Угрешиќ, која во еден дел од книгата вели: “Денес, на телевизија се градат нови болниции,  нови фабрики, се сечат ленти, хрватските мајки секој миг раѓаат петорки, не посетуваат одушевени странски државници, странските вложувачи брзаат да го вложат својот капитал….”. Автор кој беше подржан во издавањето на делото “Нема Никој Дома”, од страна на Министерството за култура на Република Македонија.

За крај, исполнете ја обврската која ви ја наметнува вашата министерска позиција за здравство и погрижете се за вашите граѓани. Оставете ги фото-сесиите и интевјуата. Заслужете ја платата која што ја добивате благодарение на граѓаните. Немојте да ги потценувате граѓаните. Бидејќи полека завршува далечната “Орвелова 1984”  во која “се раѓаа  и растеа на улица, од дваесетата година почнуваа да работат, поминуваа низ краток процут на  убавина и сексуална желба, се венчаа во дваесетата, стануваа средовечни во триесетата и умираа најчесто во шеесетата. Тешката физичка работа, грижата за куќата и децата, ситните кавги со соседите, филмовите, фудбалот, пивото и коцкањето над се’, го исполнуваа нивниот духовен хоризонт….”. Завршува тоа време. Денес, граѓаните веќе почнуваат да се свестуваат дека вие сте обичен  бирократски чиновник кој е само на чело на бирократската пирамида насловена под името Министерство за Здравство.

dokument zdravstvo1

dokument zdravstvo2

dokument zdravstvo3

Leave a Reply

Your email address will not be published.