Како „државотворците“ во власта трујат се’
Пред некоја ден имавме трибина на која се разговараше за Европа и Европските вредности; една „локална“, друга „регионална“ невладина организација; што ми влета в глава додека траеше дискусијата? – … Смирете се, браќа, сестри, Русија е со нас…!
На прво слушање, аргументите се одвиваа разумно, на „второ“, перцепциите беа прилично конфузни. Почнав да размислувам како на овие прашања би одговориле сите оние „државотворни“ луѓе кои ја сочинуваат власта на чело со „државотворниот“ сердар, Груевски Н., кој еве, повеќе од 9 години ја владее „државотворно“ Македонија. За да не навлегувам во неговите изјави – кои се прилично мачни, што за слушање, што за тумачење – ќе се послужам со некои „теориски фусноти(рања)“.
Да почнеме од претпоставката дека каква-таква држава Македонија постои, каква што е, нели, и партиската намера дека тука „живее“ некаква држава. Понатаму, да продолжиме со претпоставката дека Груевски смета дека тој, а и’ неговата партија, се’ државотворни.
ЗА ДРЖАВОТВОРЦИТЕ ВО ВЛАСТА
Знам дека на сите „државотворци“ ќе им се дигне косата на глава кога ќе ги прочитаат овие редови, ама не е на одмет да потсетиме дека државата треба да биде аполитична, и дека во секој случај треба да биде над-политиката. Оттука, војската и полицијата, како клучни апарати на една демократска држава, изричито им се забранува партиски ангажман. Додека, обратно, во диктатури се’ инсистира на партикуларност на горепоменатите институции. И тука нема никаква дискриминација во оваа забрана!
ЗОШТО НА ПОЛИЦИЈАТА И ВОЈСКАТА ТРЕБА ДА И СЕ ЗАБРАНИ ПАРТИСКО ОБЕЛЕЖЈЕ
Сето ова го знаат нашите сердари, што свесно, што интуитивно, и затоа непрестано ја психологизираат ионака кревката јавност, застрашувајќи ги, нели, со медиумски канонади за непријатели, странски платеници, баба-роги од подземјето, и слични сили и неправди. Добро, сите држави имаат непријатели, ама длабоко сум уверен дека најголемите непријатели на државата се оние „државотворци“ кои ја исполнуваат власта.
Во строга смисла, тоа што се претставува како власт, не е ни партија, туку мала источњачка сатрапија која функционира на вазалско-клиентелистички принцип – декларативна послушност (низ кеш, пари(у), камен, шушки, сликичиња…).
ЗОШТО ЗАСЕГА ДЕМОКРАТИЈАТА НЕМА НИКАКВА ШАНСА ВО МАКЕДОНИЈА
Затоа што самата демократија и’ е доверена на партија која во суштина е недемократска, и често тоталитарна. Како, навистина да се верува дека „државотворците“ на власт оваа држава ќе ја уредат демократски, ако во самата власт се наоѓаат автократи склони на „буразерска обичајност“, да не кажам, криминал.
Таа системска грешка непрестано репродуцира стагнација и општествена инерција, оти во таква неказнива политика – државата е привид!
КАКО СЕ СОЗДАВА ДРЖАВА
Држава се создава на политичка филозофија и владеење на правото. Ова, секако, сите ќе го поздрават, ама никој во пракса нема да го „имплементира“. И сите во хор ќе повторуваат: ние на тоа работиме; бла бла бла. Зошто? Затоа што сегашниве патриоти и „државотворци“ би се нашле на робија. Затвореноста на овој систем, неговата непрозирност, гарантира негова опсцена функционалност, дури и долговечност. Се’ е поставено газ-глава. Наместо да биде чувар на законитоста и борец против корупција, нашиот (пара)државен апарат е директен генератор на безаконие.
Во иднина, општествените случувања, дрзок сум да предвидам: нема да бидат канализирани низ политички и институционални канали, ами се ќе тече „препуштеното“ на колективното несвесно. Општествената Психотизација, потпомогната од медиумските опсцени, индукцијата на мачната медиумска кампања, артикулирана од новинарскиот и аналитички олош, порано или подоцна ќе мора да се најде во клоака, издишок. А тој издишок, клоака, ќе предизвика цунами од потисната агресија.
ШТО ДА СЕ ПРАВИ ВО ВАКВА СИТУАЦИЈА
Да го повикаме „Спутник на љубовта“, па да му речеме: Смирете се, браќа и сестри наши, па луѓе сме, Русија не’ љуби!