Изворот на животот е во Слободата

Седам во темница со излепени слушалки на ушите, длабоко занесен во музичките ноти на српскиот виртуоз на гитара Радомир Михајловиќ – Точак, во рап културата на Едо Мајка и во реалистичните стихови на Дарко Рундек, како и во тотално “откачените“ Партибрејкерси. Сите уметници на свој начин, сите пишуваат своја историја на свој начин, сите се еден вид на “мадафакери“ во својата околина, слободари по професија, духовни просветители по занимање.

Така, во полудепресивна позиција предизвикана од социо-културното опкружување во градот, слушајќи ги стиховите на Дарко Рундек од некаде почнав да го слушам и гласот на Роберто. Ми се вратија сликите од нашите меѓусебни разговори и сликите од последното наше патување, т.е. последните 300 км поминати со неговиот автомобил и слушајќи го маестралното дело на Рундек – “Шејн“ – и слушајќи го Роберто како ми го преведува на македонски. Сите овие моменти ме поттикнаа да се вратам неколку чекори наназат и да прочепкам по архивите на интернет околу дисидентска библиотека на Коља (за многумина човек од друга планета, а за мене човек кој целиот свој досегашен живот го поминал помеѓу тони од хартија, барајќи го атомот за подобро општество!); ги барам и запишаните зборови на Роберто низ натрупаните полици на “online-хартија“. И во целиот тој габарит од литература најдов нешто од Роберто што и сега во моментот ме дрма, ме тресе.

Нешто што Роберто го напиша под шифрата „Изгубени во светот на сенките“, а гласи: “Јас сега знам дека е малце тешко, вака од локален контекст, да ги согледате тие работи до кај се движат. Меѓутоа, она што е битно, што треба да го знае секој, е дека кога ќе ви го одземат правото да зборувате, кога ќе ви ги затворат каналите да се жалите, да кажувате, кога ќе ви забранат да мислите, престанувате да постоите како човечка единка. Престанувате да постоите како политичко битие. Станувате роб. И мислам дека колку и да ви изгледа апстрактно во моментов ова што го зборувам, дека вреди, вреди да размислите за ова што ви го кажувам. И вреди да размислите како, и на кој начин, би можеле да ни помогнете во таа борба, барем она малце слобода што е останато, да го задржиме непрегазено. Толку јас имам“

Како што читате и сами, тој од вас бараше да се борите за вашите слободи и права, тој од вас не бараше поддршка за локални, парламентарни или претседателски избори, тој не бараше да лепите плакати со неговиот лик по бандери и напуштени излози. Роберто од вас бараше да излезете на улица и да кажете гласно дека сте гласале за почитување на вашите граѓански слободи и права. Тој од вас бараше да излезете како што турските граѓани излегоа и се бореа за своите права, бараше од вас да бидете како десетмината кои се бореа за правата и слободите на “Гласникот на обичните граѓани“ – Асанж, за кој Јасна Котевска зборува во својот последен текст.

Текст во кој Јасна на најопшт, на најприземен јазик ја опишува културно-општествената свест помеѓу два различни света, од една страна држава, во која владее диктатура, од друга страна лулката на демократијата. Во текстот на Јасна Котеска посебно ме заинтересира делот кога таа разговара со една девојка која по потекло е од Македонија, дел кој сакам да ви го пренесам во изворна форма: “Понекогаш сме разочарани што на граѓанските протести има премалку наши сограѓани. Но, тој 18 август 2012 пред амбасадата на Еквадот во 10-милионскиот Лондон имаше само 10 луѓе! Тоа е статистички толку мала бројка, што ниеден македонски граѓански протест или активистичко движење никогаш нема да го „победи“ тој ден по своето неприсуство! Па сепак. Тоа сиво лондонско утро научив дека бројот на демонстранти не е најважното нешто на светот. „Веќе следниот ден“, Сања ми објасни, „ќе се приклучи нов човек….“ Некои денови ќе бидат подобри. Некои ќе бидат полоши. Некои битки ќе ги добиеме. Некои ќе ги изгубиме. Но, она што никогаш не треба да го изгубиме е идејата дека отпорот е важен, дека отпорот спасува човечки животи. Како човек кој со години професионално се занимава со идеолошките неправди, знам дека она што сигурно ги убива луѓето е – молчењето!“

Веќе поминува трет ден од чествувањете 40 дена од смрта на Роберто. Габаритот на делото кое што го остави зад себе е голем, идејата која ја зачна е толку силна што на тираниве од власта ќе им требаат уште многу Груевчиња за да ја усмртат, но нема да им успее.
Роберто замина, не напушти! Но нe не’ напушти како роб, туку не напушти како слободар.
Најпрво порака испрати Никола Младенов – “Колку чини слободата?“ Потоа пораката на Роберто “Тишината не е решение!“, па потоа порака прати Владе Милчни – “Над испустената Македонија брмчи само гласот на Фирерот. Му се заканува на светот, а ја гази татковината!“, и Јасна ви испраќа порака која е во иста насока – “Знам дека она што со сигурност ги убива луѓето е – молчењето!“
Ви треба ли уште молчење? Ви треба ли уште тортура, диктатура?
Ви требаат ли уште пораки?
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.