Изложба на графики, цртежи и слики на Горан Јованов

Денес, петок 13 февруари, во очи на празникот “Свети Трифун“, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, со почеток од 19 часот, ќе биде отворена изложба на графики, цртежи и слики на ликовниот уметник Горан Јованов од Гевгелија.

Горан Јованов е роден 1982 година. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје и магистрира на истиот факултет во 2009 година на отсекот графика под менторство на проф. Димитар Малиданов.
Во каталогот од неговата изложба со циклусот “Записи“ која првпат е претставена во декември 2014 во Дом на АРМ – Скопје, Маја Чанкуловска – Михајловска ќе рече:
“Исчитувајќи ги делата на Горан Јованов од неговиот најнов циклус насловен „Записи“, создадени во текот на изминатава година, неизбежно е да забележиме дека тие се базирани врз различни истражувања на ликовен план и експериментирања во различни техники (сува игла, бакропис, акватинта, масло и акрил на платно итн.). Како што укажува и самиот поднаслов на изложбата, основа врз која тој ги формулира своите повеќеслојни „записи“, изразени преку графики, цртежи и слики, се естетските принципи на линијата, формата и симболите, а се изведени преку линераност и колористички експресивни композиции вообличени со умерени релјефни енформелистички детали.

izlozba goran2Ако се пристапи на формална анализа на делата, кај нив можеме да констатираме особен интерес кон осмислена комплексна композициска поставеност на формите во централниот дел на сликата; истите имаат функција на центар или јадро од кое се расчленуваат повеќе фрагменти, линеарни контури, а преку наслојување на материјалот е постигната слоевитост на структурата и текстурата. Просторот во кој се развива играта на елементите е осмислен во повеќе планови, како плохи кои се поставени една врз друга, создавајќи атмосфера на наталожување на восприемените сензации кои главно може да ги поврземе со сублимирана духовност на различни нивоа.На оваа духовност, која се отсликува и во фантазмагоричниот амбиент, како идеен постулат на претставите кои се обидуваат да ја прекинат секоја врска со реалноста, алудираат повеќе симболични форми: сферичните облици кои сугерираат мистични храмови, загадочни предмети налик на свети книги и реликвии, писма (записи) во кои препознаваме симболи од глаголицата, но и извесни калиграфски писма. Бојата има особено комплексно значење и функција – од една страна цели кон постигнување на контрастност и ритмичност, додека од друга страна загасените земјени бои сугерираат смиреност; на одредени партии бојата е примарен елемент кој ја дефинира прочистената композиција, додека од друга страна се јавува присуство на повеќе детали кои асоцираат на орнаменти.

Ликовниот ракопис на Горан Јованов се повикува на елементи од апстрактната асоцијативна изразност, при што линијата е експресивна и сигурна, некаде сведена на гестуалност, и произлегува од потези водени од спонтаното психичкото доживување. При тоа, не само симболичните органски форми, туку и бојата и линијата се движат во насока на симплифицирање на претходно практикуваната фигуративност, која сега само се наговестува преку детали и облици.

Следејќи го својот уметнички импулс, Горан Јованов останува доследен на ликовниот израз кој рефлектира силно изразен лирски сензибилитет, како метафоричен и поетски однос кон апстрактната форма на сликата и трансцедентноста на човековата суштина. Следствено на тоа, во неговите дека централно место заземаат интимните изолирани меланхолични уметнички светови, наталожени до обременетост со записи од минатото, со крајна тенденција за предизвикување контемплативност на ниво на духовност и изразување на внатрешните искуства, емоции и содржини.“

Leave a Reply

Your email address will not be published.