Извини Пиги, морално беше!

Нешто си мислам, што толку нашава јавност му фаќа сеир на Груевски што му простил на својот напаѓач Таулант Цапа, кој го гаѓаше со јајца во Тирана? Па човечки е да се прости, особено ако грешникот се покае. И ако промаши. Па нели и папата Јован Павле Втори му прости на својот несуден атентатор? А што му е друго работа на еден папа?

Но, мене друго ме секира. Дали Груевски ќе има толку доблест да му прости и на Али Ахмети ако и овој покаже „јајца“ за некои сериозни работи?

Дека Ахмети му лансира на Груевски сериозен бараж нема никаков сомнеж. Во две симултани, добро темпирани интервјуа, Ахмети ја откри сета стратегија, помалку своја, повеќе странска, за скориот расплет на спорот со Грција. Во овие интервјуа Ахмети ги исцрта очекувањата кои се испоставуваат пред Груевски, отворено ги соошти понудените решенија, со голема самоувереност „гарантираше“ дека нема да се чепка името на јазикот и на нацијата, навести дека пасошите би можеле да се сменат, а сложеното име би било за прилично широка употреба… Пораката содржи и предупредување, поточно закана, за тоа што би следело доколку и овие предлози наидат на ѕид: Македонија ќе биде изолирана, странските фондови и дотации ќе секнат, Албанците и Македонците ќе си фатат секој свој пат, „Албанците по албански, а Македонците по бугарски пасоши.“ Дали тоа значи навестување и на распад на државата, Ахмети ни остава сами да насетуваме.

Колку и власта да ја минимизира неговата дипломатска турнеја во Брисел, Париз, Вашингтон, како туристичка, приватна или партиска, од овие интервјуа е јасно дека улогата на Ахмети станува клучна. Преку него треба да се канализира она што наскоро треба да се случува со и околу спорот за името. Одамна се зборува дека меѓународните фактори го имаат него како адут, и очигледно влеговме во етапа кога тој адут е извлечен од ракавот.

Се на се, од своите патешествија по важните метрополи Ахмети му донесе на Груевски еден тежок Катил Ферман. Ферманот кажува дека играта е завршена, решението е „Горна“, а понудата е „земи или остави“. Наградата е датум за преговори за членство во ЕУ на министерскиот совет за два месеци, веројатно брзо членство во НАТО и натамошен добар „европски“ ветар за државата, општо, а комотно владеење за Груевски, посебно.

Проектот за втерување на Груевски в колосек или в ќош, изгледа е сеевропски, а потоа и регионален, сеалбански. Папуљас патува во Тирана, кај својот колега Нишани, албанскиот премиер Еди Рама другиот ден носи пораки во Скопје, Ахмети не е сам во таа работа. И за арно и за лошо. Албански весници во Скопје апелираат до средношколците да не провоцираат Македончиња, „зашто нешто ќе се случува со името во следниве два месеци.“ Знаат нешто.

Вашингтон и Брисел се хиперактивни. Ховит во Скопје, прво настапува жестоко, а потоа најавува дека ЕУ ќе го преземе посредувањето од Нимиц. Тој пак веќе по неколку дена доаѓа во Берлин и и реферира на Меркел „до каде е работата со името“. Грчкиот амбасадор во Скопје вели дека е оптимист, а фантомскиот и навредлив „славјано-албански“ предлог секојдневно ѕирка во јавноста, те од Њујорк, те од Тирана или од Брисел. Еден ден се демантира, а веќе другиот се реафирмира. Него му е дадена улога на Баба Рога, за некој да се сети во кој правец може да тргне муабетот, ако треба.

Ова се чини како досега најсериозна и најтемелно подготвена офанзива да се „избоксува“ некаков напредок пред советот на министри да го усвои извештајот за Македонија и да додели датум. Во таквата ситуација нашата власт делува ошумоглавено. Груевски молчи, партиските мегафони плашат мечка со решето наречено растурање на коалицијата и предвремени избори, во услови кога Ахмети се заканува со растурање на државата. Поповски вели Ахмети имал партиски активности, а Милошоски се обидува да му го припише славо-албанскиот предлог како единствен дострел. Обидите за минимизирање се неуверливи, што се гледа од нивните пеплосани лица. Времето тече и моментот на вистината се ближи, а за беља ни СДСМ го нема да преземе „предавничка“ улога. Делуваат како најрадо да би го преспале овој несреќен декември, па што и да носи со себе. Изборот што е пред нив е од типот змија или магаре, а шеширот од кој треба да извлечат ливче засега е кај Ахмети. Верувам дека и тој, како и Цапа, после ќе им се извини во стилот „Извини Пиги, ама морално беше“. Е, тоа е веќе вистински предизвик за простување.

Leave a Reply

Your email address will not be published.