Како го убија и срамот во нас!

Јавноста на социјалните мрежи беше вџашена од кумановскиот палјачо кој изведе срамна претстава на конвенцијата на ДПМНЕ. Реакцијата беше бурна, бидејќи многумина се почуствуваа посрамени. Но, дали ние доволно и чесно се справуваме со срамот? Мојот кус одговор е: НЕ!

Срамот повеќе не постои! Таа емоција која ни сугерира чувство на мачнина, или чувство на недостојност пред последиците од некоја наша изјава или акција, нешто што ќе нè натера да ја наведнеме главата, да го спуштиме погледот, да се почувствуваме мали и бедни – како да исчезнала.

Не поминува ден без некој владин политичар, бизнисмен, актер или новинар, државен службеник, да биде фатен во лага, јавно да се избламира, да навреди некого, и притоа ништо да не се случи. Сè останува исто, ниту некој се покајува, ниту нуди оставка, ниту се повлекува, а најмалку од сè, некој се извинува. Како чувството на срам воопшто да не ги допира, како повеќе да нема сила да ги натера на некаков помирувачки гест.

Знаеме од Јапонците, дека имало случаи поради неколкуминутно доцнење на возот, машиновозачот да си го одземе животот од срам. Се разбира, станува збор за екстремен гест. Но, колку што таквиот гест е претеран, совршено е симетричен со отсуството на срам кое надвладува во македонското општество.

 

Се прашувам: зошто оваа толку силна и витална емоција, есенцијална и во исто време ужасна, зошто овој чувар на нашето достоинство, инструмент на самозаштита, се изгубил/а? Денес срамот, а уште повеќе скромноста, не се веќе кочница за еден празен и неодговорен егзибиционизам, ниту од страна на обичниот граѓанин, а уште помалку од страна на претставниците на власта. Смртта на срамот кореспондира со идеологизацијата на баналното, лажното, безначајното, а ние од тоа имаме и премногу. Денес погледот на повеќето воопшто не е насочен кон морални или интелектуални личности, кон извори на доблест, туку кон медиокритетите кои се насекаде околу нас, кои ни ги контролираат и ни ги моделираат животите и, конечно, нè прават и самите обични и анонимни.

 

Срамот, според психолозите, е емоција која суштински е социјална и зависи од меѓучовечките односи. Срам се чувствува пред одредена публика, пред некој што нè гледа, нè суди, но, во исто време, срамот е емоција која е многу селективна, односно, нè допира само доколку имаме диспозиција да нè допре. Пример, ако ве фатат како возите пребрзо, за некои тоа е причина за засрамување, за некои само досада и губење време. Се разбира, чувството на срам зависи од вредностите и од судот кој општеството ги наменува за одредени човечки прекршоци. Ако нашето општество не ги смета проневерата и криминалот, приватната злоупотреба на јавни добра и позиции, клиентелизмот, заканите и навредите, како несоодветни и аморални поведенија, тогаш е јасно дека индивидуата судирајќи се со нив многу тешко ќе почувствува срам.

 

Што ова значи? Па значи дека главните институции кои ја формираат индивидуата околу општествените норми и однесување, односно, училиштето, црквата, партиите – се комплетно во криза! Повеќе од тоа, во општество како нашето, сите институции се покриени, освоени, доминирани од владејачката партија, која не е во криза, но која преку своето самоволие и хегемонија го доведе општеството во тотална криза. Видете, власта или режимот е тој кој пишува учебници, ни кажува што да читаме, каква телевизија да гледаме, ги контролира црквата, синдикатите, сите морални институции се под нејзин диктат. Власта ја има киднапирано нашата култура, ја ревидира како сака нашата историја и идентитет, има монопол врз јавниот простор, дури го контролира, дефинира и го диктира хуморот во нашето општество. Што значи, ние немаме ниту една друга општествено-морална институција освен режимот, а режимот не знае за срам.

 

Ќе направам една историска екскурзија, за подобро да разбереме што е изгубено. Секое општество елаборира модели на однесување и вредносни системи. Ирскиот научник Ерик Додс, употребувајќи ја етиката како клучна и дистинктивна човечка категорија, издвојува две главни антрополошки форми по кои западната култура го развива општеството: „општество или култура на срамот“ и „општество или култура на вината“.

Во „општеството на срамот“ правилата на однесување, особено на лидерот, херојот, политичарот на таа епоха, се стекнуваат преку „интериоризација“ на гласот на народот, кој ја препознава доблеста или ја осудува акцијата на лидерот. Јавната улога и однесување на античкиот човек се формира преку неговото поимање на срамот, на судот на останатите, а не само преку неговата самоперцепција за себе. За човекот во времето на Хомер, најголемата морална сила не е Бог, туку почитувањето на јавното мислење и суд. Така, срамот има двоен аспект: психолошки – губење на самодоверба, и општествен – маргинализација и осуда од заедницата.

Во модерноста, во „општеството на вината“, санкцијата за нечија репутација се формира на два начини: или преку божја осуда или преку осуда базирана врз закони и позитивни норми. Тука триумфира стравот од казната. Дополнително, повеќе од јавната осуда, во „културата на вината“ во личната и индивидуална свест се поставуваат вредностите или изборот на нашето поведение. Што значи, човек стравува пред сè од репресивните механизми во општеството, а не толку многу од моралните.

 

Но, што се случува кај нас на политичко-општествен план? Во ова општество на безбожници или на самодекларирани верници, власта има комплетна контрола врз „вината“. Сите репресивни и институционални инструменти се во нејзини раце. Од догматски или идеолошки побуди, како и од авторитарни, нашата власт не го контролира само чувството или системот на вина, најчесто крајно селективно и арбитрарно туку, што е најстрашно, го контролира и го моделира значењето на моралот и значењето на срамот.

Наспроти културата на срам и вина, Груевски создаде општество на комплетно отсуство на срамот и вината. Ќе почнам од последново. Во Македонија не постои вина, постои право на злоупотреба, сè додека се однесуваш како што диктира режимот или како што тој ти наложува. Вината е наменета за оние кои се надвор од системот на власта, за опозицијата, за слободните новинари, интелектуалци, политичари, за невладините кои не одговараат пред Груевски, итн. итн. Односно, законски, уставно, правно, културата на вина е комплетно монополизирана.

Истото се случува на морален план, или од аспект на срамот. Почитувај ги логиките на режимот, следи го нивниот пример, и никој или речиси никој нема да те суди; напротив, секој ќе ти обезбеди оправдување или алиби за твоето неморално поведение. Гледате, двата аспекти се испреплетуваат и затоа е многу важно за власта да има контрола над истите. Криминалот на кој секојдневно сме сведоци од страна на власта како да не постои, а потоа не постои ни срам од истиот. Но не е само криминалот во прашање. Дрскоста, ароганцијата, саможивоста, навредите и заплашувањата, ниту едно срамно поведение кај нас не добива должна осуда, токму зашто сме општество на суспендирана или на арбитрарна вина и срам. Затоа велам дека режимот на Груевски не го уби само законот, туку го уби и срамот во нас.

 

Оттука, ние денес сме општество каде сите имаат храброст бесрамно да го предизвикуваат моралот, но никој ја нема храброста да ја предизвика бесрамната реалност.

Жално е што во едно авторитарно општество какво што е нашето културата на срамот не преживеала. Само тоа денес ни останува. Транспарентноста и културата на срамот се речиси единственото оружје против препотентноста на режимот, кој дефинитивно го корумпираше целото наше општество, како и фундаменталниот поим и суштина на државата. Сведоци сме на отсуство на срам од физиономијата на владејачката номенклатура и пред најгнасните постапки, најниските навреди, најкриминалните одлуки. Дури ни пред прашања кои им се јасни на сите, евидентни и докажани, ние не гледаме засрамување и одговорност, туку гледаме само една арогантна егзалтација на маските од лицата на власта, како и тие самите да се излеани од бронза.

Срамот во македонското општество е претворен во табу. Постои само срам од наметнат срам, срам од тоа да се биде оставен на страна, неуспешен во едно суштински неуспешно општество, никој и ништо. Нема срам од конформизмот, само срам доколку нашиот прорежимски егзибиционизам не е доволно убедлив. Нашиот срам денес е срам без морал и вредности, тој не постои сè додека имаме оправдување дека нешто правиме, дека сите така прават, дека мораме да слушаме, да се адаптираме. Никој не се прашува што не треба да правиме, туку сите се прашуваат што да направам за нешто да добијам!? Ако треба егзибиционизам, добро, ако треба да бидам нем набљудувач, исто добро, ако треба да бидам воајер, тогаш и тоа ќе бидам. Робови сме на еден срамен спектакл кој го избриша чувството на срам. Во форма на политичка моќ, Груевски е инкарнација на таа екстремна безначајност, на која толку лесно ѝсе потчинивме.

Нашата бесрамност или нашиот аморален срам денеска не е врзан за никакви норми; напротив, врзан е за нивното отсуство. На нивно место постојат само авторитарни модели, општествени етикети, лажни вредности, примери на една декадентна лична моќ и злоупотреба. И во таа мизерна егзистенција индивидуалната и колективната психа не знае за срам, туку само за едно транзиторно, а сепак толку константно посрамотување.

Културата на срамот може да ја вратат само граѓаните, ние треба да почнеме да се срамиме. И затоа – засрами се народе! Почнете од себе, па можеби така ќе стигнете да се засрамите и од вашите изборни преференции.

Leave a Reply

Your email address will not be published.