КАПИТАЛОТ И СВЕТОТ

Зошто книгата на економистот Томас Пикети предизвика огромно интересирање во светот

Томас Пикети предизвика голем интерес со книгата „Капиталот во 21век“, иако повеќе во САД отколку во Европа. Не е секогаш јасно дали оние кои се повикуваат на него навистина ја прочитале книгата и што точно тврди тој во неа. И кои се евентуалните последици за помалку развиените земји, како што се оние на Балканот.

 

Голема предност на книгата е што таа се базира на многу едноставен теоретски модел, кој овозможува прилично едноставно разбирање на податоците што ги собрал во соработка со многу други истражувачи. Целта е да се утврдат долгорочниот развој на богатството и неговата распределба.

 

Под долгорочен се мисли на векови, како што кажува и насловот на книгата, а не на децении или на генерација, што често се сметаат за доволно долги периоди на време. Во новиот напис со ко-авторот Зукман, Пикети се занимава со односот на богатството и приходите од почетокот на 18 век практично до денес. Заклучоците од овие истражувања се дека богатството расте во однос на приходите и дека се зголемува концентрацијата на богатството, односно неговата нееднаква распределба. Покрај тоа, се раслојува средната класа бидејќи расте нееднаквоста на приходите од трудот.

 

Како да се разбере тоа?Пикети се потпира на два закона и една контрадикција. Законите се повеќе дефиниции, а контрадикцијата всушност е емпириска регуларност. Но, како начин да се организира емпирискиот материјал и како потпора за предвидувања, тие несомнено се корисни.

 

Првиот закон напросто кажува дека уделот на приходите од капиталот е еднаков на стапката на добивка на капиталот помножена со односот на капиталот и националниот приход, или, со други зборови, дека стапката на добивка од капиталот, профитната стапка, треба да се помножи со приходот од капиталот и да се подели со националниот приход. Од ова веќе може да се види она што ќе се нарече контрадикција на капитализмот, а тоа е дека уделот на приходите од капиталот во националниот доход ќе расте доколку стапката на добивка од капиталот е повисока од стапката на растот на националниот приход. И тоа толку побрзо колку што се забавува растот.

 

Вториот закон вели дека односот на капиталот и националниот приход е одреден од стапката на штедење поделена со стапката на раст. На пример, ако 10 отсто од националниот приход оди на штедење, а стапката на раст е два отсто, капиталот ќе вреди пет национални приходи. Ако растот се забави на 1,5 отсто, а штедењето не се забави, капиталот ќе вреди околу седум национални приходи.

 

Вториот однос е карактеристичен за еден век или два, зависно од достапноста на податоците, кои им претходеле на 20 век, а развиените земји почнуваат да му се приближуваат во овој, 21 век.

До степен до кој се наследува капиталот, европските земји и Америка се приближуваат на она што се нарекува патримонијален капитализам, во кој семејствата на богатите сопственици го контролираат богатството и стекнуваат се’ поголеми приходи од тоа, поголеми во однос на приходите од трудот. Тоа води и до раст на нееднаквоста во распределбата на богатството, и во распределбата на приходите.

 

Вакво нешто неминовно не би се случувало ако економскиот раст биде забрзан. Тој зависи од продуктивноста и од демографските движења. Во развиените земји, растот на населението се забавува, освен ако нема значителен прилив на мигранти, додека во помалку развиените земји, понудата на труд не е до тој степен ограничена, а и растот на продуктивноста е побрз, бидејќи зависи повеќе од усвојувањето на постојните напредни технологии, а не од иновациите. Заради тоа, стапката на раст може да биде значително побрза од онаа во развиените земји, па дури и од стапката на добивка на капиталот.

 

Така би можело да се очекува дека растот на капитал во однос на националниот доход, би можел да биде побавен, а распределбата на приходите би можела да оди во насока на намалена, а не зголемена нееднаквост. Се разбира, ако се изедначи развиеноста и се загубат предностите од брзата стапка на раст, истиот процес на раст на уделот на приходи од капиталот во националниот приход поради забрзаниот раст на капиталот во однос на тој национален приход ќе доведе до зголемени нееднаквости во светски размери.

 

Ова не е некој закон на историјата, туку предвидување кое зависи од тоа што ќе се случува со продуктивноста и растот на населението. Првото зависи, пред се’, од образованието и технолошкиот напредок. Кога се набљудуваат движењата на средната класа, растот на нееднаквоста во рамките на тие групи во значаен дел е последица на нееднакво образование. Со вложување во образование и во иновации тоа би се сменило. Ако, покрај тоа, би се зголемила конкуренцијата и она што Шумпетер го нарекуваше креативна деструкција, трудот би можел да стекне предност над капиталот, што секако би ги сменило и уделите кои нивните приходи би ги имале во националниот доход.

 

Останува прашањето колку би требало да ги надоместиме капиталистите за да штедат и вложуваат? Пикети предлага данок на богатство, бидејќи со тоа би се зголемила конкуренцијата и мобилноста меѓу потенцијалните капиталисти. Други предлагаат прогресивен данок на приход од капитал, бидејќи се чини дека маргиналната даночна стапка може да биде прилично висока, а да не влијае негативно на капиталистичкиот дух.

 

За почеток, би можеле да се стават под контрола т.н. даночни раеви, што би влијаело и на конкуренцијата на даночните и системите на регулација. Пикети верува дека чувствувањето несигурност од се’ поголемата концентрација на капиталот, и социјална и политичка нестабилност која оди со тоа, ќе бидат доволни да се донесе развојни и даночни политики кои би го зачувале капитализмот, а намалиле нееднаквоста. Алтернативата, според него, е со конфликти и војни, како во 20 век, да се уништи капиталот и да се намали нееднаквоста меѓу капиталот и трудот во 21 век.

Leave a Reply

Your email address will not be published.