Изгубени Германци или како талкаат нашите идентитети

„Животот може да биде убав и слободен, но сме го изгубиле по патот. Алчноста ги отру нашите души, го затру светот со омраза и беда. Знаењето нè направи цинични, а умот – тешки и немилосрдни. Премногу мислиме, премалку чувствуваме. Повеќе од разум ни треба милост и нежност! Не очајувајте! Омразата ќе мине и диктаторите ќе изумрат, а моќта што им е одземена на луѓето ќе биде вратена.“
Д. Дуковски, Изгубени Германци 

Изгубени Германци е претстава каква што подолго време не сме виделе на македонските тетатрски сцени. Ова е приказна која ги исцртува меѓупросторот, праговите на нашите стравови, копнежи, на нашата надеж која е веднаш проследена со безнадежие. Низ неа го осознаваме процесот на неможноста да се фиксира и дефинира идентитетот, на болката која се прикрива зад привидот на игрите на моќта и животот набљудуван преку дурбин и соголен во неговите најскриени, најинтимни детали. И, се разбира, на едно онтолошко режисерско и авторско рамниште, Изгубени германци е претстава за неможноста да се љуби и притоа, да се дофати идејата за слободата. Оваа сценска вињета, која ни покажува низ текстот, актерското мајсторство, кореографијата, сценографијата и сценското кондензирано дејствие, кое режисерот Унковски го динамизира, контекстуализира и реартикулира низ слоевитото хибридно жанровско читање, претставува репрезентативен и референтен театарски акт, кој комуницира не само изолирано, во вредносните системи на медиумот, на затворените театарски парадигми и форми на израз туку, пред сè, покажува дека театарот е секогаш длабоко во дијалог со социо-културниот процес на актуелниот миг, но и со историјата на „политичкото“, кое никако не постои вон интимното. Во оној празен простор на Питер Брук, актерите и режисерот ни го покажуваат значењето на играта која се одвива во високи фреквенции на јазичната и текстуалната артикулација, допирајќи ги најтивките, најподземните, најсубверзивните аспекти на нашето талкање низ животниот систем.

Унковски, со својот метод на обликување на сценскиот простор и на тетатрскиот светоглед, создава претстава дефиниција – таа одново дефинира што може да значи театарот и изведбениот карактер во уметноста, како се гради таквата структура во тријадата режија, текст и актери, како се вклопува во целовитоста на визуелната поддршка (сценографија и костими), и како ги артикулира своите комуникативни, естетски, антрополошки и политички вредности во однос на гледачот, во однос на општествениот миг и во однос на историското траење. Но, таа ги дефинира и искуствата на нашата потчинетост на конвенциите, на стигмите и стереотипите кои ја задушуваат слободата. Но великоста на Унковски е во тоа што и покрај парадигматичкиот карактер на неговиот тетатр, па следствено и на режисерската постапка во Изгубени германци, кој поставува јасни дефиниции, референци и параметри во однос на кои се развиваат сценското дејствие, слоевитите пораки и ликови, сепак, успева да создаде процепи, џебови, маргини кои крајниот светоглед го оставаат отворен за толкувања, надополнувања, варијации, игривост, фантазмагоричност, утопичност и дистопичност. Театарот на Унковски е театар на взаемност во создавањето, каде што тој вешто и невидливо ве води низ сите скалила на естетското, толковното, логичното но и она што рационалниот ум не умее да си го замисли. Чудесен и моќен спој на имагинацијата и контекстуализацијата.

Режисерот Унковски, кореографката Кренаре Невзати, сценографот Виктор Михајлов и врвната актерска екипа создаваат претстава која може да се нарече дека почива на принципите на интеракцијата на телото и текстуалните значења.

Она што секогаш е клучно во режисерската постапка на Унковски, и што можеби е една од неговите најголеми вредности, па дури би рекла и негово естетско кредо, е што неговиот театар е театар на колективот. А таков театар може да созадае само голем режисер, кој точно и прецизно ги познава сите поединечни сегменти на сценското дејствие и на сценскиот простор. Унковски, со својата режисерска постапка, виртуозно создава едно тело во тетарските простор и време – тело кое низ сите поединечни фрагменти и драматуршки и актерски разногласија се стекува и говори со единствена, јасна, но повеќезначна синтакса. Просцениумот во ваквата постапка создава единство помеѓу публиката и актерите, исцртувајќи простор на физичка, емотивна и идејна напрегнатост. Никој не може да остане дистанциран. Секој, и актерот и публиката, ја чувствува својата одговорност во креирањето на содржината и на пораките. Постапката на Унковски е како библиотека, архива на различни и еднакво вредни парадигми од историјата на тетатарот, на културата, на психологијата, на политичкото и естетското наследство. Значењето на текстот, на дејствието, на гестовите и на акциите, Унковски маестрално ги поставува низ фокусирана перспектива каква што дава оптиката на камерата, на објективот со кој светлото на разоткривање на човековите вистини е заменето со „сенки“ и со сенишноста на недопрените копнежи. Ликовите се поставени како идентитетски сенки на нивните копнежи, на симулакрумот на животот, на расчекорот помеѓу она што се и она за што се претставувват дека се. „Состојбата на итност“, карактеристична и за текстот и за режисерската постапка и за актерската игра, е поставена на сцената како фотографски настан. Личната, колективната судбина и драма се и сценографски и режисерски фотографски врамени. Конфликтноста и психодрамскиот ефект, кој ве удира од какофоничност до јасно артикулирана онтолошка запрашаност, која не нуди одговор туку ја продлабочува запрашаноста (налик на животот), од драма на апсурдот сака да понуди една низа живи „снимки“, испишани режисерски, актерски, кореографски, сценски како вонвременска анти-биографска камера која ги меморира сите стравови, таги, болки, идеолошки матрици, лажни животи и обиди да се фиксира, но и да се редефинира идентитетот преку копнежот за слобода, кој останува само копнеж.

Најголемата вредност на оваа претстава е колективното актерско мајсторство, колективното актерско тело во кое режисерот, заедно со поединечното маестрално умеење на секој од актерите, успева да ги исцрта и автономните актерски бравури. Без исклучок ова е претстава каде што актерскиот врв во Македонија (Камка Тоциновски, Јордан Симонов, Јовица Михајловски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Ѕвезда Ангеловска, Оливер Митковски, Емил Рубен, Сања Арсовска), бриљира поединечно но и како колектив. Без исклучок, сведочиме актерска моќ која може да ги промени световите. Актери кои интелектуално, емоционално преку политиките на телото, говорот и гестот испраќаат пораки на начин кој соочува и со кој животната револуција може да почне.

Пародија, гротеска, бурлеска, трагикомедија – претстава која помеѓу сцената и светот поставува коридори. Субверзија во однос на доминантните преовладувачки модели во уметноста но и во културата воопшто. Таа директно ви кажува дека животот е само лажно претставување на историјата и дека е една голема пцост, регресија и конструкција. И текстот и режисерот и актерското мајсторство наспрема големите политички и историски нарации ги поставуваат личната приказна, болката и копнежот укажувајќи ни дека тие се поголеми од наметнатите велики приказни. Унковски создава претстава која јасно упатува кон сознанието дека приватната историја е наратив кој единствено е релевантен за политичкото разбирање на големите, доминантните, колективните парчиња на историјата на животот. Навидум фиксираниот сценски простор е всушност отворен, променлив, интерактивен во толкувањето, во однос на колективните и интимните „текстови“ на културата.

Текстот на Дуковски е храбар, суров, нежен, трагичен, гротескен и комичен, провокативен, стимулативен. Јазикот се пренагласува, репетитивноста ја потенцира баналноста, а апсурдот ја заменува катарзата која го симулира решението, разврската. Дуковски со своите текстови кои се текстови за љубовта и смртта, ни нуди еден модел преку кој нè соочува со фактот дека несвесното, автоматизмот, циркуларноста, флотирањето во конструираните идентитети кои почиваат само на копнеж, стануваат концепт за „другата сцена“ на секојдневието и реалноста. Како и секогаш, Дуковски преку цитатноста, колажирањето, еклектичката стратегија, живиот јазик кој излегува од буништето на секојдневието а кој моќно се преплетува со симболичките форми и значења на интимното и политичкото, обезбедува концептуално патување кое нè води од хиперреализмот, во еден јазичен и сценски надреализам. Тој создава хипертекст на ликови и ситуации, во кој се чувствува сета апсурдност и запрашаност не само на човекот кој талка низ своите идентитети денес и кој копнее по слободата и љубовта. Станува збор за талкачката идентитетска сушност на човечката цивилизација воопшто. Неговото дело е отворен текст кој дозволува експеримент во читањето, толкувањето и во изведбата. Тој проектира, конфабулира. Тоа е жанр за жанровите но не само за оние книжевните туку и за оние животните.

Ова е претстава за талкачките идентитети. Претстава која нè соочува преку концептуалниот, постмодерен тетатар со она кое се наоѓа во фекалното, распадливо, ентрописко лоно на човештвото, на неговата интимна и колективна историја. Таа, едноставно испраќа високо амплитудни пораки за нашата емоционална и политичка блокираност, за расчекорот помеѓу сонот и стварноста.

Извор Окно

Leave a Reply

Your email address will not be published.