Срамно: Кавадарчанец брутално претепан од полицајци на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци

Кавадаречки бизнисмен бил крвнички претепан од повеќемина полицајци зашто се бунел и сакал да влезе со автомобил во улицата во која живее, додека таа била блокирана поради митингот на ВМРО-ДПМНЕ во градот.

– Немаше полицаец што не ме удираше, почнувајќи од началникот на кавадаречката полиција, па сѐ до тие што беа на улица. Ме истепаа крвнички. Сѐ ме боли, а од болка телото ми се грчи – вака со тешко искажани зборови од болка, ја започнува својата приказна 46-годишниот кавадаречки бизнисмен В.К., кој долго ќе го памети митингот на ВМРО-ДПМНЕ во неговиот град, кој се одржа во петокот во вечерните часови. 

Тој бил истепан, уапсен, а потоа повторно тепан пред полициска станица во Кавадарци и задржан сѐ до завршување на митингот на владејачката партија. Причина за ваквата реакција на полицијата била тоа што бизнисменот сакал да се паркира пред својот дом, но претходно улицата била блокирана поради делегацијата од Скопје. 

Мислејќи дека живее во демократска држава и може да каже што мисли, во нервоза им се спротивставил, па започнала расправија, во која тој се изразил погрдно и за власта и за тие за кои бил блокиран сообраќајот. 

– Невидено е тоа што го направија. Само на филм го имам видено. Ме тепаа со сета сила. Ако сум ги навредил, можеа да ме уапсат, да ми поднесат пријава и толку, а не крвнички да ме тепаат. Ова е мал град, сите се знаеме, немам зборови. Велат дека тогаш требало да помине делегација, но таа помина 90 минути подоцна, така што не е вистина дека јас некому сум му пречел – вели истепаниот кавадаречки бизнисмен. 

Од МВР тврдат дека полицајците ги употребиле „сите законски нормативи“ за да спречат поголем инцидент. Токму овој инцидент деновиве е главна вест низ чаршијата во Кавадарци. Сите го знаат бизнисменот, а многумина негови сограѓани велат дека бил крвнички тепан и зачудено коментираат како е тоа можно. 

Има многу сведоци на двата немили настани што се случиле во посредна близина на неговиот дом и пред полициската станица, а сите се шокирани од тоа што го виделе. Според некои од нив, бизнисменот седел на совозачкото седиште во својот автомобил, а зад воланот бил негов пријател. Кога се доближиле на десетина метри до домот на В.К., возачот ги замолил полицајците да се потргнат за да може да се паркира во тунелот. Полицаецот им рекол веднаш да го оддалечат возилото оти се очекувало да мине државна делегација, но тие му нагласиле дека им се потребни само 10 секунди за да се паркираат и да си влезат дома. Но убедувањето прераснало во караница, а потоа бизнисменот бил истепан и приведен.

Полицајците во записникот навеле дека совозачот ги навредувал и го нарушил јавниот ред и мир, па затоа бил приведен. Инцидентот се случил на крстосницата од улиците Мито Хаџивасилев Јасмин и Илинденска околу 19.30 часот. Во записникот се наведува дека од возилото излегле две лица, додека на тој дел од улиците имало времено ограничување на сообраќајот. На наредбата на полицаецот да го тргнат возилото, тие почнале да пружаат „активен и пасивен отпор“, а особено 46-годишниот В.К., кој бил приведен и против него ќе бил поднесен соодветен поднесок до Јавното обвинителство.

Извор Плусинфо

Leave a Reply

Your email address will not be published.