Интервју со Фредерик Бегбеде

Иако во своите романи ја критикува средината која најдобро ја познава, светот на рекламите во кој работел и светот на бизнисот и модата во кој израснал, како и општеството во поширока смисла кое во амнезијата ја гледа кулминацијата на слободата, Бегбеде не се откажува од монденскиот живот во кој, меѓу другото, најчесто и наоѓа инспирација за своите книги.

Авторот на светски продаваната книга „99 франци“ (кај нас преведена како „299“) редовно се наоѓа на страниците на таблоидите, за кои понекогаш пишува книжевни статии во кои ги цитира руските класици. Уште еден знак на неговата неконвенционалност – Бегбеде пишува како за највлијателните книжевни списанија така и за монденските ревии и таблоиди. И што и да нашише редовно се чита и коментира.

Француската критика често е немилосрдна кон него, нарекувајќи го полуписател, полу-монден и лажен наркоман, и предвидувајќи му краток престој во книжевното соѕвездие. Но наградата „Ренодо“ што ја освои минатата есен за својата последна книга „Француски роман“ го поби тоа тврдење. Романот има прустовска инспирација и е најличен од сите досегашни негови романи. Во него тој им се навраќа на детството и младоста со трогателна непосредност и разорен хумор кој е карактеристичен за неговиот стил. Идејата ја добил додека се наоѓал во притвор, плашејќи се и гадејќи се од затворските услови во кои се нашол откако бил уапсен со уште еден француски писател како шмркаат кокаин од хаубата на автомобилот.

Разликата меѓу Бегбеде и некој друг викенд конзумент на опијати е во тоа што првиот своето неславно искуство го преточи во роман кој го освои жирито на една од најпрестижните француски награди.

 

Дали престојот во затвор стимулативно делува на писателот?

 

Да, многу. Би ги советувал писателите кои немаат инспирација да направат некаков престап за да бидат уапсени. Штом еднаш се најдете во затвор нема многу што да се прави освен да се пишува. Листата на писатели кои ја примениле оваа метода е многу долга.

 

„Француски роман“ е првиот роман во кој целосно се разоткривате…

 

На почетокот на кариерата романот ми служеше како засолниште. Романот служи за маскирање и измислување. Но понекогаш доаѓа мигот кога авторот добива желба да се исповеда, како што некогаш се признавале гревовите во црква. Наместо кај свештеник, јас се определив за издавач. Првпат зборувам за тоа кој, всушност, сум јас – едно дете на плажа во портокалов костим за капење. Многу помалку секси отколку во претходните романи. Се извинувам поради тоа.

 

Се зборува за изгубеното влијание на францускиот роман. Вие сте еден од ретките француски писатели чијашто слава ги премина границите на земјата од која потекнувате…

 

Јас претставувам вистински пример за пропаѓањето на францускиот роман! Ако го споредите Марсел Пруст со мене веднаш ќе ви стане јасно. Му се восхитувам бидејќи не сум му дораснат.

 

Како и Пруст, пишувате во прво лице и се занимавате со темата детство, семејство, чувства…

 

Зад тоа стои замислата зборувајќи за себе, односно за една личност – бидејќи тој не зборува нужно за себе – да можеме да допреме до сите.

 

Го преминавте патот од срамежливо и несигурно момче кого не го забележуваат девојките до книжевник кому му се восхитуваат жените од целиот свет. Како е да се биде во кожата на една ѕвезда?

 

Тоа е исклучителна одмазда. Ги советувам младите кои немаат успех кај девојките да пишуваат книги. Тоа е одличен начин подоцна да се одмаздите – да пишувате книги за да заведувате. Писателот во Франција претставува една од професиите кои најмногу им се допаѓаат на жените, покрај претседателот на Републиката.

 

Ја продолжувате долгата традиција на француските писатели кои кокетирале со вештачките раеви, од Бодлер, преку Кокто и Саган…

 

Тоа не ми пречи. Уште во античко време се свртувале кон вештачките раеви. Добредојдено е сето она што може да ја задуши срамежливоста кога станува збор за пишувањето. Само, инспирацијата е подобра со чаша вино; дрогата не е корисна за пишување.

 

Ве споредуваат со Франсоаз Саган. Дали ви е бликска оваа писателка?
 

Да, ја обожавам. Своевремено ја запознав. Би сакал да ја имам нејзината генијалност. Саган ја сакаше ноќта, како и јас. Ноќта е одлична тема; наоѓам дека ноќното осветлување е поубаво во романите. Заедничко ни е и тоа што зборуваме за истото социјално милје, за средната класа. Она што во суштина сакаме да го кажеме е тоа дека парите не носат среќа.
 

Најмногу писатели доаѓаат од тоа милје, од средната класа…

 

Порано пишуваа само оние од средната класа, бидејќи другите немале време, морале да работат. Денес ситуацијата е сменета, писателите доаѓаат од сите социјални слоеви, но оние кои најмногу ја критикуваат средната класа потекнуваат токму од неа.

 

Досадата е составен дел од процесот на пишување?

 

Важно е да прифатите да се досадувате додека пишувате, но би требало да избегнете да го досадувате вашиот читател.

Leave a Reply

Your email address will not be published.