Јас не сум Горан Петрески

На протестот пред МРТВ, вечерва, со еден колега заклучивме дека ти Горан немаш појма, според наше мнение, од новинарство. И затоа се држиш за она , кое ние би го одбиле. Според колегата, ти си само убав, а јас би се надоврзала на тоа-дека ни тоа не си веќе. Бидејќи, кукавичлакот ги огрдува луѓето-во зелените очи одамна не се гледа никаков сјај.

И тука, сигурна сум- и мене да ми се случеше таква ментална мртв матрица, би огрдела преку ноќ. И луѓето кои ме сакале некогаш заради мојот пркос и храброст, ќе почнат да ме презираат. А пред нив, сама себе ќе почнев да се разјадувам, ама добро-јас не сум Горан Петрески.

А што точно значи тоа ? Тоа Горане значи дека сите ние можевме да бидеме на некое високо место и да уредуваме вести, весник, неважно. Еден куп ги има. За тоа , доволен ќе ни’ беше само еден телефонски повик на Иле велешанчето или на Мартин, кој го познавам уште кога беше мал и пишуваше за формули, автомобили, такви ствари, колку да се занимава детето. И да им речеме : „види, стави ме некаде главна фаца и дај ми дебела плата, а јас ќе ве фалам“. Барем јас сум одличен пишувач, ДПМНЕ сонува да поседува пера како мене. Завршена ствар, чиста работа.

Кога сме веќе кај Иле денеска сакаше да се паркира со својот голем сребрен „мерцедес“ пред мене со велешки таблици, а кога ме виде со мобилен во рака, иако имаше празно место, уфрли рикверц и се заака назад, далеку и позади други возила.
Дали пред тебе би уфрлил рикверц ? А зошто не ?
Сте се слушале по мобилни ?

Туку, ако прифатев некоја нивна понуда, ќе возев нова кола, а не дрндава, немаше да имам ниеден кредит, ќе можев да одам во шопинг кога ќе посакам, на масажи, на фризераи, да се облекувам скапо, а не просечно, а ќе јадев во скапи ресторани. Кога човек има 2-3.000 евра плата- е на коњ.

Наместо тоа, јас се одлучив да бидам ничија. Бидејќи реално во земјава наша, не е важно дали си прв или последен ранг, важно е што би рекла Софија судиката од лентите кои не ги пушташ, да знаеш да „пушиш“ кај некого , а и да знаеш каде. Се одлучив да имам мала плата, да сум на кредити, да не возам нова кола, да ја кажувам вистината и да се крпам од 1-ви до 1-ви. Да не сум раат. И да пишувам против криминалци. Сториите на кои сум била автор или коавтор и после 10 години уште се актуелни, уште траат, живеат. Верижно поврзани, бликаат како гејзер и после 10 години.

А јас искрено, кога ќе ми текне на тебе, ми текнува само на една сторија-онаа кога со денови висеше на автопазарот на „Фершпед“, правеше прилози како наводно пазарот немал дозвола , се додека на крај не го затворија. И еден куп луѓе останаа без парите кои ги вадеа оттаму.

Ете, јас никогаш не пишувам против сиромаштијата, само против богатите и криминалците. Немам текст во кој ја напаѓам сиромаштијата, напротив ја штитам.

Значи да резимираме- јас не сум Горан Петрески, нема никогаш ни да бидам.

Луѓето, напротив, би рекле пример :„сакам да сум Јоци“. Јас сум концепт на иднината, ти си на минатото.
Важен е сјајот во очите. Ќе видиш сам за некое време.
А некад стварно беше убав. Сериозно.

Leave a Reply

Your email address will not be published.