Иванов Г. – живот и смрт во претседателски фазон

Се случи типичното за паланки и предмодерни заедници: живот на “старо-новата“ популистичка политика втемелена во најниските пориви; легитимација на безочна манипулација на животот и смртта; друштвена легитимација на лицемерие, расипништво и простаклук; злоупотреба на општото во приватни џебови. Реков џебови? Не! Мислев – сефови.

Гледам нешто како лик, фаца, нешто што еманира живот и се одsива на Иванов Ѓ. за кој ни се вели дека е претседател на Македонија. Седам, палам цигара уз кафе и погледнувам низ онаа ѓаволска работа наречена ТВ применик. Знам, завршија изборите, заврши лагата, манипулација, дојде “утрото потоа“, како во оние пијани вечери, утра кои наместо да бараш аспирин, ти се фаќаш за тоа што го имаш – го грабаш далечинското само како би слушнал што “кралството“ има да ти каже ова утро.

Ете, чекаш како во бунило, можеби ништо од тоа и не е вистина, можеби сето е само сон, чекаш да видиш дали изборите прошле фер, регуларно и демократски, кога повторно гледаш, ни едно, ни друго, туку повторно Лага – онаа слатка и заразна илузија преточена во човек кој се нарекува нешто како претседател на Македонија, и покрај се, дури има и име и презиме и врвна позиција од која се менуваат човечки животи. Го гледаш, несомнено, а тој почнува да трансцендира во типична утринска демагогија, или во она што сум склон да верувам – претседателот на Македонија “си фура свој фазон“. Имено Иванов Г. не го интересираат никакви фактички и емпириски показатели, се со цел како не би му ја нарушиле и замаглиле перцепцијата, човекот има своја утринска агенда – “си фурам свој фазон“, децо! Немаше изборни измами, немаше поткуп, немаше ќелави дибеци ошишани “на тројка“ кои истураат пари за гласови, немаше бугарски возови, немаше фамозни гласачи, немаше гласачки кутии кои не можат да се пронајдат, немаше луѓе кои можат да гласаат на неколку избирачки места… немаше ништо. Тоа е реалноста и перцепцијата на човекот кој има име, презиме, има бре титула д-р., и м-р., и’ дури има и позиција претседател на Р. Македонија. Некако премногу позиции и титули како за (стихо)слепец, ќе се сложите?!

Имено, “реалноста“ на претседателот на Македонија е како во онаа на филмовите Матрикс – се појавува човекот во некакви (пара)паралелни сфери, во кои умот на обичниот смртник сеуште не чекорел, а богами и нема – нема пасворд. Затоа неговите погледи на Македонија, екомија, црква, демократија, избори, Европа, НАТО, светот, космосот, стратосферата, или било што друго – него ништо лично не го обврзува од надворешниот свет. Него ништо не го интерсира. Човекот е кууул, човекот е претседател, човекот има титули д-р., м-р., човекот е во “свој фазон“.

Кога бев мал, баба ми покојна, која беше пргава и луцидна жена, ми велеше дека “сите оние кои си фураат свој фазон и не ги интересира реалноста и околината, дека се блесави адолесценти и тинејџери“, а знаеше и да поентира, “типични паланчани кои се репрезенти на некакви недојдии и ќумбези“, а не пак за некои кои имаат премногу титули, или пак се репезенти на “државноста“ низ метафората – “чувај ме боже“!? Еве, можеби ова е правиот цитат кој ни ги опишува денешниот политички миг во кој живееме, а тоа е духовната заебанција со која потспрдно се поигрува Гручо Маркс: “Значи, иако човеков личи на идиот и работи како идиот, сето тоа не би требало да ве измами – тој е идиот.“

Сите оние имено, добронамерни граѓани кои со свои очи видоа што се правеше пред, за, и по изборите, во име на “парламентарната демократија“ – нашиот дечко “си фура свој фазон“ кој прилично нервозно, веднаш по изборите, ќе изјави (парафразирам): “Ние ги исполнивме сите црвени линии. Време е Европа да одлучи, или ќе не прими, или не, оти сето ова нема смисла.“ Велам, изјавата беше нервозна на претседателот, не верувам дека е точна, но аналогијата е јасна – ајде бре, одлучете се, или доаѓаме или не! Како во оние мали игрички за деца – Лили-бај: “А сега светот сакам да се сврти кон мене“.

Видете, државава ја нема, не постои, така што беспредметно е на ваков начин “терање“ политика за некаква Европска интеграција. Ако нема држава, тогаш нема ни претседател, ако нема претседател – тогаш нема ни Европа. Кој сакаш да те слушне од Европа за сработеното кога и врапчињата знаат дека ти си “дечко у фазон“? Да не се разбереме погрешно: Иванов Ѓ . направи многу, дури и историјата не’ памти вакви примери: да останеш без држава во која шефуваш, како некаков крал кој го надживеал сопственото кралство!, тоа е царски, ќе се сложите.

Ценам, можеби и ќе морализирам: ваква “будност“ на Иванов Г. од досегашново претседателствување мене ми вели дека човекот ќе бара втор мандат; за него после овие избори веќе нама граници: мирен, повлечен, бесмислено “бунтовен“ – константно аут-оф-фокус – идеален за втор мандат. Дури може и сам да влезе во Европа, со лифт, де-горе-де-долу; дури може и да си влезе слободно во својот кабинет и да се заклучи, како не би ги трпел изборните и постизборните свињарии; не негови, се разбира, туку ваши, во ваше име, и за ваши пари; оти сега сум, како да ви кажам… Во претседателски фазон, бре!

Leave a Reply

Your email address will not be published.