Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме

Кога денес би требало да известувам за подготовките и за самото заседание на АСНОМ на 2 август 1944, насловот на еден од моите извештаи би била оваа реченица од Манифестот на АСНОМ од делот на обраќањето насловен како „Браќа Арнаути, Турци и Власи“.

Секако, во мојот извештај би се повикал и на Крушевскиот манифест на Илинденското востание, кој вусшност е целосно посветен на муслиманското население во крушевскиот регион. Напишан во форма на обраќање до муслиманите – Турци, Арнаути (Албанци) и Торбеши, Манифестот едновремено дава и јасна слика за мотивите и целите на востанието, неговиот ослободителен и социјален карактер. Манифестот ги повикува да им се придружат на востаниците поради заедничка борба против социјалниот терор на Отоманската империја и ги презентира социјалните цели на востанието – воспоставување на поправедно општество.

И во Манифестот на АСНОМ, 41 година подоцна, овие принципи на еднаквост и на инклузивност се вградени како темелни:

„Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи са исти, а нивната судба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.

Вашите синови учествуваат во македонската војска и земат веќе командни места. Вашите првоборци учествуваат како пратеници – народни претставители во Народното Собрание. Првото македонско Народно Собрание ja прокламира слободата и равноправноста на сите народности во Македонија. Мобилизирајте ги сите народности поскоро да ги оствариме неговите свети принципи. Учествувајте равноправно во изградуванјето на слободна Македонија – слободна татковина на сите народности.“

 

За жал, оваа константа, свеста за „рамноправно учество во изградувањето на слободна Македонија – слободна татковина на сите народности“, доживува драстична атрофија во епохата на социјалистичката фаза на федеративното учество на Република Македонија во југословенската федерација за да доживее руптура во периодот од независноста до денес кога траумите драстично ескалираа во 2001 година, а болките со висок интензитет се провлекуваат во повремени интервали до ден денес.

 

Историскиот скок од 1903, преку 1944 до 2014 година покажува дека треба да се направи разлика меѓу партиските и државотворната агенда на концептот за Македонија: Дали ќе ја градиме како граѓанска држава која ќе биде „слободна татковина на сите народности“, или како држава на етнички заедници, кои како такви се исполнети со негативен набој на архинепријателство, со истакнување на непомирливост на разликите…

 

Во едно интервју за магазинот „Форум“ во 2003 година по повод 100-годишнината од Илинденското востание, покојниот академик Гане Тодоровски истакна дека 100 години се сосема доволен период за да се изгради една држава. Со сите искушенија и предизвици, со сите негирања и присвојувања, разноразни поствоени договори и прекројувања на државните граници на Европа, со сите директиви на Коминтерната и на сите останати масонски и немасонски заговорнички друштва, Македонија во 1944 година се дефинираше на мапата на европските држави како конституента на Федеративна народна република Југославија, подоцна СФРЈ. Точката на „и“ беше ставена во 1991 година кога со прогласувањето на својата независност и признавањето на меѓународната заедница на таа независност, се потврди дека академик Тодоровски е сосема во право.

 

Но, она што беше исполнето како неопходни атрибути на државата Република Македонија во нејзината форма и во однос на останатите држави членки на меѓународната заедница, ние самите, односно неодговорните политички елити го доведоа под прашање со постојаното поткопување на темелните принципи на внатрешната структура државната градба вградени во 1903 и 1944 година – „равноправното (учество, н.з.) во изградуванјето на слободна Македонија – слободна татковина на сите народности“.

Оттаму, и денес, како и во 1903 и во 1944, пред одговорните граѓани на оваа земја лежи предизвикот државата изградена во изминатите сто и кусур години да ја зацврстат одвнатре.

Бидејки веќе ја имаме и додека не сме ја „растуриле“, носител на интегративните процеси како одговор на дезинтегративните процеси што ни се случуваат на меѓуетнички план, треба да биде самата држава. Но, не во смисла на изборната политичка кампања на актуелниот претседател кој повикуваше „Државата пред сè“ како супститут за граѓаните, туку како „држава која ја воведува нацијата во просторот (…) Таа ја конституира нацијата во целосна смисла (…) Државата, односно колективните вредности и заедничките институции играат улога на моторна сила, а тоа може да биде еден или повеќе етницитети. Институциите на државата ја воведуваат нацијата во историскиот континуитет. (…) Културната разновидност не го спречува создавањето на една нација“, како што сугерира Доминик Шнапер во својата книга „Заедница на граѓани“, (Слово, Скопје 2003, стр. 113-139).

Второто, или едно од можните свртувања во потрага по одговорите можат да бидат и свежите идеи на најновата генерација интелектуалци во Македонија, кои од многу причини имаат предност во однос на нивните претходници, најчесто оптоварени со националромантизам, схоластицизам или, во најлоша варијанта, со тежок, неоправдан партиски багаж.

Еден од тие млади интелектуалци е и Анастас Вангели. Тој во својот труд „Теорија на граѓанскиот идентитет“, („Политичка Мисла“ бр. 16, декември 2006), вели дека денес „предизвикот за (ре)дефинирање на македонската нација и не би можел да биде поголем. Импровизираниот модул на консензуалност не е перманентно решение за справување со диверзитетот на интереси и цели диктирани директно од етницитетите и нивните племенски старешини.“

Во таа смисла Вангели нагласува дека „државата, сепак, нема никакво право да влијае на она што е приватност на нејзините граѓани, дури ни кога се работи за врвен приоритет, како што е „брендирањето“ на нацијата. Затоа пак, државата треба да ја адаптира јавната сфера според приватните практики на граѓаните. Самиот процес на пренасочување од етничко-генеалошкото кон граѓанско-територијалното гледиште за нацијата е долгорочен политички проект; тој нужно треба да биде ослободен од стигмата на фалсификување или измамување која со себе ја носат политичките изуми и историскиот инженеринг“.

 

Следејки ги овие укажувања, како такви, како политички изуми и историски инжинеринг, треба да се препознаат и идентификуваат проектите „Скопје 2014“ и Енциклопедијата на МАНУ. Како авангарда на овие процеси треба да воскресне академската, интелектуалната и елитата на граѓанските организирани здруженија кои за цел треба да си го постават граѓанскиот концепт на нацијата. Во овој момент не треба да се испушти дека евроинтеграциите, иако во овој момент сериозно загрозени, се новата точка од која треба да се тргне во градењето на тој концепт заради респектот кон културниот диверзитет, граѓанската свест, толеранцијата во пост-модернистичка смисла и отвореноста на заедниците како фундамент на нивното егзистирање.

Да завршиме со еден од живите сведоци на епохата на АСНОМ, генерал Тодор Атанасов. Тој во еден наш весник напиша: „Да признаам, и досега бев загрижен дали ќе можеме достојно, чесно и како што му личи да ја одбележиме 70-годишнината од АСНОМ. Сега сум двојно позагрижен. Како да чувствувам дека ни се подготвува сериозен удар во форма на разисторија. Тоа ќе биде болно и со несогледиви последици за сите во Македонија, бидејќи нашата преубава мултикултурност не е механичко заедништво туку природна состојба. Може да е малку senz – ама е точно.“

Ако не е доцна. На патот кон слободата…

 

Извор: ssr.kauza.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.