Ива Јосифова е новиот претседател на ДЛУ од Кавадарци

По успешната Годишна изложба 2014 (26 декември 2014 – 18 јануари 2015), во неделата, на 25 јануари 2015 година, Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК) одржа Изборно собрание, на кое за нов претседател на ДЛУК со двегодишен мандат е избран ликовниот уметник Ива Јосифова.

iva josifova1Јосифова е родена 1980 во Кавадарци и е член на ДЛУК од нејзиното дипломирање на Факултетот за ликовни уметности Скопје – отсек сликарство и рачно правена хартија. Зад себе има десетина самостојни изложби, учесник е на бројни меѓународни ликовни колонии, а на групни изложби освен во Македонија има учествувано и во Хрватска, Бугарија, Србија, Франција, Словенија, Италија. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). На изборното собрание беше претставена нејзината програма во наредните две години која опфаќа повеќе групни и самостојни изложби на членовите на ДЛУК, не само во Кавадарци, туку и во повеќе македонски еминентни галериски простори, напори за конечно решавање на простор за редовните активности на ДЛУК, како и активно партиципирање со проекти пред македонските културни и уметнички фондации и институции.

На Изборното собрание на ДЛУК избрани се и нови членови на Советот на ДЛУК, а то се ликовните уметници Кирил Мукаетов, Марија Дичова, Иван Ковацалиев, Симона Манчева, Ристо Јосифов, Горан Боев и Димитар Самарџиев.
Инаку ДЛУК е на македонската ликовна сцена речиси 40 години и е најстарото активно друштво на ликовни уметници во Македонија, по ДЛУМ. Дел од основачите на ДЛУК и денес се активни и познати и надвор од државата, а од Кавадарци, како град во кој ликовната уметност од поодамна е меѓу најплодните во Македонија, потекнуваат Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов, Глигор Стефанов, Елпида Хаџи Василева, Ана Темкова, Ристо Соколов Сокол, Владимир Темков, Ванчо Кеков и многу други.

iva josifova2

Leave a Reply

Your email address will not be published.