Кардинални грешки

Бизнисите во градежништвото, образованието, земјоделието, културата, медиумите, транспортот, здравството…бизнисот со менаџирање на буџетските сретства. Сето тоа како целина е бизнис под закрила на “кардиналот”.

А кој е всушност “кардиналот”? Па тоа е “синот на касапот”. Премиер, министер, претседател, канцелар…Именувајте го како сакате.
Има една стара која вели вака: “Кога човек експресно брзо напредува во својата државничка професија, обично се вели дека ‘затруено’ му е потеклото”. Така барем вели почитуваниот Аристотел.

Човек (ако е човек) треба и мора силно и храбро да се спротивставува на сите лоши и погрешни политички и економски потези на било кој ”кардинал”, кој го води општеството во сосема погрешен правец. А општеството во кое живееме дека ни е изместено од центарот, тоа е сигурно. Полека и несвесно се лизгаме кон брегот. А таму, саде кал.

Ова парче земја е “поплочено” и изградено врз темели кои се бетонирани со закони од едниот, па се до другиот крај. Од горе па се до долу. И тоа закони изградени од нас, самите граѓани, а не “божји” закони. И се додека ги прекршуваме тие законски нормативи и не се придржуваме до нив, залудна е борбата против бурата која ни дува в лице последниве неколку години. А да одиме контра ветрот, тоа е доста ризичен потег?!

Оттука и продавањето на сопствената душа на “кардиналот”, е поприлично едноставна и набрзинка работа. Најпрвин ќе ве испегла онака школски, дека ви требало доста време да тропнете на неговите порти. Денови, месеци, години…Потоа ќе ве послужи со добра “топла напивка” и ве замолува да се “вгнездете” полека покрај него. Без дополнителни церемонии и умилкувања. И тогаш сте кроток како надоено јагне, а тој, радосен, што му се прилепил уште еден “поданик – маченик”.

Стратегијата и играта на “кардиналот” е повеќе од очигледна. Но и успешна, исто така. Тој го подава малиот прст, а човек се посега по цела негова рака. Е тогаш, доаѓа моментот кога буквално е “маѓепсан”. Значи, може премногу лесно да се заигра човек во нивната шема. Пари, автомобил, викендица… и толку од човекот. Замина тој во имагинариум. Во такви мигови не може ни многу и да се спротивставува. Без разлика колку и да сака, неговата “спогодба со ѓаволот” за државничката или било која друга “благородна” функија, го одвраќа назад од фронтот.

А потоа што следува? Тогаш дури е влезен во вистинскиот мафијашки систем. И нема излегување се додека не му кажат кога да излезе, од проста причина што е премногу длабоко корумпиран. Е, стигне ли некој до тој стадиум, и тогаш е во замка. Тоа е целата шема на “кардиналот”. Стигне ли човек до тој канцероген стадиум, толку. А Зошто? Па затоа што е длабоко заглавен. Кој знае какви дилови нема направено. Тоа ти е исто како во Gаdfather (Кум): “Ќе ти кажеме ние кога да излезеш, а не ти кога сакаш”. Или во превод: “НИКОГАШ”.

Тоа е она мафијашкото. И фамилијарното. Сите фрустрации кои ги имал како мало дете, “кардиналот” си ги лечи на ваков начин. Тоа нема апсолутно никаква врска со “обичниот” граѓанин.

Тоа е таа приказна. Таму не смееш да кркнеш нешто, бидејќи “армијата од поданици” преку тортура и линч веднаш ја активира својата терапија за лечење на фрустрации врз обичниот граѓанин. И тоа секундарно. За жал никој не ни е крив што ни е таков менталитетот. Едноставно такви сме. Сите ние. Грујо, Хорхе, Бране и останати. Значи сите ние.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.