Кавадарчанецот Орешковски, шампион во пиење пиво

Во женска конкуренција победи 31-годишната белграѓанка Марина Васиќ, а во машка четири години помладиот кавадарчанец Пере Орешковски. Најбрзо испија по три кригли пиво или вкупно по еден и пол литар.

– Тиквешани се познати како најголеми пијачи во државата и пошироко. Се пошегував со другарите дека ете сакам да им покажам на гостите дека од нас треба школо да учат и случајно се пријавив на натпреварот. Инаку, таму отидовме да се забавуваме малку. Првпат учествував на едно вакво натпреварување. Прво, па машко, што се вели, победив. При пиењето, пред кое лизнав сол за полесно да ми оди пивото, само двапати закочив малку. Не ми дојде да се откажам, убаво ми беше – изјави за Дневник,  Орешковски.

Признава дека милува да пивне некоја чаша, но со мера.

– Дури и лекарите велат дека умереното пиење алкохол е здравје. Виното е лек кога се пие разумно, ж`тата во дозволени количества ја раздвижува крвта, а пивото позитивно влијае кај оние што имаат камења во бубрезите. И она што според мене е најважно, секогаш кога се пие, да се прави тоа со добра подлога. Со мезе, а не да се пие на голо. И да не се вози. Ако внимавате кога пивнувате, тоа ќе ве тера на убави, а не на лоши работи – додаде шампионот.

За него некој шеговито искоментира на фестивалот дека не само што го испил пивото туку ќе ги изел и чашите. Има веспа, но повеќе сака да се вози на четири тркала. Веспата ја користи за кратки релации. Тој беше дециден дека ќе победеше дури и ако натпреварот беше во вино или ж’та.

Тоа не важи за гостинката од Белград, која ни призна дека тиквешките вино и ракија се многу убави, но јаки за неа и никогаш не би се натпреварувала пиејќи ги нив оти би паднала во несвест.

– Најмногу сакам пиво и сливова ракија. Не беше тешко на натпреварот. Многу е убаво тука. Пијам ретко, самохрана мајка сум на малолетно дете и сум против алкохолизмот – изјави шампионот во женска конкуренција која патем работи како книговодител.

Додека во месноста Моклиште брчеа голем број мотори, таа изјави дека самата не вози мотор оти нема пари да положи и да добие возачка дозвола.

– Дојдена сум со друштво… Kога би возела, не би пиела – додаде таа. 

Извор Дневник

Leave a Reply

Your email address will not be published.