Интервју – Никола Гелевски

Ненад Јовановиќ: Г-дине Гелевски, ќе кажам еден “факт“ како би го започнал првото прашање: ние (кога велам “ние“ мислам на граѓаните на Македонија) не живееме сами, ниту сме слободни од историските, економските и културните околности – значи, не сме номади – па прашањето ми е: кој е мигот во кој денес живееме и егзистираме, односно како да го препознаеме контекстот кој ќе не’ снабди со моралните разлики на правилното и погрешното, како да бидеме способни да ја научиме разликата помеѓу доброто и злото?

Никола Гелевски: Ние, како луѓе, сме комплексен микс од инстинкти, нагони, културни норми и морални принципи, од добро и зло, ако сакате. Постојат времиња и контексти кои кај луѓето ги будат најлошите особини, т.е. меѓусебното прождирање. Ние овде, под груевизмот, го живееме тоа најлошо време, кога „на најдобрите им недостасува убедување, а најлошите се полни со страсна жестокост“ (Јејтс).

Која е разликата меѓу доброто и злото? За мене, доброто е слобода, индивидуализам, креативност, преиспитување, но и толеранција, љубов, вклучување, универзализам… Лоши се ропството, подаништвото, насилството, неодговорниот популизам, племенската свест, лошиот вкус во уметноста (кој води во злочин, според Стендал)… Јасно ви е зошто груевизмот го сметам за големо историско зло кое земјава ја уназади за неколку децении. Албанија и ден денес не може да се опорави од педесетгодишната затвореност. Седумте години терор кај нас во културна смисла ќе бидат многу повеќе од седум. Сето пропуштено и уништено за овие седум години нема туку така да се надомести.

НЈ: Имам впечаток дека денешната културна сцена која е згазена од постоечкиот режим во целост е автократска. Денес ни се втерува на нос некаков привид дека живееме на слободен пазар, а тоа е лажна реалност. И уште едно потпрашање: зарем денешниве институционални бирократи практично не ги донесе демократска власт на СДСМ? Таа партија ги создаде институциите со кои тие денес се во перманентен конфликт. Па и онoј несреќен „Црн понеделник“, ми се чини, е производ на целокупната општествена клима која ја создаваше и СДСМ во нивното владеење?

НГ: СДСМ владееше лошо, но тоа владеење е неспоредливо со сегашниот терор. Сите институции на системот денес се под строга контрола и во функција на една банда нагалено наречена Фамилија. Не негирам дека многу, навистина премногу луѓе имаат отворен интерес во таквата разбојничка констелација. Една од причините е поданичкиот менталитет, т.е. многу слабата граѓанска и индивидуалистичка култура; но, сакам да истакнам: тоа што многу луѓе го бираат „кадифениот“ тоталитаризам не зборува дека тие луѓе се глупи или зли туку дека се разумни; во навистина отворено, слободно, демократско и фер компетитивно општество тие луѓе ќе бидат губитници. Вака дозволуваат за мала пара да бидат слуги на бандата. Можно е дека во олку сиромашни и руинирани општества демократијата не е реална опција. Можеби груевизмот прв го разбра тоа: дека ваква Македонија нема ресурси за демократија. Затоа се враќаме кон племето, едноумието, митовите и третокласниот национализам за имбецили.
Одговорноста на СДСМ за ваквите состојби е голема, но е неспоредлива со одговорноста на злосторничкиот потфат на груевизмот. Изедначувањето на тие две политики е една од најефикасните пропагандистички практики на режимот. „Можеби Фамилијата краде, ама крадеа и олигарсите на Бранко.“ Или: „ВМРО-ДПМНЕ е само малку радикализирана варијанта на СДСМ.“ Оваа пропагандистичка стратегија Ролан Барт ја нарекува нит-нитизам (neither-norism): со офрлање на „екстемностите“ се зазема позицијата на објективен и неутрален судија, оној што ја застапува самата правда. Но, како што забележува Барт, дури и ако светот на овој начин навистина може се сведе на судир на спротивности, не постои неутрално место од коешто може да се суди за тој судир: „нема спас ни за судиите, и тие самите и тоа како се определени“.

НЈ: Каква е денес медиумската сцена во Македонија? Дали под шинелот на „демократски“ и „либерален“ пазар информациите кои ги пласираат режимските медиуми не се поопасни од било кога? Имам впечаток како медиумите да третираат информации кои се надвор од интересите на самите граѓани и нивниот живот. Дали медиумите денес служат на јавниот интерес или на власта?

НГ: Ниче велеше дека најзанимливите и најлудите историски епохи се оние во кои комедијантите од сите видови станале вистински господари. Ние, за жал, живееме во една таква фарса од епоха, кога главни идеолози станаа најгнасните и најниските припадници на општеството. Како деца, за она што мислевме дека е грдо велевме: „криви се мајката природа и таткото карикатурист“. Кога ги гледам овдешните политички „татковци“ (како самите „бесполово“ се размножуваат и делат) ми паѓа на ум и еден друг интересен израз од детството: „сега кога ми даде гомно, дај ми и лажица“. Да бидеме отворени: режимските медиуми сервираат исклучиво гомна. А гомната овде се сркаат и без лажици, чисто да се покажат правоверноста и посветеноста. Режимските медиуми кај нас не се приказ само на тоталниот политички мрак, туку на големиот општествен распад. За реперација на земјава богами ќе треба многу време и многу напор. Тој мозаик долго одново ќе треба да се составува. Вакво историско и општествено помрачување не може да помине без последици.

НЈ: Ги гледаме деновиве настаните во Турција? Зошто Македонија е толку пасивна, до мртвило?

НГ: За ова прашање можат да се пишуваат томови. Една пријателка, психолог, која живее во странство, прецизно ми го објасни психолошкиот механизам на нашата затапеност: рамнодушноста е реакција на траума. Нашата реакција на теророт, изненадувачки, покажува дека всушност се браниме од насилството. Само со одлепување од реалноста едно петгодишно девојче, на пример, може да ја преживее секојдневната сексуална злоупотреба на големиот чичко. Додека било злоупотребувано девојчето – а ова е скорешен реален случај – си замислувало дека се ниша на прекрасна лулашка, додека блескаат сонцето и зеленилото. Но, проблем е што тој механизам на справување со траумата продолжува и понатаму, кога веќе не е потребен, кога опасноста ја нема. Така се создава човек со траен посттрауматски синдром, мултипла личност со дисоциран идентитет… Затоа и велам дека сегашните шашми со идентитетот и со изградбата на една сосема вештачка национална свест – нема да бидат бесплатни. Тоа лудило допрва ќе треба да се лечи.

НЈ: Дали моменталната криза во опозицијата ја гледате исклучиво како персонална или тој процеп дозволува да увидиме некои други рефлексии кои се преточени во длабоки политички разлики на поединци и групи? Дали опозицијата мора да ја заштити државата од надоаѓачкиот национализам, од поделбите? Дали опозицијата треба да биде главниот мотор на солидарноста и главен борец против неофашизмот? Мислите ли дека опозицијата ќе ја најде својата идентификација? Или продолжуваме да бидеме маргинална држава во предворјето на Европа?

НГ: Тешки прашања. Јасно е дека подолго време груевизмот се обидува да си создаде и опозиција по мерка, на истиот начин на кој создаде историја, култура и нација, по сопствената џуџеста и наказна мерка. Разбивањето на СДСМ и демонизацијата на Бранко Црвенковски служат за тоа: да се уништи секоја можност која ја доведува во прашање неприкосновената власт на кумовите и братучедите. За жал, некои видни поединци во СДСМ – а тоа се најлошите наследства на социјалдемократите: опортунизмот, кукавичлукот, немањето визии, колаборационизмот со најмрачните општествени сили – спремни се на „историски договор“ со Фамилијата: битно е бизнисите да врват, а еден убав ден, кога пастирот ќе се умори од владеење, шанса за власт ќе добие и некој друг. Но, само ако биде добар, во меѓувреме. Мене ми се чини дека предводништвото во СДСМ треба да го добие оној кој на „македонскиот шести октомври“ (кога и тој да биде) ќе направи радикален рез со груевизмот. Тој рез ќе подразбира и лоцирање одговорност кај најголемите злосторници на груевизмот. Се разбира, следната власт не треба да казнува заради одмазда и ново втерување страв во коски, туку заради новиот историски правец на земјата, која ќе мора да го напушти овој пат во бездна. Радикалниот дисконтинуитет со груевизмот е единствената нормална, проевропска и прозападна политика. За тој дисконтинуитет ќе требаат силни и храбри луѓе. Политиката – колку и тоа да не ни се допаѓа – е игра за храбрите и решителните.

Додуша, Ниче рече дека за здобивање со власт потребни се три работи: алчност, завист и омраза – токму по тој редослед. Затоа треба да се додаде и дека политиката, меѓу другото, е и граѓанска одговорност. Задачата пред нас, како граѓани, не е да се плашиме од политиката или да ги укинеме политичарите, туку пред се’ да обезбедиме контрола над извршувањето на политиката и нејзино ограничување, со цел власта да не биде злоупотребена. Наместо да ја презираме и да ја прифаќаме политиката како судбина, мораме да се обидеме не само да се вклучуваме во политичкиот живот на заедницата, туку и да ги прошируваме подрачјата на политичкото.

НЈ: Погледав неколку слики на Фејсбук. Што се случува со Културниот центар “Точка“ денес? Дали има можност повторно да заживее како простор за критичко промислување на реалноста? За учење, за еманципирање, сензибилизирање…

НГ: За мене „Точка“ е историја. Десет години потрошивме на тој „проект“. Создадовме многу важни нешта, во тој период, и оставивме, ми се чини, важно историско наследство, и за културата на градот и за овдешната култура воопшто.
А дека простори за независната културна сцена се повеќе од потребни, тоа е сосема јасно. Јасно би требало да биде дури и за ограничениот ум на политичарот. Само што умот на денешниот македонски властодржец не е само ограничен туку наполно помрачен. Областа на културата е токму знак дека во Македонија се изгаснати сите историски светла и дека крчмата и темниот вилает го диктираат овдешниот „дух на времето“. Во градот на бзвредните споменици и лажните митови нема место за „Точка“. И дури можеби е добро што е така.

НЈ: Кажете ми, како е да се уредува порталот ОКНО? Тој содржински е најдоброто нешто, по мое мислење, што се случило последниве години на интернет. Критичкиот дискурс е задржан: еманципација, сензибилизација, едукација… Дали можеби ОКНО е поинакво продолжение на „Точка“? Мислам на енергијата, трудот, ентузијазмот…

НГ: „Окно“ постои веќе петта година. Низ него поминаа десетици креативни и вредни луѓе, главно помлади, кои оставија своја трага. И денешната екипа на „Окно“ е мошне посветена и полетна. Посебноста на „Окно“ е што речиси сите прилози имаат своевидна трајност. Архивата на „Окно“ е повозбудлива од површните дневни турбуленции, барем мене така ми се чини.
„Окно“ е обид да се создаде и консолидира една активна европска граѓанскост, којашто, како што вели Етјен Балибар, е ослободена од мистиката на идентитетот, од секоја илузија за нужноста на историското течение и, најпосле, од секое верување во непогрешивоста на власта. Осмислувајќи го нашиот медиум, се раководевме со трите активни принципи на Балибар со кои се устројува граѓанскоста, односно демократската политика: тоа се еманципацијата, или колективното освојување на основните индивидуални права; општествената преобразба на структурите на доминацијата и односите на моќта; и најпосле, цивилноста, или произведувањето на услови и претпоставки, „теренски“ и „теориски“, за едно поинакво политичко дејствување воошто да биде можно.

НЈ: За Вас знам дека уште од ’93 година сте во јавните каузи, во јавните простори; најпрво ја работевте Маргина, па пишувавте во Форум, па во Утрински весник, па потоа во Глобус… Сега работите како главен уредник на порталот ОКНО. Мислам, имате прилично завидна „архива“. Г-дине, Гелевски, која е таа енергија која ве тераше сите овие години толку жестоко и „бескрупулозно“, ако може така да кажам, да бидете силен критичар на доминантните политички и културни политики во Македонија? Наречете ме „тапшач“, ама вие за мене сте Мухамед Али во колумнистичкиот жанр, од причина што секогаш сакавте да го подигнете нивото на комуникација, да создадете луѓе кои ќе сфатат дека политиката е лажлива диоптрија која има премногу рефлексии…

НГ: Во една колумна напишав, па дозволете ми да се повторам, оти одговорот го сметам за соодветен: предизвиците на колумнистичкава работа сепак сè уште се поголеми од постојаните колебања… Предизвик ми е стварноста да ја преведам во теорија, но без насилство врз неа… Предизвик ми е постојното да го сведам на посуштински принципи, но без притоа да го осиромашувам… Се обидувам и да ја скротувам интуицијата, но без сосема да ја изгаснам бунтовноста на интуитивецот… Како некаков голтач на мастило се обидувам едновремено да пораѓам и закопувам (да бидам и акушер и изработувач на надгробни споменици:), трудејќи се да ги спојам редот и авантурата, одговорноста и анархијата, борбеноста и опуштеноста… Колку за еден мастилав голтар (голтач на мастило) – доволно:)

Leave a Reply

Your email address will not be published.