Јадење слама, или излог на едно големо ништо

Овие денови сите луѓе „трансирани“ клечат пред телевизорот, ќутејќи со отворена уста ја слушаат Објавата на Иванов Ѓ., трудејќи се да запомнат што повеќе, како би можеле подоцна да го обработуваат материјалот по катакомбите


Тоа е таа сугестивна моќ на религиското искуство: можеш ти да брбориш бесмислици, ама од твоето „харизматично“ брборење и’ верникот ќе прооди; додуша, додека повторно не дрецне на земја. А што, во суштина има Ѓорге да каже? Совршено ништо, и тука лежи целиот штос.


Еднаш блазираниот Енди Ворхол, некаде на врвот на славата, рекол дека всушност тој нема што да каже – ете, не разбира како луѓето не можат да приметат една така очигледна вистина; ваквата „автопоетична“ изјава со внимателно дозирање и (авто) ирониско полнење има три заклучоци (не’ како Ивановите идиотски „три принципи“) кои треба да се совладаат, барем во едно дупло дно кое треба да се лоцира; со Иванов е обратно: целата негова програма всушност е едно големо ништо кое се „трипува“ во спектакуларен успех низ својот метафизички успон кон Нешто.


Оттаму доаѓа и она блесаво и очекувано „земјо-тресење“ кога Ѓорге ќе проговори: всушност, тоа не се случува, оти Иванов и’ не проговара. Ниту некогаш ќе проговори. Вистината е дека од устата на граѓанинот Ѓорге излегуваат некакви реченици, дури некогаш и многу реченици, ама во тие реченици нема ништо, супстанцата на речениците е „населена“ од ненаселена смисла (или било што друго), нешто како оној празен меѓугалактички простор, „темнина над темнината“.

 

Ако е во прашање ништо, тогаш зошто да се бара кривица: за нешто што го нема? Но, сепак, таа работа е малку посложена. Ниеден не’ побара, барем преку коментар, Ѓорге Иванов биде оптужен „поради реторика“ и да, „реториката“ може да биде многу опасна работа – со закон казниво! – механичко брборење кон „случајно“ насобрана публика, која и самата другиот ден нема да се сеќава на микробактериолошкиот состав на столицата на граѓанинот кој претендира да биде повторно нешто како претседател на нешто. Улогата на Иванов – ако ништо друго – е многу поразлична од егзалтирањето на публиката. Иванов и неговата „реторика“ во интелектуална смисла е ништо, а во политичка и морална минус бесконечност, ама тоа не значи дека таа „не постои“: напротив, неа итекако ја има, дури и ништото како поим, и како празна содржина постои во нашиот свет, баш како што нулата е легитимна, неизоставен дел од некој број; одземи ја нулата и тој број исчезнува, се претвора во нешто друго.


Иванов со радост отиде во мит, заедно со сите оние „дедовски приказни“ позади кои таков дух може да се испили!


Што всушност Иванов бара на овие избори? Од една страна да каже дека „нема промена на идентитетот“, како да е тоа можно некој-некому-да-менува-идентитет, или пак, да му зададе еден и засекогаш зададен идентитет. Од друга страна, сака да се прогласи за „маченик“, во борба за „национална кохезија“ на македонецот! Имено, Ѓорге И. тргнат да биде самопрогласен шејтан-идеолог, а богами и горлив прагматичар, барем во границата на ионака лимитираните интелектуални можности. 

 

Секако, на „ниско ниво“ ова е замка. Зошто? Затоа што под неговото владеење Македонија има затворени новинари за пишан збор; политички затвореници, или сето она што во Европа е забрането и стриктно со закон уредено! Одењето пак, низ светот, тоа ништо дополнително го засилува како би било потполно – освен што шеретски си намигнувал како во некој стриптиз бар – Иванов Ѓ. во тоа геополитичко ништо вложи се’, недавајќи го идентитетот. Па одиме од почеток: одземи му ги „идентитетските“ приказни, одземете му ја празната реторика – од човекот не останува ништо. Затоа Иванов се држи до тоа ништо – а истовремено, се’ брани и оптужува. Имено, тоа негово ништо привремено опстојува: некое време ти оди добро, а потоа пука, па ти и светот се разделувате. На крајот „отплутуваш“ во онаа безнадежна „темнина“ верувајќи дека тоа твое ништо засекогаш ќе одекнува во бескрајниот вакум. Ма секако дека нема: Ништото на Иванов е премногу банално, а баналноста има краток здив, ќе се распрсне уште во стратосферата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.