Kнига: Историја на човековата глупост – Пол Табори

Како што и самиот наслов кажува, книгата е за – глупоста. Писателот се потрудил во оваа ‘енциклопедија’ покаже примери од историјата кои се особено глупави, и тоа во различни области на човековото делување. За да добиете само површна претстава за тоа што Табори избрал од обемната документација која му била на располагање, ќе наведеме неколку примери.
Најимпресивно е поглавјето со наслов “Кога законот ќе побудали”. примерите се драстични, е еден од најдрастичните случаи кој Табори го наведува е судењето и извршувањето на казната поради кривично дело – самоубиство. Во судницата наместо обвинетиот (оправдано отсутен) место завземал негов ‘заменик’ кој истовремено би ја играл и улогата на бранител. За да не испадне дека нешто измислил, Табори го опишува случајот од 1725 година забележан во архивата на француското правосудство кога кралскиот тужител, извесен Фонтен де Нона, покренал кривична постапка против несреќникот Шарл Ајон кој се убил, а во чие одсуство го заменувал и бранеч судскиот писар Жак де ла Порт. На судењето непобитно било докажано дека Ајон “намерно и доброволно се убил”, и тоа така што ги врзал сопствеите нозе, се фрлил во потокот и се удавил. Поради тоа неговиот труп е осуден да биде закопан на стомак, без облека, и да биде влечен по улиците на сите места на општината Шозе.
Ако помислите дека судењата на лешеви се најбизарните случаи кои Табори ги опишува од европската судска пракса, што тогаш да кажеме за судењето на животни. Ттабори исцрпно го опишува случајот кој се случил 1519 година кога во швајцарското место Штифлс им се судело на полски глувци. На глувците според закон им бил доделен бранител и целата правна заштита, а табори дава и изводи од записниците, како и говорите на одбраната и обвинителстовто. После драматичната парница, глувците биле осудени да во рок од 14 дена ги напуштат ливадите и нивите на општината Штифлс, без право некогаш да се вратат. Меѓутоа, пресудата водела сметка и за некои објективно околности. Во случај некој од глувците да бил преслаб за патување, рокот на иселување можел да се продолжи за 14 дена, а за тоа време глушецот би бил под заштита на судот. Табори наведува и случај на некој пргав руски јарец, осуден на прогонство во Сибир, но и случај за тажниот француски вол кој, поради тоа што во некоја прилика прободил човек, по региуларното судење и сослушување на многубројните сведоци, бил осуден за убиство со предумисла и обесен.
Како пример за детална законска регулатива, во оваа книга се наведува и неверојатната правна расправа во Јени 1709 година за тоа дали бремена жена која се породува додека патува во кочија мора да плати карта и за детето. Можете да замислите какви компликации тука се можни. Тука е и расправата или правниот трактат за шамарите и нивните правни последици. Наизглед бесмислена работа, но проблемите кои се појавуваат при тоа се навистина неочекувани, особено кога работите треба да се наречат со правни термини. Имено, озбилен проблем се појавил при самото дефинирање на шамарот, што и не е така едноставно – што ако ‘оној кој шамари’ нема ниту еден прст на раката.
Ова се примери кои се однесуваат на самото судство. Замислете на какви се глупости се спремни мажите поради жените, парите, честа или татковината. Можете сето да го прочитате во оваа неверојатна книга.
Табори наведува пример за југословенскиот цариник на кој во една прилика му изгледале сомнителни лименките со филмови кои некоја германска филмска компанија имала намера да ги увезе во Југославија каде што се снимал филмот. И – погодувате. Ја отварале секоја лименка за да ја утврдат нејзината содржина. Во нив немало ништо сомнително, но затоа, секако, филмската трака била уништена.
Глупоста е најголем проблем и на нашето општество, политиката и јавниот живот, иако е докажано и покажано дека таа не познава расни, национални, етнички, полови или државни граници.
Или како што пишува рецензентот на оваа книга “Глупоста е трагедија од светски размери.”
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.