Интервју – Ивор Мицковски: Македонија е држава која е контролирана од една партија

Ненад Јовановиќ: Да го започнеме првото прашање со она што барем јас го гледам и се соочувам на дневно ниво, на “локално“, тука во Кавадарци: во денешниов миг нашиот протест кон доминантната струја е обезвреден, во медиумска смисла, во образовна, во идејна… Зошто малите места кои се во таканаречената внатрешнос се’ систематски уништени од критика? Дали е само стравот или пак е нешто подлабоко. Имам впечаток дека маливе места не ги ни разбираат Општествените процеси. Имам впечаток дека им недостигаат механизми за солидаризирање, вмрежување, иницијативи, агенди… Се им треба како некакво “наоружување“ против доминантните струи кои се обидуваат да ги користат за партократски интереси.Што мислиш Мицковски, за што се работи?

Ивор Мицковски: Протестот е девалвиран по сите можни линии, Македонецот никогаш порано не бил до овој степен дисциплиниран, издресиран би рекол, да се помири со сите неправди со кои се соочува. Сега, прашањето е дали треба да ламентираме за таа состојба на локално ниво, кога во реалноста таа е општа и сеприсутна. Тоа мене не ми се чини оправдано. Ако ние сме неспособни да изградиме еден нов критички дискурс на централно ниво, за големите теми и проблеми, онаму каде се уште постои некаква ограничена критична маса, како можеме да очекуваме нешто такво во средините каде луѓето се комплетно материјално и духовно потчинети. Се во нашата држава, секоја критика или протест, пркос или несогласување, се сведени на индивидуални гестови, на очајнички обиди нешто да се помрдне наспроти доминантните струи и ставови. Во малите места, а цела Македонија е едно мало место, таквата реалност е само поакутна, подраматична. И во малите места и во големиот град, луѓето ја гледаат реалноста, дури би рекол дека во малите места некогаш постои и поголема доза на свест за состојбите. Но, свеста не е доволна. Малите места немаат никакви услови за изразување, повеќе го нема тоа ниту во поголемите средини, така што проблемот е и во можностите. И не гледам што има да не се разбира во општествените процеси, особено ако си признаеме дека тие се стеснети до степен на феудални логики. Едноставно, овој народ има проблем да се побуни, да крене глас против својата мизерна егзистенција. И сиромашниот и необразован народ знае што му се случува, но сам нема никогаш да мрдне. Му треба голем мотив, силна идеја, чувство на промена и алтернатива која би го одблокирала стравот. Така, се работи за наш целосен, апсолутен, општествен колапс, на се што е поинакво од логиките и интересите кои ги диктира режимот. И јас сум сигурен, дека кога времето за промена ќе дојде, најгласните и најсилните реакции ќе дојдат од помалите места. Впрочем, нашата историја на борба и пркос, тоа го потврдуваат. Но, тоа не значи дека таму можат да почнат или да добијат зародиш.

НЈ: Сите луѓе, оние “обичните“, го негираат либералниот капитализам, сите како некакви папагали повторуваат дека државата треба да го даде она, да го даде ова; со самото тоа, се создава впечаток, дури и интуитивно – плебесцитарното граѓанство бара сите негови желби и потреби да му ги исполни државата – Режимот заигра на таа карта и еве, добива неколку изборни цуклуси! – да речеме на пример уметноста. Како може да биде уметноста самоодржива ако нејзините граѓани имаат мали, речеси никакви потреби од уметноста, односно од културата како целина? А знаеме дека во проектот Скопје 2014 истурени се најголемите буџетски пари.

ИМ: Не би одел дотаму да кажам дека граѓаните го негираат либералниот капитализам. Дури не би отишол ни дотаму да употребувам зборови како либерализам и капитализам во корелација со нашата држава. Македонскиот народ пред 7 години, на последните демократски и фер избори, изгласа една идеја за економски напредок, за капиталистички прогрес кој многу брзо се покажа како лажен. Таа идеја брзо се замени со комплетна приватизација на македонската политика и економија од страна на една тесна олигархија. ВМРО ДПМНЕ стана апсолутен хегемон во општеството кој преку тоталитаризам, партизација, страв, уцени, контрола на бизнисот, финансиска моќ, доби повеќе еден комунистичко-корпоративистички лик близок до режимите од типот, на пример, на Мусолини. Тоа значи дека не граѓаните, туку власта, односно режимот, е тој кој нужно го негира либералниот капитализам. Онаму каде што не постои слободно општество, демократски натпревар, демократска контрола врз институциите и партиите, конкуренција и слободен пазар, не постои друга алтернатива освен државата да биде големата цицка од која сите ќе цицаат. Но, внимавајте, тоа е држава која е контролирана од една партија, од едно ситно малцинство, кое одлучува за сите нас останати. Македонските граѓани само ја препознаа и апатично, па дури и итро ја прифатија таквата состојба. Но, не бил престрог спрема обичниот граѓанин, ваквата состојба, своето лично деградирање го прифатија далеку поважни фактори во општеството, од интелектуалци, уметници, до поранешни и актуелни политичари. Потфрливме во целина, како општество на слободни луѓе, луѓе со личен став, кои станаа неслободни и без право или без храброст да изразат сопствено мислење. Конкретно, околу примерот со уметноста би додал дека мора да направиме дистинкција помеѓу вистинска уметност и идеолошките конструкции. Тоа што режимот ни го продава како уметност и култура, служи само за перење пари и мозоци. Од друга страна, вистинската уметност не постои поради потребите на граѓаните, туку за да култивира, за да едуцира, за да создаде и нови можности и нови потреби за креативност, експресија и слобода, а не за да ги задуши. Никаде во светот уметноста не е самоодржлива, но едно нешто мора да биде, а тоа е што повеќе да биде самостојна и слободна, во спротивно, ниту е уметност, ниту води кон развивање на култура.

НЈ: Кажете ми, кое е вашето мислење за Академијата на науките – МАНУ; дали денешниве генерации имаат голема врска со она што оваа Академија го произведе низ годиниве како вредност кај младите; зошто се’ уште гледаме маса од неписмени луѓе кои, ако бидеме до крај искрени – се’ уште сите како да бараат се од државата: вработување, добри плати, и воопшто не е чудно што тие млади генерации во огромна мера се конформисти, егалитаристи… со “отсечени кичми“; без пркос кон режимите, во тренд со традиционалните конзервативни обрасци? Мене ми е многу симптоматично што ретко кој – гледајќи и’ следејќи ги Социјалните мрежи – никој од тие млади луѓе не се обраќа кон постарите со “Вие“?

ИМ: Никогаш не сум го криел моето мислење за МАНУ, напротив, отворено сум ја критикувал нивната поданичка и помирлива позицијата кон режимот. Во некои моменти таа поддршка била еклатантна и загрижувачка, до степен што никој друг освен членовите на МАНУ не се одговорни за нивната актуелна нерелеватност, како и за понижувањето на самата институција и лошото име на македонската интелектуала. Но, тоа што мислам дека е уште потрагично е што во многу случаи МАНУ отворено прегрна и не успеа да изгради критички став кон определени идеолошко-националистички и идентитески конструкции. Таа стана соучесник и промотор на режимското лудило, дури би рекол и еден од инструментите на нашата општествена, културна, национална и идентитетска конфузија и катастрофа. Ако состојбата со МАНУ е таква, а таква е, ако нашата комплетна интелектуала или поширока критична маса капитулираше пред режимот и ја жртвуваше нашата сегашна и идна слобода, тогаш што да очекуваме од младите луѓе кои растат и учат од ваквите примери. Во последно време беше актуелен еден академик кој по 7 години молчење почна жестоко да говори против власта. Почна, откако беше лично ставен на столбот на срамот и жигосан од режимот. Ете, ако младите треба да научат една лекција би им ја препорачал следната: не се пркоси кога само лично сме загрозени, туку кога е загрозено нашето заедничко општество и нашата заедничка слобода. МАНУ и останатата интелектуала имаат голем удел во таа лекција, за жал, како негативен и тажен пример, како не треба.

НЈ: Aко денес сите знаат дека е потребна партиска книшка, и ако сите знаат дека преку партија се добива некаква релативно добра егзистенција, тогаш мислам дека младите не се наивни – ќе купат за 500 денари магистерска теза, и ќе тркнат до партија?

ИМ: Дајте да не бидеме редукционисти, не е доволна партиска книшка, потребна е и постојана работа. Како, на пример, составување на списоци на луѓе кои би гласале за партијата, или излегување на протести и контра-протести, па потоа да се надевате дека ќе бидете извлечени на лотарија за работа во некоја од државните институции. Така да не е прашање на наивност или тркнување до партија. И режимот си бара работа.

НЈ: Пречесто ми се случува да ја мразам оваа политика, оваа држава; мене отсекогаш ме интересираа луѓето … а секојдневно ги гледам депресивни, разочарани; институциите на системот функционираат низ “крволочни погледи“ кои дополнително допринесуваат за општествената клима. Каква е оваа клима, и дали ние имаме шанси да се опоравиме во некоја егзистенционална смисла (љубовна, човечка, вредносна, општествена, еволуциска)?!

ИМ: Да тргнам од самиот заклучок во вашето прашање – ако луѓето се депресивни и разочарани, ако владее бесот и омразата во и кон нашето општество, тоа верувам значи и дека луѓето разбрале или разбираат во колку непријатна состојба сме доведени егзистенцијално. И ваквиот заклучок мене сосема ми одговара, затоа што говори и потврдува дека луѓето ја разбираат ситуацијата, можеби само во апстрактна и во општа форма, но свесни се за својата несреќа. Прашањето е дали во тој процес на саморазбирање и разбирање на околината, граѓанинот доаѓа до исправни заклучоци за причините кои го довеле во незавидна состојба. Мислам дека и тоа се случува се повеќе и повеќе, па следствено, не ни останува друго освен влошување на нашата егзистенцијална состојба. Проблемот е што нашата егзистенцијална несреќа е општа, затоа што кога како општество живеете криза, ја живеете во тотална смисла, односно, егзистенцијално. И тоа важи за сите, тука нема ексклузивност, нема паметни и глупави, тоа е еднакво за сите. Тоа што не е еднакво и што навистина е ексклузивно е луцидноста, свеста и храброста на одредени луѓе да се спротивстават на кризата и да се постават кон нејзе со правилни заклучоци. За жал, кај нас таквите случаи се многу ретки, ние не гледаме, граѓаните не гледаат ниту политичка, ниту општествена алтернатива која прво, правилно ја констатира состојбата, за потоа и да понуди решение или излез. Така што мојот заклучок е мошне песимистички. Сите знаеме што ни се случува, но речиси никој не прави нешто за да излеземе од оваа егзистенцијална криза.

НЈ: Пред неколку дена премиерот Груевски зборуваше пред Обединетите Нации. Дали мислите дека во Македонија се ствара некаков “култ на личност“, па оттаму сите полуги на власт, интереси, вектори на влијанија одат кон еден човек – Никола Груевски? Не’ зборувам само за функции, туку и за реална моќ. Сакам да кажам дека тоа не е добро. Македонија има многу слаба демократска традиција, готово никаква, од една страна, од друга, некој човек да има толкави ингеренции. Дали е тоа нормално?

ИМ: Култ на личноста во нашиот случај мислам дека е дури и ограничувачки термин. Овдека е направен култ не само кон личноста на премиерот, туку самиот премиер е преставен како олицетворение на нешто поголемо од една личност, индивидуа, па макар бил и диктатор или популистички политичар. Успехот на Груевски, според мене, лежи нормално во медиумската и политичка индоктринација и идеологизација, но уште повеќе во таа физичка и морална корелација помеѓу него и мноштвото Македонци. Груевски се покажа како архетип на просечниот Македонец, мал и грд, со слабо образование, од никој и ништо до успешен човек. Неговиот говор е прост и лесно разбирлив, неговите гледишта се ограничени и зграпчливи. Тоа е првата идентификација. Потоа се создаде целата митологизација и машина за перење на мозоци, каде Груевски беше идентификуван со нашата новооткриена и грандиозна идеја за Македонецот како библиски народ, народот на Александар. Во тој меланж од митови, национализам, популистички политики, политика на леб и игри, градењето споменици, наводната одбрана на името, Груевски доби аура на човек на провидението. Така Груевски доби митски атрибути, но негов голем квалитет, а наша несреќа, е што во суштина остана прост и приземен каков што е. На Груевски и по седум години диктатура и невиден криминал, се уште му се лепи етикетата дека е чесен и народен, неуморен работник, добар татко и сопруг. Се се тоа небулози! Но, тој се разликува како политичар од другиот мит кој го поддржува, а тоа е митот за неговиот братучед, уште еден семоќен фактотум. Дали сево ова е нормално?! Нормално дека не е. Не постои нешто полудо во една европска земја во 21-век. Луѓето вака не се однесувале кон своите лидери ниту во времето на антиката и средниот век, кога лидерот бил сфатен како божество. Тоа се случувало единствено во времето на одредени монарси кога народот бил потчинет во целина, или во услови на диктатури и тоталитаризми, кога народот е потчинет и опиен, кога се идентификува со лидерот или лидерот се идентификува со народот.

НЈ: Дали мислите дека Партократијата всушност е рак-рана на ова општество? Дали мислите дека треба да вршиме притисок сите партии однатре да се реформираат? Во споротивно граѓаните сами ќе влегуваат таму како би можеле “на сила“ да се корумпираат? Никој за ова не зборува, никој за ова не потегнува дијалог, расправа. Ако за ова нема дебата, прости ми што ќе бидам субверзивен – се враќаме не’ во 19-ти, ами во 18-ти век и’ на сето она што и претходеше на Француската буржоска револуција. Нешто драматично ќе се случи, а тоа не е добро.

ИМ: Но, нам веќе ни се случува француска буржоаска револуција и тоа во нејзината најлоша форма, во форма на теророт на Робеспјер. Оваа власт го сруши нашиот демократски поредок, лажејќи не дека ќе изградат правично и модерно општество, а воспоставија целосна диктатура. Проблемот конечно не е во партократијата, овдека имаме монопол од страна на една партија која во целина се идентификуваше со државата, и на тој начин ја присвои. И навистина, мене ми се смешни сите тие дискурси за реформирање на партиите одвнатре, во ситуација кога со нас владее партискиот режим на ДПМНЕ. Впрочем, таа тема власта долго време ја употребуваше за замајување на јавноста и за сатанизирање на опозицијата. Овдека имаме поиманентни теми, од небулозата како да се демократизираат партиите во услови на недемократско општество, раководено од тоталитарен партиски режим. Проблемот јас би го поставил поинаку, повеќе од само тоа да зборуваме како сите се исти, ајде малку да се загрижиме и да се запрашаме: како во овој период, сите навистина станаа исти. Ние само зборуваме, даваме лесни заклучоци кои се темелат на „рекла-казала“, а не сфаќаме дека токму таквото поведение, потоа не прави да се претвориме во тоа што го критикуваме. Нешто драматично ќе се случи, да, но само кога нашиот народ ќе почувствува автентична алтернатива, кога ќе види вистински примери на борба и на пожртвуваност.

НЈ: Кои се вашите лични предизвици во моментов? Низ вашите текстови прозвучуваат силни и либертаријански агенди – борба за човекови права, слобода на говор, слобода на индивиудата… Дали секојдневието е брутално за вас како човек кој има Либертаријански вредности? Дали граѓаните го препознаваат Доброто и Вистинитото?

ИМ: Мој личен предизвик? Да не се резигнирам, да не ја изгубам силата да се спротивставувам на режимското лудило, но и на лудило на сите останати кои ни тврдат дека ни е добро или, пак, оние кои не нудат вистински алтернативи. Да се остане нормален, што и тоа да значи во оваа нездрава средина! Да се пркоси и да се работи до крај, иако крај не постои, не само за личната слобода и подобар живот, туку за нешто поголемо, за слободата во нашето општество. Верувам сево ова изгледа претенциозно, но јас немам заблуди, ниту пак сум арогантен до степен да мислам дека правам нешто особено. Го правам она што можам, што мислам дека ни е потребно и без што не верувам дека можеме да живееме. Или, барем јас не можам да живеам. За тоа плаќам голема цена, за тоа плаќа цена и моето семејство. Верувам дека, да не го правев тоа што го правам, лично и финансиски ќе бев комотен, немаше да се чувствувам толку изолирано и тажно. Но, ќе требаше да бидам друг човек, со некоја поинаква свест. Секојдневието е брутално, но човек мора да се помири со своето секојдневие, со својот внатрешен немир. Проблемот е што бруталноста е причинета од надворешноста, од непомирливоста со бруталноста врз нашето заедничко секојдневие, а доброто или лошо носење со нејзе не ја менува ситуацијата.

Граѓаните препознаваат, во тоа сум убеден. Секој што раскажува се наоѓа во ситуација да се запраша дали вистината за која зборува ќе биде сфатена како таква. Јас сум емотивен наратор, кој не тактизира, кој не сака да биде носител на некоја апсолутна вистина, но отворено кажува како гледа на нештата и верува во тоа што го зборува. Граѓаните потоа споредуваат, мерат и вагаат, дали си кохерентен, дали си искрен, дали тоа што го зборуваш се поклопува и со нивната реалност. Јас сум свесен и за нешто друго, не само дека граѓаните го препознаваат доброто и вистинитото. Верувајте, секој наратор што е искрен самиот со себе, прв чувствува непријатност од сопствените зборови. Ти си првиот што го мрази тоа што го раскажуваш, и не си единствениот. Ќе те мразат оние кои не се согласуваат со тебе, а некогаш уште повеќе ќе те мразат оние што се согласуваат. Тешко е соочувањето со реалноста, со оваа гадотија од наша егзистенција. Некогаш, тој што е не подготвен да ја прифати или да се соочи со реалноста, ќе те мрази затоа што ја зборуваш вистината. Реалноста и нарацијата околу истата, функционираат на чудни начини, не секогаш е важна вистинитоста и добрината на искажаниот став. Важно е како граѓаните ќе се соочат со нив и дали ќе ги натераат на акција, на размислување, на споделување на некоја идеја за вистинитост и правилност, или ќе ги натера да се повлечат. Ете, ова го детерминира мојот суд за тоа дали граѓаните разбираат или не, и искрено, најчесто, голем дел разбираат.

Leave a Reply

Your email address will not be published.