Каде започнува промената на светот

Нашите животи почнуваат да се гасат дента кога стануваме неми за работите што се важни.
Мартин Лутер Кинг.

Таму каде што владее лагата за значајните работи, оној кој ја зборува вистината почнува да дејствува, сеедно дали е свесен за тоа. Така и тој се вплеткува во политичката дејност, оти во случајот да преживее, што не е сигурно, тој ја започнува промената на светот.
Хана Арент.

Зошто сите сме толку опседнати со политика? Зашто таа реално ги моделира нашите животи. А ние тоа го чувствуваме, повеќе или помалку свесно. Дури и кога се трудиме да ја игнорираме политиката, таа не нè остава раат. Значи, ретко кој од нас, граѓаните, што секој ден по кафеани, улици, работни места, по интернет, по дома и по гости неуморно бамбориме за политика – го прави тоа од досада, од перверзија или поради тоа што нема попаметна работа. Се бавиме со политика зашто таа ни се вовлече во креветите. Се бавиме со политика зашто таа реално ги одредува нашите животи, дури и во подлабока смисла. Се бавиме со политика зашто ѝ дозволивме да стане толку моќна, толку преждрана (а притоа цело време безгранично гладна!), што сеирот и цинизмот веќе не вршат работа.

Власта секојдневно трупа ново сало врз своето нагоено тело (некои проценки велат дека власта директно контролира 70 проценти од целокупниот бруто општествен производ во земјата). Истовремено се случува најлошиот општествен феномен: со растењето на неконтролираната моќ се намалува одговорноста. Веќе никој за ништо не е одговорен, само ако е лојален, ако е послушен груевист. Можат пациенти да умираат за банални работи, можат да гинат луѓе туку-така, да се затвораат медиуми, да се апсат и казнуваат луѓе за политичка неподобност, да се тепаат студенти по плоштади, неодговорно да се трошат стотици милиони евра, да се толчат стотици илјади луѓе меѓу најслабите и најранливите, а притоа одговорен за злото, за пљачката, за неправдата, за суровоста, за насилството – нема. Напротив! Насилството, суровоста, неправдата како да се пожелни, зашто тие се единствената легитимација на моќта.

За конечно да станаме граѓани, на ѓубриштето на сопствената историја ќе треба да ја фрлиме средновековната логика на кралското самоволие, според која многу често ја наведнувавме главата пред неправдите: quia nominor leo. „Само затоа што се викам лав“ немам право да ги прождирам сите други.

Таквото „лавовско“ разбирање на моќта мора да се прекине. Изборите на граѓаните треба да им служат за тоа.

Какви вредности треба да застапува добриот политичар? Пред сè, не смее да шири омраза и страв и не смее да ги брани интересите исклучиво на тесни тајфи, сеедно дали станува збор за неговото семејство, партија или општествена група. Добриот политичар подеднакво и принципиелно треба да се грижи за интересите на сите граѓани во општеството. Доколку личниот ќар носи општествена штета – моралниот политичар го отфрла. Освен моралност и одговорност, за некој да биде во состојба успешно да управува мора да има толерантност, мора да биде ментално стабилен, да има широка култура, мора да ги познава начините на кои функционира неговата држава, но и светот пошироко. Со своето знаење политичарот треба да го менува животот кон подобро, да ги унапредува меѓучовечките односи и да решава конфликти. Треба да научи да ги слуша разумните луѓе и јавноста, да ги почитува законите и одлуките на демократските институции.

Во спроведувањето на власта одговорниот политичар не смее да ги злоупотребува медиумите, судството, војската или полицијата. Одговорните политичари не смеат да се служат со лажни ветувања за да ги придобијат масите и за да стекнат популарност на сметка на општествената стабилност. Злоупотребата на емоциите на народот за политички цели и заради остварување себични цели е израз на најголема можна управувачка неспособност, нецивилизираност и неморалност.

Сегашната македонска власт застапува наполно обратни вредности од погоре спомнатите. Груевистичкото разбирање и практикување на политичката моќ, преку лаги, манипулации, насилство и злоупотреба на сите општествени лостови, токму е во знакот на неспособноста, нецивилизираноста и неморалноста.

Груевизмот суштински е недемократичен, зашто тој првенствено е идеологија на дувлото. Демократијата претпоставува одреден степен на отуѓеност. Кај сатрапиите, пак, од типот на нашава, не постои дистанца меѓу водачот и народот. Оваа дистанца е укината бидејќи се претпоставува дека водачот директно ја претставува народната волја, а резултатот се состои, според Славој Жижек, во тоа што луѓето многу порадикално се отуѓени во својот водач. Тој директно е тоа што „тие навистина се“, тој е нивниот вистински идентитет, тој ги олицетворува нивните вистински желби и интереси, како спротивни на нивните збркани „емпириски“ желби и интереси. Спротивно на авторитарната власт отуѓена од своите поданици, народот овде е отуѓен од самиот себе. Тоа ѝ се случи на Македонија под груевизмот, народот да се отуѓи од самиот себе, од сопствените интереси.

Мој впечаток е дека со гласањето за опозицијата на 24 март ние нема да влеземе во рајот. Но ќе го направиме првиот посериозен чекор за излегување од седумгодишниот груевистички пекол.

Leave a Reply

Your email address will not be published.