Ирационалниот македонски суверенитет

Македонија е суверена држава? Тоа е лага! Македонија го црпи суверенитетот само како би можела да ги заштити и зациментира двете институции – премиерската и претседателската

Што е тоа што ни се сервира? Две опции – едната е “патриотска“ а другата “проевропска“. Нормален човек, после сите свињарии, се одлучува на анализа најпрво за доминантната политика, а потоа за онаа, другата, опозиционата.
Македонија не е “празна идеосинкраза“, Македонија е онаква како што ја замислија Груевски и Иванов. Свесни и двајцата дека се тотално неталентирани и безначајни – низ нивните проекции создадоа – СК 2014, споменици, мостови “кои никаде не водат“, шмизли, коњи, бикови и останати бизарности, при нас живи луѓе! – создадоа сиромашни фантазми само како би се задоволило нивното партиско поле: партиското членство и нивната поблиска или подалечна клиентела. Останатото е пропаганда. Медиумска манипулација.

Кој чита знае, кој не’ чита, не’ би можел да знае, вели една мудра поговорка. Па така и овие двајца господа кои историјата ги постави на местото претседател и премиер на држава, дополнително ги отежнуваат работите: и двајцата не се баш политички обдарени, освен нивната амбиција и славољубие.
Уште старите антички филозофи не’ учеа дека во амбицијата нема ништо лошо – проблемот настанува кога политиката се сфаќа тесноградо, кога се сфаќа како личен интерес, а со тоа нужно доаѓа и огранучувањето како неможност да ја согледаш целата слика, “општото“. Кога човек има визија, лесно може да ја согледа целата слика. Кога човек има халуцинација – затварајќи се во индивидуалната психологија – станува себичен, штетен и пасивен.

Каде лежи зајакот, господине John le Carre? Aко се работи за индивидуален проблем, тогаш таквиот проблем се третира на лично, индивидуално ниво. Но, ако овој проблем, со помош на партискиот апарат се издигне во ранг на “државна“ политика, е тука имаме прилично замастена свињарија! Имено, изминативе осум години квазипатриотите не се занимаваат со фактите. Проектираат сопствени “факти“ и ги прилагодуваат спрема сопствените проекции. Па да не се чудиме кога имаат анимозитет кон ЕУ, према Европа во целина, према “комуњарите“ (честам ако некое вмровче знае од каде точно потекнува тој збор и кој го измисли!), “соросоидите“ итн. итн.

Македонија не е суверена држава. Тоа е лага! Македонија го црпи суверенитетот само како би можела да ги заштити и зациментира овие две институции – премиерската и претседателската.

Да погледаме како тоа функционира во цивилизираната Европа. “Во Европа, после завршувањето на Студената војна, принципот на човековите права постепено јача во однос на останатите аспекти на меѓународната политика. 21-от век. на тој начин станува дефиниран концепт на век на човековите права, а принципите на безбедносната политика се редефинираат во тој правец – засилена човечка безбедност и одговорност на државата, што директно ги реформира и основите на кои се дефинира и самиот концепт на суверенитет! Безбедноста, одговорноста и човековите права директно влијаат на суверенитетот на државата, како и нивната поврзаност во концепциска смисла. Ако ова не се препознава, тогаш не може да се објасни ни клучниот момент во еволуцијата на таквиот концепт“ (Реус – Смит 2001: 520).

А сега да видиме што се кува во нашата “реалност“. Ваква доминантна политика во Македонија нема никаква иднина. Ваквата политика оперира со отсуство, со негативитет, со она што го нема, и со она што никогаш не може да го има. Нејзиниот темел е во несреќата, во сиромаштијата и во колективната духовна беда. Својата снага ја црпи оттаму. Името на државата, како и неговото менување, е само изговор и циментирање на таквата политика – Македонија да остане измеѓу Лимба просторот и Реалниот простор на Европа, земја во која работите се движат и менуваат.

Да погледаме сега што се случува во опозициониот табор на Зоран Заев и СДСМ. Длабоко сум уверен дека Заев е сериозен и решен, барем од оние изјави кои ги читам, да Македонија е поведе низ единствениот пат за нас – европскиот. Не смее човекот да ја повтори грешката на Иванов и Груевски, да влезе во нивниот филм. И секако, да не оди повеќе на никакви кафе-пиења и слични трала-лајкања! Второ, СДСМ мора да престане да биде “котерија“ од бизнисмени, апаратчици и оперативци! Ако навистина Заев смета дека на Македонија не и преостанува друг пат освен Европскиот пат, треба да ги собере сите интелектуалци на овој народ, да се собере сето раштркано граѓанство, да создаде национален стил, и најпосле, да излеземе од помрачината на племенскиот колективитет како би влегле во Европска и цивилизирана нација на Различностите.

А, ако Заев продолжи по старите зададени матрици и политички обрасци, од мене има Црвен картон, затоа што ептен е глупаво некој друг да ги покрива нивните заќуткани филистарски кариери…, море не само што е глупаво, туку има ли поената сета приказна, господине John le Carre?! 

Leave a Reply

Your email address will not be published.